1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата косовска влада- алатка за договор со Србија

Милица Андриќ-Ракиќ
3 јуни 2020

Косовскиот парламент ја изгласа новата влада. Пред неа е јасна задача- дијалог со Белград. Но до реализацијата на таа задача ја очекува тежок пат и скапи политички одлуки. За тоа се погрижи Албин Курти.

Kosovo Avdullah Hoti
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Косовскиот парламент ја изгласа новата влада предводена од Авдула Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК). Хоти ќе го замени Албин Курти со чија работа, според анкетите, биле задоволни 60 отсто од граѓаните.
Падот на владата на Курти, која беше меѓу најпопуларните во историјата на земјата, се припишува на одбивањето соработка со специјалниот пратеник на претседателот на САД за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел. Во косовската јавност провејува ставот дека владата на Курти е урната поради одбивањето да се укинат таксите за увоз на стоки од Србија. Притоа, се очекува новата влада да го стори токму тоа, па таа веќе се нарекува „Влада за дијалог“.
Таксите за српските производи ги воведе владата на Рамуш Харадинај во 2018 година. Курти не сакаше да ги укине, додека Хоти ќе мора, но тоа скапо ќе ја чини неговата коалиција.
Во последните денови од владеењето, Курти го забрани увозот на српски производи доколку на нив не пишува дека се наменети за „Република Косово“. Ефектот од таа одлука беше ист како и претходната- имено целосно го запре увозот од Србија.
Но, симболички, за новата косовска влада, ќе биде уште потешко да се укине „Република Косово“, одошто да се укинат таксите од 100 проценти.

Подготвеност за дијалог

Аналитичарот од Штрпци, Милош Миловановиќ смета дека новата влада ќе биде поотворена за дијалог и ќе ги менува одлуките на претходната.
„Владата на Авдула Хоти ќе има доволно простор да ги повлече одлуките на претходната влада, но и да креира наратив во кој дијалогот ќе биде претставен како неопходен во контекст на односот на Приштина со меѓународната заедница, САД и ЕУ“, вели Миловановиќ.
Со таа оценка се согласува и Доника Емини, извршна директорка на платформата „Цивикос“- Хоти ќе ги укине реципрочните мерки под изговор за спасување на стратешките партнерства, вели таа.
„Новата влада се формира со една цел- да го отвори патот за конечен договор со Србија. До денес новата влада беше неодредена кога е во прашање нејзината програма и листата на приоритети, но затоа веќе потврдија дека дијалогот ќе им биде главен приоритет“, вели Емини. Тоа сепак не значи дека новата влада ќе има големо влијание врз тоа како ќе изгледа договорот со Србија.
„Новата влада ќе биде поподготвена на соработка со Тачи, поточно очекувам да му биде подредена на Тачи и ќе има минимално влијание на тоа како ќе изгледа конечниот договор“, вели Емини.
Аналитичарите предвидуваат слаба влада, со тенко мнозинство од само еден пратеник во парламентот.
„Владата ќе биде само алатка за постигнување договор со Србија, по што ќе падне и со тоа ќе се отвори пат за нови избори“, проценува Емини.

Протест на Самоопределување во Приштина против уривањето на владата на Албин КуртиФотографија: Reuters/L. Hasani

Чекор назад за Косово

Од целата новонастаната ситуација на крајот ќе профитира само движењето Самоопределување на Албин Курти, предвидува Ејдан Хехир, професор на меѓународни односи на Универзитетот во Вестминстер.
„Самоопределување и натаму е многу популарно и треба да биде во позиција да ги искористи бројните мани на коалицијата околу ЛДК, како на улиците, така и во парламентот. Надежта за промени која се создаде кај граѓаните не се намалува и јавноста јасно укажува дека ја поддржува агендата на Самоопределување“, вели Хехир.
Пред преземањето на власта, еден од главните стравови во врска со Самоопределување беше нивниот капацитет за управување. Такви сомнежи повеќе нема, вели Хехир.
„Самоопределување ги отфрли сите сомнежи во врска со капацитетот за управување, со компетентниот начин на кој ја водеа владата, додека старата гарда и нивните странски покровители бараа начин како да ја урнат владата. Падот на владата е чекор назад за Косово, но тој исто така сликовито ни открива до која мерка е државата заробена. Тоа, парадоксално, може и да го забрза крајот на старата корумпирана елита“, вели Хехир.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми