1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова година кобна за пастрмката во Охрид

1 јануари 2012

Намалениот природен дотек на вода во Хидробиолошкиот институт во Охрид е причина за најновиот помор на пастрмка. Јавноста негодува, надлежните со смирувачки тонови.

Фотографија: dpa

Подолготрајната суша е една од причините за помор на пастрмките во Хидробилошкиот институт во Охрид. Но се чини пренасочувањето на дел од водата наменета за оваа институција во градскиот водовод да се одговори на зголемената потрошувачка на вода во новогодишната ноќ во градот им пресуди на пастрмките. Природата, а не човечкиот фактор е причината за поморот на рибата во базените, вели директорот на „Проаква “ – Водовод Златко Старкоски и додава:

„За одговорност не станува збор бидејќи се работи за природен недостаток на вода. Но благодарение на тоа што Проаква и Хидробилошкиот соработуваат добро интервенирано е веднаш и спречена е поголема штета.Тука сме двете раководства на двете институции, штетите се минимални и тврдам дека е интервенирано навреме. Ноќеска дочек на Нова година, зголемената потреба од вода да се дистрибуира низ градот го намали дотекот до Хидробиолошки  и така дојде до ова“.

Охридската пастрмка на удар на рибокрадците и на неодговорноста на надлежнитеФотографија: cc-by-sa-Rob-Hogeslag

Сличен одговор и од Хидробиолошкиот завод:

„Последниве месеци имавме многу влошена хидролошка состојба. Тоа додведе дотекот од извориштето со кое се снабудваме со вода да е далеку намалено. Забележан е и низок водостој на подземните води. Ова беше видливо и во каналот Студенчишта, каде што бевме сведоци на изумирање на плашицата. Кај нас во даден момент некаде пет до десет минути при немање на дотур на свежа вода, а со тоа и кислород се случи да изумрат околу сто и педесет единици пастрмка чувани од две до три години во базените,“ признаваат надлежните од Хидробилошкиот институт за Дојче веле. Иако со  години алармиравме, сега повторно се наложува потребата од барање итна алтернатива. Но за тоа се потребни многу средства и заедно со Проаква – Охрид договараме можности за бушење на нови подземни води од шеесет метри длабочина или проблемот итно  ќе се решава на друг начин со помош најверојатно од државата и општината, објаснуваат од двете јавни институции. 

Инспекцијата изврши увид, јавноста обвинува и бара одговорност

Инспекторот за рибарство извршил увид, направил записник, а  десет примероци пастрмка  ќе бидат испратени во Ветеринарниот институт на анализа во Скопје. Остатокот од угинатата риба е складиран на минус дваесет степени, додека не се утврди нејзината судбина.

„Тотална отсутност на одговороност и тотално разијдување во управувањето и несихронизираност меѓу институции. Свеста што ја градиме, наместо да расте, паѓа пред други интереси. Во моментов неопходно е од страна на надлежните институции да му се помогне на Хидробиолошкиот институт во санирање на состојбите. Јавноста да го осуди однесувањето на оние кои ја нанесоа штетата и да се преземат мерки согласно казнените законски одредби“, изјави за Дојче веле Дејан Паноски од Билатералниот Секретаријат за Охридско Езеро.

Фотографија: DW

Слично е негодувањето и на Радован Димитриоски, претседател на здружението на рекреативни риболовци Спортски клуб „ Свети Апостол Петар“ од Охрид:

„Се докажа на дело лошиот менаџмент на раководните лица од Хидробилошкиот институт. Дали надлежните институции ќе го премолчат и овој грев на Хидробилошкиот, како и другите кои ги направи и прави врз охридската пастрмка и другите видови риба. Дали некој конечно ќе одговара за своите грешки?“

Случајот не ќе се дознаеше ако не беа новинарите

Се чини јавноста немаше да дознае за овој помор доколку во вистинско време и место, а погрешно за другите не се најдеше новинарот Љупчо Таневски од порталот Охрид 1:

„Тргнавме со сопругата и детето на првојануарска прошетка кај ’Билјанини извори’. Син ми изрази желба да ги види рибите во базените во Хидробилошкиот. Тоа го правиме често и не ни насетував дека ќе наидеме на жална глетка. Базени полни со мртви пастрмки. Останавме шокирани. По некое време дојде еден човек и почна да ги вади патрмките од вода и да ги складира во гајби угинатите парчиња. Од матната вода се вадеа само угинатите, а имаше уште некои кои се бореа за живот и кислород. Како новинар и човек би рекол дека ова е срам за Охрид и Македонија и треба да се преземе нешто најитно за да не се повтори“.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Ж.Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми