1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Нобелова награда за медицина за двајца научници од САД

ЖА / агенции
4 октомври 2021

Американските научници Дејвид Џулиус и Ардем Патапутиан ја добија годинешната Нобелова награда за медицина за откривање на рецептори за температура и за допир.

Infografik Artikelbild Nobelpreis Medizin Symbolbild

Комитетот за доделување на Нобеловата награда за медицина одлучи таа годинава да припадне на американските научници Дејвид Џулиус и Ардем Патапутиан, за нивниот придонес со откритија од областа на соматосензорскиот систем, конкретно за сензорите за температура и допир во човечкото тело.

Со своите истражувачки реултати Џулиус и Патапутиан објаснија на каков начин „жештината, студот и механичкиот притисок предизвикуваат нервни импулси, преку кои ние го перцепираме светот и се прилагодуваме на него.  Во нашето секојдневие овие чувства ги сметаме за разбирливи сами по себе, но на каков начин се создаваат нервните импулси за да може да се осети температурата и притисокот – на ова прашање одговорија двајцата научници со своите експерименти“,  се вели во образложението на Комитетот, во кое се додава дека сознанијата ќе бидат искористени во третманот на бројни заболувања и тегоби, како на пример хронични болки.

65-годишниот Џулиус, професор на Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско и во 1967. година родениот Ардем Патапутиан, по потекло од Либан, кој истражува на Институтот Скрипс во Калифорнија, ќе ја поделат дотацијата на наградата која изнесува 985.000 евра.

Со оглед на размерите на пандемијата на коронавирус, многумина очекуваа оваа година наградата да ја добијат научниците кои помогнаа во нејзиното сузбивање, како на пример оние кои ја открија вакцината на база на иРНК. 

Објавата на добитниците на Нобеловата награда за медицина претставува вовед во недела во која ќе следат обелоденувањата на добитниците на Нобеловата награда за физика, хемија, за литература и за мир.

В понеделник ќе биде познат и добитникот на наградата за економски науки, спонзорирана од Шведската банка.

Нобеловата награда се доделува веќе 120 години, а се врачува на 10. декември, денот на смртта на Алфред Нобел, пронаоѓачот на динамит и експлозивен желатин.

Поради пандемијата на коронавирус, и годинава признанијата нема да бидат предадени во рамки на голема церемонија во Стокхолм, туку на помали манифестации во родните земји на добитниците. Дали Нобеловата награда за мир годинава ќе биде доделена во Осло, според традицијата, уште е отворено прашање. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми