Нова епизода во судирот околу странските фондации во Египет
9 февруари 2012Претседателот на фондацијата „Конрад Аденауер“, Ханс-Герт Петеринг, вели дека со своето патување во Египет имал намера да изрази солидарност со соработниците и сака јасност околу тоа за што всушност се обвинети раководителот на фондацијата и една соработничка во Египет:
„Се однесувавме онака како што е вообичаено веќе 30 години при нашите контакти со цивилното општество во Египет. Одржувавме средби и семинари на тема социјална пазарна економија, развој на демократијата, развој на правната држава, рамноправност на мажот и жената. Сите овие мерки ги спроведуваме со години и затоа сме изненадени од она што го прават сега властите во Египет.“
Египетските власти досега само паушално ги објавија обвинувањата против соработниците на странски организации. Се зборува за илегално финансирање на политички групации. Обвинетите наводно давале информации на странски институции кои сакале да му наштетат на Египет, што може да се означи во некоја рака како сомневање за шпионажа.
На агендата на Петеринг беа разговори со египетскиот министер за надворешни работи и претседателот на Комисијата за човекови права на египетскиот парламент, но тоа не е доволно за навистина нешто и да се промени во случајот, зашто нема средби со претставници на највисокиот Воен совет, а во Египет тој има збор.
Некои членови на Воениот совет откажаа разговори со политичари во САД околу овој случај. Американската влада годишно на Египет му дава 1,3 милијарди долари воена помош. Сега американските политичари сакаат да ја запрат помошта доколку обвинувањата против невладините организации не бидат повлечени.
Дали фондацијата Конрад Аденауер е можеби одбрана само како европска организација, за да се прикрие дека вистинската цел на египетското обвинување се американските организации? Шефот на фондацијата Ханс-Герт Петеринг вели:
„Тоа не би можел да го потврдам со сигурност, но оваа претпоставка постои. И останатите германски фондации застапени овде работат (а не се обвинети). Се прашуваме зошто сме ние погодени. Затоа не може да се заобиколи ниту поставувањето на прашањето што вие го поставивте.“
Автор: Ханс Михаел Ел / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Борис Георгиевски