1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата одржлива стратегија за развој на ОН

Х. Јепесен/Б. Георгиевски24 септември 2014

Се кројат конечните планови за иднината на Обединетите нации. Тие треба официјално да бидат усвоени есента 2015 година. За какви насоки се работи треба да се разјасни деновиве.

Фотографија: Behrouz Mehri/AFP/Getty Images)

Свет во кој на сите луѓе ќе им оди добро и во кој природата, и покрај индустријализацијата и пренаселеноста, ќе може да се опорави. 17-те цели за одржлив развој треба тоа и да го овозможат. Дефинирањето на новата стратегија и плановите за иднината на ОН е неизбежно, бидејќи следната година престанува важењето на Милениумските развојни цели.

„Новите цели се дефинирани врз основа на она што го научивме обидувајќи се да ги реализираме претходните. Се концентриравме на она што им недостасуваше на милениумските цели“, вели Паул Лад, шеф на „Пост-2015-та“ тимот на Програмата за развој на ОН, УНДП. „Целите на одржливиот развој добиваат поширока примена, за да одговорат на новите предизвици“.

Новите 17 цели, кои ќе ги претстави работната група во Њујорк, би требало да ги обврзат индустријализираните земји на примена на новата стратегија за одржлив развој. Загадувањето на животната средина, климатските промени, сѐ поголемата општествена нееднаквост и нерационалната експлоатација на природните ресурси, претставуваат глобални проблеми, кои единствено глобално и можат да се решат.

„Тоа сознание, дека сѐ е поврзано едно со друго, и дека на крајот структурните причини кои доведуваат до сиромаштија, мораат да се решат, верувам на сите им стана јасно“, вели Тобиас Хаушилд, експерт за основни социјални права и развој при организацијата „Оксфам“ во Германија.

Тој го поздравува обврзувањето на индустријализираните земји на поголема одговорност, но предупредува од преран оптимизам, меѓу останатото, и поради фактот што новите цели ќе бидат усвоени следната година.

„Прашање е какви обврски ќе имаат државите, а особено во која мера сите тие земји ќе прифатат да ги исполнуваат обврските под контрола на ОН“, вели Хаушилд.

Фотографија: CESS

Глобална нееднаквост

Во нацртот на новите цели, се потенцира проблемот на растечката нееднаквост - не само меѓу богатите и сиромашните, туку и во самите држави. „Политички гледано, тоа е жешка тема, бидејќи нееднаквоста е составен дел од системот на пазарната економија“, вели Паул Лад.

Според Хаушилд, оваа цел е многу прогресивна. „Кога 85-те најбогати земји во светот заработуваат колку 3,5 милијарди население, значи како половината од светската популација, тогаш морате да го отворите прашањето за рамноправната поделба“.

Новина во стратегијата на ОН е што во остварување на целите ќе можат да се вклучат и граѓаните, па и интересните групи, а не само владите на земјите-членки. „Клучните нешта кои се предмет на расправа - производството, консумацијата, потрошувачката, мораат да бидат дел од општеството. Во спротивно, нема да имате политичко мнозинство, ниту промени на индивидуално ниво“, вели Бернд Борнхорст, претседавач на ВЕНРО, мрежа на невладини организации со програми за одржлив развој во Германија.

Според него, пресуден момент ќе биде кога целите ќе бидат и формално усвоени следната година. Бидејќи од целите произлегуваат и конкретни обврски „кои ќе бидат следени и проверувани, а потоа и ќе се утврдува дали она што е ветено е навистина и исполнето“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми