1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова Влада, нови надежи и стари приоритети

Катерина Блажевска20 јуни 2014

Новата влада е влада на континуитет, со амбициозни и непроменети цели и стратегиски правци, но и со важна задача: да обезбеди услови за постигнување институционална стабилност, оценуваат аналитичарите

Фотографија: MIA

Новата влада е влада на континуитет, со амбициозни и непроменети цели и стратегиски правци, но и со важна задача: да обезбеди услови за постигнување институционална стабилност, оценуваат аналитичарите

На 27 август годинава, изминуваат точно осум години откако младиот економист Никола Груевски првпат стана премиер на десничарската влада на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера по четврти пат ја доби доверба да раководи со нова коалициска влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а зад него останаа три влади кои во просек траеја по две и пол години. Ќе има ли новиот кабинет подолг рок на траење и какви се првичните оценки за него, по експозето во кое Груевски презентираше обемна и амбициозна програма за мандатниот период од 2014 до 2018 година?

Економскиот експерт Зоран Јовановски, во новата Влада гледа политика на континуитет со амбициозни и непроменти стратегиски насоки.

„Прво, мислам дека Република Македонија треба дефинитивно да се врати на патеката на одржување редовни парламентарни избори во точно утврдени термини, еднаш на секои четири години. Тоа не е само политичка конјуктура, за тоа постојат неколку економски причини.

Новата Влада на Република Македонија е влада на континуитет. Целите и стратегиските правци се амбициозни и непроменети, концептот е ист со досегашниот, кадровските промени нема суштински да влијаат врз дизајнот на економските политики. Забележувам поголема внимателност во економските прогнози и сметам дека тоа е генерално добро за бизнис секторот. Очекувам дека новата Влада ќе биде доследна и ќе ги реализира во целост ветените капитални инвестиции, особено тие поврзани со патната инфраструктура, железничкиот сообраќај и гасификацијата, кои се многу важни за долгорочниот економски развој на земјата. Своевиден предизвик ќе биде и да се зголеми обемот и квалитетот на земјоделското производство во линија со растечките субвенции во земјоделството. Новата Влада ќе се соочи и со предизвици, како што е на пример, изнаоѓањето на финансиски средства со прифатлива цена, за да се вратат долговите кон странство кои доспеваат за враќање во наредните години“, потсетува Јовановски.

Македонскиот премиер Никола Груевски по четврти пат на функцијатаФотографија: MIA

Забелешката не е без основа, ако се има предвид дека на крајот од месецов почнува раздолжувањето на Македонија кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Земјата треба да ја исплати првата рата во износ од 27,5 милиони евра, од кредитот во вкупен износ од 220 милиони евра, колку што Владата повлече од ММФ во март 2011 година, непосредно пред тогашните вонредни парламентарни избори. Станува збор за дел од кредитната линија за претпазливост, ПЛЛ, која ММФ ја одобри за користење само во случај на позначајни надворешни шокови кои би можеле да и' наштетат на економијата на земјата.

Предност на домашните инвеститори
Пет стратегиски приоритети се најавени како клучни во работењето на старо-новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во наредниот четиригодишен мандат: зголемување на економскиот раст, вработеност и унапредување на животниот стандард на граѓаните, членството во ЕУ и НАТО, неселективна борба против корупција, добри меѓуетнички односи и развој на образованието и информатичката технологија. Бизнис заедницата ги поддржува овие приоритети, но во сферата на економијата бара Владата да обезбеди предност на домашните над странските инвеститори, мерки за решавање на проблемот со неликвидноста и да не се задолжува на домашниот пазар, за да ги ослободи парите за кредитирање на компании. Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори, смета и дека Владата треба да биде похрабра во економските проекции.

„Владата треба да оди похрабро во прогнозите. Според прогнозите на аналитичарите од Европската унија, ако ние не обезбедиме 6 проценти пораст на бруто националниот доход на годишно ниво, немаме шанси да го намалиме јазот меѓу нас и европските земји“, вели Чекреџи.

Груевски најави економски раст од 3 до 6 отсто на БДП, остварлив при стабилна европска и светска економија, без нови шокови, зголемување на вработеноста, нови инвестиции, изградба на автопатишта. Според бизнисмените, притоа е важно е проектираниот дефицит да биде исклучиво за капитални инвестиции.

„Буџетскиот дефицит е опасен за тековните трошоци, за расходна страна, односно за социјалните трансфери“, предупредува Чекреџи.

Како еден од клучните фактори за развојот на македонската економија бизнис заедницата го посочува и намалувањето на администрацијата, која досега го апсорбираше најголемиот број од вработувањата. Според проценките, во државниот и јавниот сектор има армија од 120.000 до 160.000 вработени, а тенденција е таа бројка да се сведе на три до четири пати помалку.

Особено, ако се има предвид дека една од мерките на новата влада во програмата е зголемувањето на платите во јавниот сектор по пет проценти секоја година, нови средства кои ќе бидат „заробени“ исклучиво за платите на армијата административци.

Неопходна дебата

Владата го почнува новиот четиригодишен мандат во време на парламентарна криза кога опозицијата предводена од СДСМ реши да не ги признае изборните резултати и донесе одлука за институционален бојкот на Собранието. Нејзините 33 пратеници, кои ги одбија добиените пратенички мандати, вчера не присуствуваа на изборот на новата Влада. Според дел од аналитичарите, никакви владини ветувања, без оглед колку се амбициозни, не може да ја покријат ваквата реалност која сведочи за дефицит на демократија.

Според универзитетската професорка, Мирјана Малеска, токму заради овие причини, не е толку важно да се коментира што ветил премиерот при изборот на новата Влада.

„Се разбира дека ќе вети се‘ најубаво. Најважното прашање останува - зошто не обезбедил чесни избори и зошто опозициските партии не се денес во Собранието? Кој ќе ги контролира оние, на кои граѓаните им го пренесуваат своето суверено право да управуваат? Суштина на политиката е дебатата и мора да има опозиција со која ќе се дебатира. Партијата која ја монополизира моќта и зборува сама со себе, се квалификува како деспотска или тоталитарна, и е прилично далеку од она што се подразбира под политика. Власта треба да биде под силен притисок да изнајде политичко решние како опозицијата да се врати во Собранието! ’Голема коалиција’ или учество во Владата на сите собраниски партии, во согласност со изборните резултати, како во Северна Ирска, може да биде некое појдовно решение“, сугерира Малеска.

Фотографија: MIA

Иако тоа не е најавено во приоритетите, првата обврска на старо-новиот премиер од идната недела ќе биде одржување на тет-а-тет средба со лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, за воспоставување дијалог со цел да се најде решение за проблемите кои сега се причина за опозицискиот бојкот на Собранието. За да му даде шанса на дијалогот, Собранието го одложи констатирањето на опозициските оставки, а Груевски најави пакет за решение на проблемите. За важноста од решавање на ова прашање сведочи и фактот дека разговорите ќе се водат под будното око на ЕУ, со посредство на Петер Ванхоут, белгиски експерт за независност и јакнење на парламентот како институција. Тој учествуваше и во работата на ад-хок Комисијата за расветлување настаните од Собранието на 24 декември 2012. година. Токму заради овие причини, според извори од ЕУ, „првите резултати на извршната власт ќе се мерат според успехот постигнат во обезбедувањето услови за постигнување институционална стабилност на законодавната власт“.

Три, триесет, триста илјади

Далеку од корпусот прашања поврзани со решавањето на овој нов „Гордиев јазол“ и 20-годишниот застој во интегративните процеси, во пошироката јавност, вниманието и надежта се фокусирани кон неколку конкретни владини мерки: Во наредните четири години, вклучувајќи ја и тековната, се предвидува зголемување на платите во јавниот сектор, на пензиите, на социјалната и постојаната парична помош за 21,5 проценти, како и отворање на 64.000 нови работни места со кои сегашниот процент на невработеност треба да се намали од 28,4 на 22 отсто. Или, како што вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, за плановите на новата Влада доволно е да се спомнат три фасцинантни бројки: изградба на 3 автопатишта, влез на нови 30 странски компании во Македонија и набавка на 300.000 таблет-компјутери за учениците.

Пред четири години, во март 2009. година, Никола Груевски во пресрет на тогашните локални и претседателски избори пред глачите вети влез на 8 милијарди евра инвестиции. Ветувањето не се реализира, а како причина за тоа беше посочена светската економска криза. Овој пат, ако не се случат одредени екстерни шокови, ќе нема реално оправдување за одложувањето на ветеното. Учениците и невработените веќе тријат раце.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми