1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата Европска комисија без комесар за проширување?

Силвера Падори-Кленке7 август 2014

Иако новиот состав на Европската комисија ќе биде обелоденет на крајот на месецов, извори на ДВ велат дека, комесарот за пороширување Филе нема да има наследник, зашто до 2019 година - нема да има прием на нови членки

Фотографија: picture-alliance/dpa

Ќе се случи ли комесарот за проширување Штефан Филе во новата Европска комисија да остане без наследник? Не поради тоа што нема кандидати, туку заради тоа што проширувањето на ЕУ нема да е топ-приоритет на Комисијата, па оттаму и ќе се „штеди“ на фотелјата на комесар за овој ресор. Оваа, не особено оптимистичка вест за Западен Балкан и идните претенденти на ЕУ членството, ја дознава Дојче веле од свои извори во Брисел. Во европските институции, наводно, се говори и се шпекулира дека функцијата Комесар за проширување до 2019 година - заминува „на времен принуден одмор“.
Неофицијалните информации од Брисел за укинување на позицијата „комесар за проширување на ЕУ“ во претставништвото на Европската комисија во Берлин не ги коментираат. Изворот на ДВ, меѓутоа, вели дека гласините од бриселските кулоари дека „Штефан Филе е последниот кој ги бранел интересите на Западен Балкан“, можеби и не се чиста шпекулација, особено ако се има предвид изјавата на Жан-Клод Јункер околу проширувањето. Поточно тој официјално, јасно и гласно се изјаснил дека во наредните пет години нема да има ново проширување на ЕУ. Негови приоритети за наредниве години се вработувањата, економскиот пораст и инвестициите. Оттаму, доколку до 2019 година нема нови членки во ЕУ, односно доколку се’ остане на преговорите, а нема официјален прием, зачи и дека нема да има потреба од нов комесар. Сите ангажмани околу темата - проширување (контакти, следење на состојбите, подготвување извештаи за напредок), би биле преземени од некој од веќе постоечките директорати во Комисијата, што значи работите и натаму ќе си течат.

Сепак, настрана од гласините, останува да се почека последниот збор на Јункер (30. август) околу составот на неговиот тим. Инаку, изворот на ДВ подвлекува дека и без комесар, земјите од Западен Балкан кои веќе се на европскиот пат , остануваат во фокусот на Комисијата. Ова значи дека и натаму мора да им се понуди нешто конкретно за иднината, а тоа се добро дотираните програми за проширување кои имаат за цел земјите од Западен Балкан да ги достигнат стандардите на ЕУ во периодот пред да станат полноправни членки.

Кој ќе биде иден партнер за дијалогот на високо ниво што го води Македонија со ЕУ?Фотографија: MIA

Конкретна или формална поддршка на регионот?

Во оваа функција, и никако поинаку, добрите познавачи на регионот ја толкуваат и средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во Берлин (28 август) иницирана од канцеларката Ангела Меркел. На надворешно политички план Германија последниве два месеци повторно се фокусира кон Западен Балкан. Конференцијата во престолнината, би требало да биде прва од серијата која би следувала. Покрај лидерите од земјите од регионот и ресорните министри за економија, на средбата ќе учествуваат и се' уште актуелниот шеф на Европската комисија Барозо, како и комесарот за енергетика Етинген. Најавено е и присуството на гости од Австрија, Холандија и Франција, земјите кои доколку се' се одвива како што е замислено, би биле наредни домакини на средбите со лидерите од Западен Балкан.
Покрај политичкиот аспект на конференцијата, главен конкретен ефект се очекува од економскиот дел. Како што подвлекува и во поканата домаќинот на средбата во Министерството за економија и енергетика, вицеканцеларот Зигмар Габриел, „регинот и во иднина има големи шанси. Од геополитички аспект земјите од Западен Балкан имаат централна улога кога се во прашање европските енергетски и сообраќајни проекти“. На агендата во економсиот дел од конференцијата за Западен Балкан, покрај соработката со регинот во доменот на енергетиката, технологијата и инфраструктурата, се и следење на состојбата со вработувањата и со инвестициите.

Блокадата врз Македонија - незаобиколива

Што се однесува до политичкиот дел, секако дека детално ќе биде разговарано за тоа до каде на европскиот пат е стасана секоја земја од регионот. Кога е во прашање Македонија, и по пет препораки на Комисијата, поради грчката блокада состојбата е непроменета. Последните значајни поместувања на европската агенда датираат од 1. октомври 2009 година кога Европската комисија донесе предлог Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ, по што на 29. март 2012-тата, беше донесено и преодното (принудно н.з.) решение за дијалогот на високо ниво меѓу Македноја и ЕУ. Поради ваквиот ќорсокак во спорот со името меѓу Македонија и Грција, ДВ го праша Рихард Кинел, претставник на Европската комисија во Германија: Не ќе биде ли предизвик за новата Комисија да го реши спорот со името и конкретно да се заложи за проблемот, како што тоа го своевремено го направи во спорот меѓу Хрватска и Словенија, или лани меѓу Србија и Косово?
„За разлика од посредништвото на Комисијата меѓу Србија и Косово, каде во прашање беа две држави кои не се членки на Унијата, во случајот на спорот со името меѓу Македонија и Грција, едната страна е членка на Унијата. Заради тоа, Европската комисија не може длабоко да се инволвира. Но, нашите позиции се јасни: Македонија е зрела за почеток на пристапните преговори. Позитивните предуслови значи се дадени, но потребен е и политичкиот мандат за овој чекор, кој треба да го дадат едногласно сите земји членки на ЕУ. Европската унија е сојуз на суверени држави. Во случај кога политичкиот мандат не е добиен и кога една или две држави се против, не можеме како Комисија ништо да направиме“, одговара Рихард Кинер, прв човек на претставништвото на Европската комисија во Германија.

Комисијата е немоќна кога нема согласност од сите за почеток на пристапните преговори со Македонија. Рихар Кинел.Фотографија: DW/S. Padori-Klenke
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми