Нобелова награда за мир за ИАЕА и Барадеи
7 октомври 2005Наградата која тежи 1,1 милион евра на Меѓународната агенција за атомска енергија и Мохамед Ел Барадеи им се доделува за нивниот ангажман за неширење на нукеларното оружје во светот.
За годинашната Нобелова награда за мир имаше 199 кандидати.
Секоја година, покрај Нобеловите награди за особени достигнувања во науката, односно физика, хемија, медицина и литература, се доделува и награда за придонес во зближувањето на народите, за придонес во борбата против оружјето и за мир. Наградата ја доделува комисија што ја составува парламентот на Норвешка.
Нобеловата награда за мир е единствената што се предава во Норвешка. Сите други Нобелови награди се доделуваат во Шведска. Зошто е тоа така, Алфред Нобел не објаснил во тестаментот што го оставил. Се претпоставува дека можеби имал повеќе доверба во норвешкиот парламент отколку во некоја шведска институција, или,пак, сметал дека соседната земја која со Шведска била во унија од 1814 година, е еден вид помлад партнер, па редно е и таа да додели некоја од наградите, вели секретарот на норвешкиот Нобелов комитет, Геир Лундестад.
Инаку, од сите годинашни награди, не е доделена уште само Нобеловата награда за литература. Кралската шведска академија ќе го објави добитникот веројатно наредниот четврток. Името се обледоенува традиционално во првиот, или вториот четврток во октомври. Поради конфликтот на Блискиот исток, меѓу фаворитите годинава е сирискиот поет Адонис.