Нобелова награда за литература за Харолд Пинтер
13 октомври 2005Академијата, соопштувајќи го денеска решението, образложи дека англискиот драматург Пинтер во своите драми „ја разоткрива бездната под секојдневните разговори и го пробива влезот во затворените соби на угнетувањето“. Пинтер е најистакнатиот претставник на англиската драма во втората половина на 20-от век, оценува Академијата.
Доделувањето на Нобеловата награда на Харолд Пинтер, кој пред три дена наполни 75 години, дојде целосно неочекувано. Тој своите први дела ги објави во 1950-та година. Една од неговите најуспешни драми е “Враќање“ објавена во 1965-та година, а последно големо дело му беше „Измамени“ од 1978-ма. Пишуваше и сценарија за филм и за телевизија.
Во образложението Кралската шведска академија го спомнува и неговиот ангажман во кампањите за одбрана на човековите права. Пинтер остро ја критикуваше ирачката војна и премиерот Тони Блер поради учеството на британски војници во инвазијата.
Изборот на добитникот на Нобеловата награда за литература по традиција е меѓу најспорните решенија. Наградата е дотирана со 1 милион и сто илјади евра, а врачувањето ќе биде на 10-ти декември, денот на смртта на Алфред Нобел.