1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата хрватска власт без простор за маневар

7 декември 2011

Зоран Милановиќ, по прогласувањето на изборните резултати во Хрватска, одржа многу умерен говор, во кој призна дека новата влада ќе нема ниту ден за одмор. Најмногу работа веројатно ја очекува во делот на економијата.

Новата влада ќе мора да покаже брзи резултати, посебно во економијатаФотографија: picture alliance/dpa

Проблеми има многу, но најмногу во економијата, очекувањата на граѓаните се големи, а работа за новата власт има толку многу, што ни самите не очекуваат дека ќе бидат поштедени од критика во првите сто дена.

Идниот премиер на Хрватска, Зоран Милановиќ, знае дека ќе има критики уште во првите сто дена од новата владаФотографија: picture alliance / dpa

Идниот премиер може уште во четврток (08.12.) да му ги донесе на увид мандатите на претседателот Иво Јосиповиќ, за да започне процесот на конституирање на новиот, седми состав на Саборот, кој ја именува владата. Во следните две недели, според најавите од СДП, би можела да се состави владата, а тогаш би можеле да се знаат и првите чекори.

Одмогнува и кризата во еврозоната

Меѓу првите потези ќе биде продолжувањето на борбата против корупцијата. Преку корупцијата, правејќи проценка само низ јавните набавки, од економијата се одлеваат околу четири милијарди куни годишно.

Коментаторката Деана Кнежевиќ истакнува дека многу работи ќе зависат од она што во петок, 9-ти декември, ќе се договори во Брисел. Притоа не мисли на потпишувањето на договорот за пристапување на Хрватска во ЕУ, туку за тоа дали ќе се постигне договор за решавањето на кризата во еврозоната.

Коментаторката Деана Кнежевиќ смета дека намалената побарувачка во ЕУ ќе се одрази на ХрватскаФотографија: DW

Бидејќи, „можниот пад на побарувачката на стоки во ЕУ поради кризата и очекуваното конзервативно вртење на кредиторите, нема да биде добар сигнал за владата на Милановиќ“.

Покрај тоа, многу зависи од тоа кој ќе биде министер за финансии и дали ќе има кратење на расходната страна од државните трошоци. „Од тоа зависи и оценката за кредитниот рејтинг на Хрватска“, предупредува коментаторката.

Милановиќ изјави дека „има 50 дена за зачувување на кредитниот рејтинг“, бидејќи како што призна „задолжувањето по каматна стапка поголема од седум проценти би било еднакво на самоубиство“. Хрватска во следната година треба да враќа повеќе од милијарда куни само за камати на кредити, а очекуваниот економски раст од само 0,5 проценти ја приближува кон некој облик на аранжман со Меѓународниот монетарен фонд.

Може ли без ММФ?

Коалицијата „Кукурику“ тврдеше дека нема да има болни резови, но најави и мерки на штедење. Како ќе направи баланс во приходите и расходите новата власт не открива, иако државата се наоѓа речиси во постојана рецесија од почетокот на 2009-та година. Ветува дека еден од најголемите предизвици ќе и’ биде намалувањето на невработеноста од сегашните 17,4 проценти.

Кој потег да го повлече новата влада, некој ќе настрада, вели новинарот Миодраг ШајатовиќФотографија: Lider

Претприемачите бараат конкретни мерки за запирање на неликвидноста, која стаса до 40 милијарди куни. Но, забрзаните стечаи би можеле да резултираат со губење на работните места, како и со кратење на досегашните права на сите вработени, нешто што го навести кандидатот за министер за финансии, Славко Линиќ.

Главниот уредник на економскиот магазин Лидер, Миодраг Шајатовиќ , нагласува дека новата власт ќе има маневарски простор со големина на телефонска говорница.

„Свесни се дека кој потег и да го повлечат, некој ќе настрада. На пример, мораат да ги намалат расходите за три до пет милијарди куни. Ако ги земат од селото, многу добро знаеме што би значело тоа за земјоделството. Знаеме и дека тоа ќе доведе до протести, како и во случај на почеток на која било реформа“, потенцираше Шајатовиќ.

Иако коалицијата „Кукурику“ срамежливо го споменува ММФ, се чини дека хрватската економија нема да може да продолжи да функционира без тие непопуларни финансиери.

Автор: Гордана Симоновиќ / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми