Во Европа досега се заразени 230 деца, а две умреле од новата животно опасна болест кај децата, за која не е јасно дали е поврзана со коронавирусот.
Реклама
Службата на ЕУ за превенција од болести, ЕЦДЦ, во извештајот објавен синоќа предупреди од новата животно опасна болест кај децата, од која досега се регистрирани 230 случаи во Европа, а две деца се починати. Малите пациенти притоа имале висока температура и запаленија слични на познатиот Кавасаки-синдром или на токсичен шок-синдром. Директорот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус од Женева ги повика сите клиники во светот да бидат внимателни, да бидат во контакт и да соработуваат со здравствените национални служби и СЗО заради подобро запознавање со болеста.
Едно од починатите деца е од Марсеј, Франција, имало девет години, умрело минатата недела. Детето било позитивно на тест на коронавирус, но не покажувало симптоми. Француските научници во четвртокот соопштија дека во клиника во Париз меѓу 27 април и 7 мај се третирани 17 деца со симптоми слични на заболувањето Кавасаки, што се состојат од воспаление, отечени екстремитети, осип на кожата и срцев удар. „Болеста Кавасаки обично се јавува кај деца под пет години, додека болеста што ја набљудуваме сега влијае на деца на возраст меѓу 5 и 15 години“, изјави портпаролката на националната здравствена агенција на Франција. Второто починато дете е од Велика Британија.
Европската служба за превенции од болести оваа нова болест ја класифицира како можна компликација од Ковид-19, со укажување дека таа треба внимателно да се следи. Дали навистина постои поврзаност со Ковид-19, уште не е докажано. Од коронавирусот фактички досега за посебно загрозени се сметаа постарите луѓе и лица со хронични заболувања.
Уште пред неколку дена и во американската сојузна држава Њујорк беа регистрирани повеќе од 100 случаи на новата мистериозна болест, едно петгодишно дете почина од последиците. Тамошните лекари известуваа за локално зачестени случаи на деца кај кои биле нападнати повеќе органи.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.