1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата грчка влада нагласено проевропска

Јанис Пападимитриу
10 јули 2019

Новата грчка влада, на чело со Киријакос Мицотакис, денеска започнува со работа. Во надворешната и европска политика таа ќе полага на континуитет, меѓу другото и во однос на Договорот од Преспа, сметаат аналитичари.

Griechenland Kyriakos Mitsotakis in Athen
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Stavrakis

Киријакос Мицотакис во предизбораната кампања вети „помалку даноци, повеќе инвестиции“. Најдоцна до август, новиот премиер од конзервативната Нова Демократија сака да испорача резултат и поднесе нов закон за оданочување пред парламентот. Неговите приврзеници веќе се радуваат на намалување на даноците. Дали властодржците во Атина повторно се во дарувачко расположение - како и тогаш, пред должничката криза? „Секако не“, смета конзервативниот европратеник Јоргос Кирцос. Непријатни изненадувања се последно нешто што треба да се очекува од Мицотакис, уверува тој. Новиот премиер сака прво да ги намали трошоците на владата, па дури во вториот чекор да ги разгледа можностите за добродетелство, вели Кирцос за ДВ.

Грција во август 2018 година беше ослободена од стегите на програмата за спасување на меѓународните кредитори, но и натаму останува на краток поводник. „Построг надзор“, гласи концептот. Со други зборови, дури и ако не течат нови кредити, јавните финансии на Грција на секои три месеци се разгледуваат од страна на Европската комисија. Со тоа треба да се осигура дека ветените реформи се спроведуваат. Подетално за темата ќе биде разговарано на средбата помеѓу шефот на фондот за спас на еврото (ЕСМ) Клаус Реглинг и новиот грчки премиер наредната недела во Атина.

Повеќе:

-Новата грчка влада положи заклетва

-Грција: Промена на власта среде одмори

-Ципрас и Заев изградија цврсти темели, ќе го издржат ли Мицотакис?

Според извештаите на грчките медиуми, Мицотакис се очекува да отпатува во Берлин кон крајот на август на разговори со германската канцеларка Ангела Меркел. „Тој ќе дејствува чекор по чекор, прво ќе испорача резултати и дури потоа ќе ги замоли своите партнери во ЕУ за поголем маневарски простор во финансиската политика“, вели Кирцос. Избрзани одлуки како во Италија, со Мицотакис нема да се случуваат. Во полза на  внимателниот пристап говори и фактот дека умерениот политичар Христос Стаикурас е именуван за министер за финансии, истакнува Кирцос.

Христос СтаикурасФотографија: Reuters

Речиси без нови тонови кон Турција

Новиот министер за надворешни работи Никос Дендиас добива многу работа. 60-годишникот се смета за „мек во зборот, но цврст во делата" и за политичар кој не бега од тешките одлуки. Како министер за правда, тој на времето беше иницијатор на кривичната постапка против неонацистичката партија „Златна зора". Сега на дневен ред се наоѓаат тешки односи со Турција - во период во кој Атина и Анкара спорат за наоѓалиштата на природен гас во кипарските води. „Тензиите меѓу двете земји веројатно ќе продолжат", вели за ДВ Танос Докос, шеф на атинскиот тинк-тенк ЕЛИАМЕП. И по промената на власта, Грците ќе продолжат да ја негуваат својата енергетскa алијанса со Кипар, Египет и со Израел во источниот Медитеран, а ако е можно дури и ќе ја прошират. Со Јордан веќе постои приближување. 

Никос ДендиасФотографија: DW/P. Kouparanis

Во секој случај, за енергетскиот сојуз постои согласност меѓу политичките партии во Атина. Проектот беше кооснован од страна на поранешниот социјалистички премиер Јоргос Папандреу, а неговите наследници  од Нова Демократија - Андонис Самарас и од СИРИЗА Алексис Ципрас, исто така, дадоа придонес за тоа. Сега на ред е Мицотакис, вели политикологот Докос. Тој не верува дека ќе дојде до нов отворен спор во Егејското Море. „Се разбира, ќе важи нешто сосема друго, доколку Турција би ги земала на нишан грчките острови, како Кастелоризо (три километри од турското крајбрежје), тоа ќе биде нешто друго", вели тој. Повеќе за сето ова можеби ќе се дознае за време на претстојната посета на Киријакос Мицотакис на Кипар. Точниот датум сѐ уште не е утврден. „Првото патување во странство на секој нов грчки премиер традиционално води на Кипар“, посочува Докос.

„Северна Македонија“ веројатно не е доведена во прашање

Критиката на грчките конзервативци за Договорот за Македонија на владата на Ципрас наиде на неразбирање во многу европски метрополи. Со промената на името во Северна Македонија, Грција и нејзиниот северен сосед го надминаа нивниот долгогодишен спор за името и го отворија патот за влез во НАТО на младата балканска држава. Во опозициските денови Мицотакис балансираше во шпага и го отфрли договорот - но со забелешка дека не му преостанува никаков друг избор освен да ги исполнува  меѓународните обврски на Грција, доколку дојде на власт. Што сега?

„За домашни политички причини Мицотакис беше принуден да настапува погласно", вели шефот на ЕЛИАМЕП, Танос Докос. Сега тој ќе го почитува договорот, но притоа подробно прецизно ќе внимава и северниот сосед да го прави тоа. Севкупно, Докос верува дека новиот премиер сака посилно да се вклучи во одлучувањето во ЕУ: „Големи пресврти не се за очекување, но верувам дека Грција под Мицотакис ќе преземе поактивна улога - и тоа особено во тековната дебата за заедничката безбедносна политика во Европа."

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми