Нобелова награда за мир 1994
14 октомври 2004Оптимистичките очекувања од Осло дека храбар политички процес може да го оконча крвавиот конфликт, не се остварија. Владеат недоверба, отуѓување и насилство, каде што помирувањето меѓу Палестинците и Израелците се чини како слабо треперење на хоризонтот.
“...Наградата му се доделува и на Јасер Арафат кој го напушти патот на конфронтацијата во полза на дијалог и го отвори патот за мир меѓу нас и палестинскиот народ, народ на кој му посакувам се надобро во иднина“.
Тоа беа зборовите на тогашниот израелски министер за надворешни работи Шимон Перез. Денес малку кој верува дека Нобеловата награда за мир ја добија палестинскиот претседател Јасер Арафат, тогашниот израелски премиер Јицак Рабин и неговиот министер за надворешни работи Шимон Перез. Повеќе звучи како виц или лоша шега. Дали тоа беше погрешна одлука на жирито? Израелскиот историчар Моше Цимерман:
“Отпосле се подобро се знае и може да се каже: делумно тоа беше погрешно решение, или решение што дојде прерано. Сепак мора да се признае дека Нобеловата награда беше доделена за напорите за мир. А, во 93-94 се чинеше дека тие напори успеваа“.
По неколкумесечни тајни преговори во Норвешка, Израел и ПЛО постигнаа сензационален пробив. Рабин и Арафат на 13 септември 93 во Вашингтон потпишаа “Изјава за принципите за преивремена самоуправа“. Како предуслов ПЛО вети да ги избрише сите пасажи од неговата повелба во која се повикува на уништување на Израел. Врз основа на таа изјава во мај 94 во Каиро беше склучен договорот Газа-Ерихон кој на Палестинците им обезбедуваше во тие подрачја делумна автономија и враќање на армијата од тие подрачја. Следуваше друг договор од 95 за целиот Западен брег. Независно од палестинската самоуправа, меѓутоа, меѓу другото остана контролата на Израел врз безбедноста на израелските населби во палестинските подрачја. Рабиновите територијални отстапки наидоа на многу внатрешни непријатели на планот, меѓу нив и 27-годишниот Јигал Амир. Тој го уби Рабин на 4 ноември 95-тата, за време на една мировна манифестација во Тел Авив. Ќерката на Рабин, Далија Рабин Пелософ, подоцна изјави:
“Процесот од Осло на тој начин не пропадна зашто не беше во целост остварен. Процесот Осло на 4 ноември 95 беше убиен. Зашто само Јицак Рабин ја имаше способноста да го оствари тој процес“.
По пропаднатите преговори во Кемп Дејвид во летото 2000 и по една, како провокација оценета посета на Ариел Шарон на ерусалимскиот Рид на Храмовите, започна втората Интифада. Вооруженото востание досега ги однесе животите на преку 3 илјади Палестинци и на околу илјада Израелци. Моше Цимерман:
“За жал, мора да се каже дека мировниот процес од Осло е мртов. Беше предвидено создавање палестинска држава. Патот до тоа, и со новиот мировен план, е ,многу далеку. Беше предвидено и расчистување на окупираните подрачја, расчистување на еврејските населби. Она што вистина се случи е дека населбите станаа поголеми и посилни, а нивната позиција на израелската политичка сцена уште повеќе зацврстена“.