Мицотакис! Постарите Грци добро се сеќаваат на името на поранешниот премиер, чиј син сега го презема раководењето со земјата. Денеска свечена заклетва положија новите министри во неговиот кабинет.
Реклама
Два дена по победата на конзервативната Нова Демократија на предвремените парламентарни избори во Грција, новата влада на премиерот Киријакос Мицотакис положи свечена заклетва во Атина, јави грчката државна телевизија ЕРТ. Покрај шефот на владата и еден вицепремиер, кабинетот има уште 18 министри. Составот на владата е, според многу набљудувачи, проевропски.
Мицотакис, кој положи заклетва вчера, вети дека земјата ќе ја направи поволна за работење, ќе ги намали даноците и ќе преговара за олеснување на драконските буџетски услови договорени како дел од грчката програма за спасување. Новата влада, која положи заклетва пред атинскиот владика Јеронимос, во голема мерка ја сочинуваат искусни политичари кои служеа во претходните влади, но вклучува и технократи кои се сметаат за стручњаци во своите области.
Мицотакис, со оглед на и натаму големите предизвици поврзани со грчката должничка криза, клучната функција - министер за финансии му ја довери Кристос Стаикурас. Тој е економист и инженер кој беше заменик министер во претходната влада. Нов министер за надворешни работи е Никос Дендиас, кој беше во министерството за развој, одбрана и јавен ред.
Новите министри се обврзаа дека напорно ќе работат на исполување на ветувањата на Нова демократија без одложувања.
„Ниту еден ден одмор. Денеска е почеток на напорната работа“, рече Адонис Гордијадис, кој го презема новоименуваното Министерство за развој и инвестиции. Новиот министер за животна средина, Костас Хацидакис, вети „умереност и брзина за ефективна политика“.
„Ветуваме дека ќе ги вложиме сите можни напори за да се соочиме со бројните предизвици кои ни претстојат“, рече новата заменичка на министерката за образование Софија Закараки.
Новиот владин кабинет би требало да ја одржи својата прва седница утре во 11 часот. Партијата Нова демократија на Кирјакос Мицотакис победи на минатонеделните избори освојувајќи 158 пратенички места, односно 72 повеќе мандати во однос на сега веќе опозициската СИРИЗА на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
Куса историја на грчката должничка драма
Грција со години се мачеше со огромниот долг. Од референдумите за ЕУ и пакетот помош од ММФ до подемот на крајната левица - ДВ прави пресек на клучните моменти од кризата и начинот на кој Атина излегува од неа
Фотографија: picture-alliance/AP/P. Giannakouris
Почеток на кризата
Како последица на светската економска криза, тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу во 2009 откри дека буџетскиот дефицит надминал 12 проценти, двојно повеќе од проектираното. Подоцна достигна и 15 проценти, далеку над границата на ЕУ од 3 проценти. Откритието ги поттикна рејтинг агенциите да го спуштат статусот на Грција, поради што Атина имаше проблем да се задолжува.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis
Нереди поради мерките за штедење
Во обид да ѝ помогнат на Атина, ЕУ и ММФ се согласија да ја спасат Грција во 2010. Програмата предвидуваше мерки за штедење за кратење на буџетскиот дефицит, чекор кој многу Грци не го прифаќаа. Започнаа протести и демонстрации низ целата земја кои често завршуваа со судири со полицијата. Масовните протести кои започнаа во 2011 траеја со години.
Фотографија: picture alliance/AP/E. Morenatti
Подемот на периферните партии
Гневни поради растечката невработеност и сиромаштија, мнозинството Грци во 2012 година гласаа за периферни партии кои се спротивставуваа на штедењето и мерките за помош. Откако првите избори не донесоа јасен победник, се одржаа уште едни. На нив победи конзервативната Нова демократија. Партијата ја прифати програмата за штедење.
Во 2015, Грците ѝ дадоа на левичарската Сириза мандат да формира влада на вонредни избори, по што Атина влезе во судир со Брисел. Во јуни, премиерот Ципрас најави референдум за програмата на ЕУ. На 30 јуни, Грција стана првата развиена економија во светот која не успеа да плати долг кон ММФ. Атина наметна контроли за да го спречи бегството на капитал од земјата.
Фотографија: picture-alliance/AP/D. Ochoa de Olza
Пресвртна точка
Референдумот заврши со отфрлање на условите на ЕУ, откако 61 отсто од граѓаните гласаа против новата програма за спас. Но, тоа не ја спречи владата на Ципрас да ги прифати условите на Брисел, поради што оставка поднесе министерот за финансии Јанис Варуфакис. Тоа ѝ овозможи на Грција да избегне излегување од еврозоната и да добие помош во износ од 86 милијарди евра.
Како дел од програмата за спас од 2015, Грција усвои економски реформи кои вклучуваа намалување на јавната потрошувачка и приватизација на државните фирми. Две години подоцна, ММФ побара од Брисел да ги олесни условите и да усвои отпишување на долговите. За Грција да ги исполни условите, Ципрас се согласи да ги прошири даночните и пензиските реформи.
Фотографија: picture-alliance/dpa/CTK/P. Svancara
Крај на една ера?
Во август 2018, Грција официјално ја напушти програмата за штедење, а претставници на ЕУ тоа го нарекоа „почеток на ново поглавје“. Комесарот Пјер Московиси изјави дека Грците „можеби не чувствуваат подобрување“, но ЕУ ќе продолжи „да работи со вас и за вас“. Но, со високата невработеност и огромната сиромаштија, многумина се сомневаат дека ова е навистина крајот на кризата.