1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата надеж на Шпанија

Штефани Милер
8 јуни 2018

Социјалистот Педро Санчез со својот нов владин кабинет предизвика еуфорија во Шпанија. Сега е на ред реализирање на високите очекувања на народот, смета Штефани Милер.

Spanien Madrid Pedro Sanchez stellt neues Kabinett vor
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Soriano

Атрактивните луѓе и во Шпанија треба да се подготвени да бидат сметани за глупави. На свој грб, дури и во сопствената партија, Шпанската социјалистичка работничка партија, тоа го почувствува и самиот Педро Санчез, кој е висок по раст и спортски граден. По пучот на старата партиска гарда против него пред две години, го сметаа за главен губитник. Но, 46-годишникот не сакаше да признае пораз, туку тргна во потрага по сојузници. Уште во 2016. година планираше конструктивен импичмент против владата на конзервативецот Маријано Рахој, но не успеа да обезбеди мнозинство во парламентот. Сегашниот втор обид значи пресвртница за Шпанија. Првпат во поновата историја на шпанската демократија, земјата доби нов премиер не преку избори, туку преку изгласување недоверба на претходниот.

Смената на власта многумина конзервативци ја оценуваат за недемократска, но кај шпанскиот народ расте еуфорија.  Во изборот на своите министри, Санчез се раководи од принципите на искуство, интернационалност, омиленост и стручна компетентност. Тоа посебно важи за каталонскиот евро-политичар Жозеп Борел како нов министер за надворешни работи, популарниот астронаут Педро Дуке како министер за технологија и  високорангираната службеничка од Европската комисија Надја Калвино во економскиот ресор.

Тежок дијалог со Каталонија

На изненадување на неговите политички противници,  социјалистот, кој стартуваше како губитник, сега станува носител на надеж за земјата,  која уште се бори со последиците од финансиската криза во 2012. година. На Шпанија дополнително сѐ уште ѝ се заканува и опасноста од отцепување на Каталонија. Регуларните избори во Шпанија се планирани за 2020. година, но со оваа тукушто презентирана влада, Санчез има добри шанси да остане до крајот на мандатот, и тоа без оглед што неговата партија има само 84 од вкупно 340 мандати во шпанскиот парламент, а Сенатот е цврсто мнозински во рацете на конзервативците.

Штефани МилерФотографија: privat

Санчез, кој презентираше тим составен од „ѕвезди“, сега мора да се прифилира како посредник, пред сѐ во со месеци стагнирачкиот конфликт со Каталонија. Новиот каталонски регионален шеф Квим Тора и натаму планира да се бори за независност на Каталонија, но сепак е отворен за дијалог. Финансиите на сеператистичката провинција засега и натаму ги контролира Мадрид. За тоа се погрижи првенствено новата шпанска вицепретседателка Кармен Калво. Зад кулиси се зборува дека новата влада би можела да ослободи некои каталонски политичари од затвор, каде се поради соучество во организирањето на, според шпанските закони, илегалниот референдум за самостојна Каталонија. Потегот би можел да даде нов импулс на преговорите со каталонската регионална влада, во последно време заглавени во ќорсокак.

Корупцијата веќе не е прифатлива

Промените иницирани од Санчез можат да водат и кон построго справување отколку досега со непотизмот, затајувањето данок и корупцијата. Конзервативците кои беа до пред кратко на власт, во голема мера сносат одговорност за шпанската криза со недвижности, поради својата инфраструктурна политика, во што преднични поранешниот партиски челник Хозе Марија Азнар. Двете партии, Шпанската социјалистичка работничка партија и Народната партија, се вплеткани во бројни корупциски афери. Со оглед на посточките високи државни долгови, новата министерка за финансии Марија Хезус Монтеро ќе мора да врши драстични сечења. Освен тоа, таа ќе мора да инсистира и на поголема солидарност од богатите луѓе во земјата, кои радо своите пари ги преместуваат во даночните оази.

Новата министерка за труд Магдалена Валерио планира намалување на разликите во примањата и зголемување на просечната плата, која моментно изнесува околу 25.000 евра бруто годишно. Во Германија таа е речиси двојно повисока, а притоа трошоците за живот се речиси исти. Во политиката на доселување уште не се наѕира јасна линија, се чини таа не е приоритет на Санчез. Но, можна е брза промена: изминатите денови повторно стотици бегалци стигнаа до шпанскиот брег. Прифатните центри и крајбрежната стража досега немаа доволно средства за ефективно сузбивање на илегалното доселување и адекватно згрижување на пристигнатите луѓе.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми