1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Нобеловата награда за Хандке распламти морална дебата

СН/дв
11 октомври 2019

Доделувањето на Нобеловата награда за литература на австрискиот писател Петер Хандке е тема на бројни коментари во германските весници. Во секој од нив се споменува и спорната наклонетост на Хандке кон Слободан Милошевиќ

Nobelpreis Literatur 2019 Autor Peter Handke
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Jocard

Франкфуртер алгемајне цајтунг: „Деветте члена на жирито ја спасија Нобеловата награда за книжевност. Бидејќи, тоа всушност беше кафеанска идеја - наградата за 2018 година да се додели дури сега, дополнително, заедно со онаа за актуелната година. Но, одлуките добитници да бидат писателката Олга Токарчук за 2018 и Петер Хандке за 2019 година се литературно толку неприкосновени, што не е потребно понатаму да се разгледува прашањето дали и во која мера ова двократно доделување ги избалансирало добитниците. Делата на двајцата автори ги чинат достојни за добитници на Нобелова награда за литература.“

„Жирито докажа сувереност и со тоа што се одлучи за Хандке, кој е писател кој имено е спорен во друга област - онаа политичката. Неговото жестоко заземање на српската страна во југословенските војни во 90-тите години, а и потоа, наиде, не само во Германија, чија влада ги поддржа државите кои се отцепија од Белград и чија војска учествуваше во акцијата на НАТО против Србија, на огромен одек - и жестоки критики.

Фотографија: picture-alliance/G. Pichlkostner

По дебатата околу наградата на градот Диселдорф 'Хајнрих Хајне', која му беше доделена, Хандке реши да не го прими ова признание. Но, и на меѓународен план неговата целосна поддршка за Србија, која се движи до изразување симпатии за осудени воени злосторници, е земана за зло. Пред приемот на Ибзеновата награда, која ја доделува норвешката влада, дел од публиката во Осло во 2014 година го исвирка и го навредуваше Хандке. Нобеловата награда за литература ќе биде повод за повторна расправа на оваа морална дебата и жирито тоа го знаеше.“

Повеќе:

-Двајца Нобелови лаурати за литература

-Германски вундеркинд и „вљубеник“ во Караџиќ и Милошевиќ

-Хандке се откажа од наградата Хајне

„Тоа што делото на Петер Хандке за жирито имаше поголемо значење од ризикот за продолжување на дебатата за целите и за релевантноста на Нобеловата награда, е вистински одговор за критичарите на ова признание, меѓу нив и самиот Хандке, кој во 2014 година побара нејзино укинување, бидејќи таа создавала 'погрешна канонизација'. Сега не му беше тешко да ја прифати наградата. На 10 декември во Стокхолм со него на сцена ќе седи писателката Олга Токарчук која е од ист ранг“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Келнер штат-анцајгер: „Тешко е во Хандке да се види само генијален писател кој во политичките прашања некогаш сонувачки се движи по мраз. И покрај сите забелешки, никогаш не се дистанцирал од своето заземање за тиранинот (Слободан Милошевиќ), како ни од своето нечуено споредување на НАТО-интервенциите со Аушвиц: Тогаш беа гасните славини и коморите за убивање со куршум в глава, денес тоа се компјутерски убијци од 5.000 метри височина. Оној кој од своја страна ја коментира политиката од таа висина, не треба да се чуди ако го напаѓаат жестоко - што веројатно повторно ќе се случи по повод Нобеловата награда.“

Фотографија: Nobel Media/Niklas Elmehed

Рајнише пост: „Непредвидливиот Петер Хандке - за кого може само да се тврди дека беше голем поет, можеби еден од последните вистински поети. Некој кој ги набљудувал случувањата во светот од маргините. Некој кој се обидува да го одгатне животот додека размислува за џубокс, за умор, или додека опишува едно попладне. Само една добра страница проза и тоа е тоа, рече еднаш. Иако изгледа дека повремено се губи во деталите, секогаш ја опфаќа целината. Нобеловата награда за 76-годишниот писател без сомнеж е праведна и затоа изборот на стокхолмското жири не беше тежок избор. Па сепак, таа е изненадување. Хандке претходините години толку често беше во игра, што на крајот никој веќе не го сметаше за еден од фаворитите.“

„Оној кој сака да го разбере Хандке, мора да го чита. И тоа најдобро некоја од неговите постари книги кои се и најубави. Во 'Ужасот на празнината' од 1972 година тој раскажува за животот на својата мајка, ја опишува малограѓанската егзистенција, пишува за нејзиното самоубиство и штурите вести за тоа во весниците во Корушка. Словенското потекло на мајката и неговата залудна потрага по семејна топлина го доведоа до тоа да застане на страната на Србија во војната во Југославија. Во март 2006 година Хандке отпатува на погребот на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија, кој беше обвинет пред трибуналот за воени злосторници и беше наречен балкански касап.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми