1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова влада: Староседелци ќе раководат од „Илинденска“ број два

Катерина Блажевска9 јуни 2014

Во стариот состав на министри во новата влада, дел од аналитичарите гледаат непроменливост во досегашната технологијата на владеење, а други потврда за стабилизирањето на раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ.

Фотографија: DW

„Стабилна влада на континуитет“, „Тимот што победува не се менува“, „Само на тимот што се покорува му зазорува“, „Зарем за ова беа потребни избори?“... Ова се само дел од коментарите и реакциите за предлогот на новиот состав на кабинетот на Груевски, кој вчера официјално беше доставен во Собранието, заедно со платформата за работа во мандатниот период од 2014 до 2018 година.

Иако во министерските фотелји ќе седнат шест нови имиња, четири од нив се кадровски решенија на ДУИ, едно на Социјалистичката партија и само едно на ВМРО-ДПМНЕ.

„Што е ново во новата влада? Тоа што ни ја подметнаа старата“..., е најчестиот коментар на социјалните мрежи. Според, сѐ уште неофицијалните информации за составот на новата Влада, Зоран Јолевски е најголемото и фактички единственото изненадување во новиот кабинет на Груевски. Преговарачот во спорот за името со Грција и амбасадор на Македонија во САД, се враќа од Вашингтон за да раководи со ресорот одбрана, со кој во претходната влада раководеше кадар на ДУИ. Оваа партија, доброволно се откажа од одбраната за да избегне „блиска средба“ со шефот на државата, Ѓорге Иванов, кој е и врховен командант на АРМ, со оглед дека ДУИ го оспорува неговиот легитимитет. Јавноста е поделена во оценките за задоволувањето на ваквиот каприц на штабот од Мала Речица. Дури и во владејачката ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни како да го толкуваат тој чин. Според извори во партијата, едни сметаат дека „со тој потег Груевски и де јуре го легализирал бојкотот на ДУИ на шефот на државата“, според други, „премиерот веројатно сакал да превенира незгодни ситуации за претседателот“.

Преговарачот во спорот за името и амбасадор на Македонија во САД Зоран Јолевски го презема Министерството за одбранаФотографија: Petr Stojanovski

Во замена за ресорот одбрана ДУИ ќе раководи со ресорот образование, со тоа што на министерот Абдулаќим Адеми заменик ќе му биде досегашниот министер за образование Спиро Ристевски. Тоа е второто кадровско изненадување, но повеќе „непријатно“ за ДУИ. Според извори во албанскиот блок партии, „зад 'деградацијата' на Ристовски од министер во заменик, всушност се крие намерата на ВМРО-ДПМНЕ формално да и го даде ресорот на ДУИ, а фактички таа да го контролира, па уште сега е јасно кој таму ќе биде домаќин, а кој гостин“.

Приоритети без конкретни чекори

Но, далеку од надмудрувањата меѓу двата коалициски партнера во заткулисните преговори за поделба на владиниот колач, во нивните официјални изјави, доминира еден унифициран став: приоритети на новата влада ќе бидат економијата и евроинтеграциите. Аналитичарите и во таа најава не гледаат ништо ново, бидејќи истите два приоритета беа декларирани уште во првата влада на Груевски во 2006 година, а како рефрен се повторуваа и во сите наредни.

Рамадан Рамадани, аналитичар од Нисма Институтот во Скопје, не гледа ништо ново ни во составот, ни во најавените заложби на владините партнери, а уште помалку можност тие да бидат реализирани.

„Kалабалак влада на староседелци и 'девојки за сѐ'. Малите промени се резултат на тенденцијата да се прикаже нормалност и покрај контестираните избори и бојкотот на опозицијата. Евроинтеграциите и економијата се спомнуваат само како заеднички именител на една Влада, во која седат двете партии кои правеа кампања барајќи мнозинства една против друга. Тие два приоритета се само наведени, а никако и остварливи, посебно што не се проследени со конкретни чекори и рокови. Економијата и евроинтеграциите, пред сѐ, зависат од владеење на правото и политичката стабилност, што никако не е случај во моментумот на составување на ова влада“, оценува Рамадани.

Според аналитичарот Сашо Клековски, пак, стариот состав на владата, е всушност потврда за стабилизирањето на раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ.

„Предлогот за министри во Владата покажува неколку работи. Прво, дека ВМРО-ДПМНЕ веќе ја има стабилизирано својата раководна структура и дека партиските комисии се основата на нивната кадровска политика. Во ВМРО-ДПМНЕ фактички нема промена на министри, бидејќи ресорот земјоделие е на нивниот коалициски партнер - Социјалистичката партија. За разлика од нив ДУИ, покажува помала стабилност. Таму Муса Џафери и Фатмир Бесими и донекаде Абделаќим Адеми се константа, но другите се променливи. Второ, кадровските решенија се во насока на двата приоритети - евроатлантски интеграции и економија. Повлекувањето на ДУИ од Министерството за одбрана, во време кога членството во НАТО е врвен приоритет, покажува дека нивната кампања за евроатлантска интеграција го достигна максимумот, и за повеќе е неопходно посилно вклучување на ВМРО-ДПМНЕ. Изборот на Јолевски, докажано посветен на евроатлантски интеграции, е знак за максимални напори во наредниов период за НАТО членство. Економскиот тим на Владата ја доби повторната доверба и е зајакнат со нови министри без ресор, посветени на странските вложувања. За забележување е дека на таква функција се наоѓа и кадар на ДУИ, што значи и фокус на ДУИ на економијата,“ анализира Клековски.

Во што е разликата?

Од опозициската СДСМ не го коментираат персоналниот состав на новата влада и неговите приоритети. Одговорот генерално го „покриваат“ со нивниот бојкот на институциите.

Новата влада првично се рецензира само во дел од медиумите. Проминентните аналитичари Ерол Ризаов и Арсим Зеколи, во своите денешни колумни во „Утрински весник“, го оценуваат новиот владин состав во контекст на ветувањата и досегашната реализација. Ризаов, потсетува дека премиерот Груевски во предизборната кампања се држеше до слоганот: „Има разлика“, и очекува негово ефектуирање.

„Со голема нетрпеливост чекам како ќе ја објасни разликата меѓу претходната и сегашната влда, меѓу приоритетите што ги вети пред осум години и кои останаа неостварени до оваа врнежлива и бериќетна пролет. И тогаш и сега главни приоритети беа повисок стандард, повеќе продуктивни работни места, поголеми плати, почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО. Нормално и логично и сега се истите приоритети, само што е уште потешко да се остварат. Пред осум години за сите неуспеси беа виновни Грците и опозицијата, денес се виновни само опозицијата, Грците, домашните предавници и непријатели и странски платеници, зад кои стои Америка. Пред осум години имавме повеќе решенија за излез од тешката ситуација, сега имаме подобри оправдувања зошто не е остварена ниту една стратегиска цел од врвен приоритет на Република Македонија“, пишува Ризаов.

Фотографија: MIA

Зеколи констатира дека со објавувањето на составот на „новата“ влада, лакрдијашката забава за народот наречена „Избори 2014“ е конечно завршена.

„Македонија на Груевски и Ахмети (о)стана последниот балкански бастион на меѓународната Pax Mafioso филозофија на стабилност, по цена на умртвување на демократијата. И давање предимство на воено-полициска доктрина за „добри граници кои прават добри соседи“ низ соработка со регионалните корумпирани политички елити и удоволување на национал-шовинистички провокатори. Составот на старо - новиот коалициски кабинет, отворените напади кон моќните земји на ЕУ како и преференцијалните кафеански дружби на американската дипломатија, не оставаат простор за двоумење кон кое царство е приклонета сегашната владејачка врхушка. И што може да ја очекува нашата оаза на стабилна сиромаштија во годините пред нас“, оценува тој.

Владините најави за нови инвестиции кои ќе ја зајакнат крвната слика на економијата, ќе ја намалат стапката на невработеност и ќе го подобрат животниот стандард, се поткрепуваат со ангажирањето на двајца нови министри без ресори, кои ќе бидат задолжени токму за привлекување странски инвестиции. Со тоа, бројот на министри без ресор од досегашните пет се искачи на седум. Аналитичарот Суад Мисини, не гледа промени во досегашната технологијата на владеење, ниту потреба од нови министри без ресори.

„За привлекување странски инвестиции досега беа задолжени и економските аташеа, и амбасадорите, и министри во владата, а сега се зајакнуваат и со нови министри. Тоа е карикатура од распределба. Непотребно се трупаат функции“, вели Мисини.

Дел од аналитичарите блиски до владата, сметаат дека се „прежестоки критиките на адреса на новата влада, со оглед дека таа е продукт на успешни политики и конкретни резултати во изминатите седум години“.

На тие забелешки одговара познат македонски афористичар: „За разлика од оние кои тврдат дека секој народ има влада каква што заслужува, можам да кажам дека на крајот секоја влада добива народ каков што заслужува“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми