Четврта вечер протести и контрапротести
15 април 2016Силен полициски кордон кај Порта Македонија во правец на Собранието ја сопре поворката на демонстрантите кои четврти ден по ред протестираат против одлуката на шефот на државата Ѓорге Иванов да ги стопира процесите против 56 лица инволвирани во аферата произлезена од нелегално прислушуваните телефонски разговори која ја предизвика политичката криза во земјата.
И денешниот протест организиран од движењето „Протестирам“, кој како што јавува агенцијата Макфакс е помасовен од претходните денови, започна пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, каде на оваа институција ѝ беше изразена поддршката за расчистување на случаи на корупција и лажирање избори, чија позиција беше проблематизирана со одлуката на претседателот Ѓоре Иванов за помилување на лицата вмешани во скандалите и од опозицијата и од власта.
Граѓаните на протестот, организирани од невладините граѓански здруженија, извикуваа пароли „Нема правда нема мир“, „Оставка, оставка“, воедно изразувајчи незадоволство од распишувањето на изборите на 5-јуни.
Од друга страна пак, граѓаните организирани од граѓанското здружение ГДОМ , кое се залага изборите да се одржат на 5-ти јуни и и дава поддршка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со зурли и тапани пристигнаа на Јужен булевар од каде што се упатија кон седиштето на СДСМ. Овие граѓани протестираат против аболицијата на Зоран Заев и на Зоран Верушевски, јавува агенцијата Мета.
На нив им се придружуваат луѓе кои со автобуси од внатрешноста на Македонија пристигнуваат на улицата „Јордан Мијалков“.
Засега не е забележливо поголемо присуство на полиција на овој протест, известува Мета.
Засега македонските медиуми не јавуваат за посериозни инциденти на двата протеста.
Заев најави интензивирање на протестите
Претходно претседателот на СДСМ Зоран Заев на пресконференција порача дека избори на 5 јуни нема да има. Протестите што се во тек ќе се интензивираат, најави Заев
„Нема да дозволиме Никола Груевски и криминалната група околу него да ја држат во заложништво иднината на Република Македонија и на нејзините граѓани“, рече Заев.
Тој уште еднаш побара од претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече одлуката за аболиција и потоа да си поднесе оставка на функцијата.
Заев го обвини ВМРО-ДПМНЕ, криејќи се зад лажниот патриотизам, дека ги урива односите со меѓународната заедница и ја носи земјата во изолација. Претседателот на СДСМ повика на продолжување на протестите, но тие да бидат мирни и ненасилни.
Претседателот на Собранието Трајко Вељановски денеска официјално ги распиша предвремените избори на 5-ти јуни. Со изјава за јавноста настапи и претседателот Ѓорге Иванов, кој порача дека не се откажува од одлуката за аболиција на политичарите.
Државната изборна комисија (ДИК) подоцна вечерва ќе одлучува по прашањето дали постојат услови за одржување на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни, а претходно Европската унија откако спикерот на Собранието Трајчо Вељановски официјално ги распиша изборите порача дека е потребно да се обезбедат трите услова за одржување на кредибилни избори, односно прочистен Избирачки список, балансирано медиумско известување и истрага за пријавени за навдно заплашување на гласачите.
На почетокот од попладневната седница на Државната изборна комисија беше истакнато дека членовите на ДИК имале состанок со амбасадорите (на ЕУ) Аиво Орав и (на САД) Џес Бејли кои побарале од нив концизно да се изјаснат дали постојат услови за одржување на изборите на 5-ти јуни, како што инсистираат трите од четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, односно владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и најголемата опозициска партија на Албанците во Македонија – ДПА.