1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова методологија на Стара Европа

27 февруари 2020

Очајните регионални администрации го прават она што најдобро го умеат – ја прославуваат секоја сламка спас од Брисел, украсувајќи ја новата методологија со нови преливи на свежа боја врз старата рѓа. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Несмасна или смешна, неодамнешната изјава на Зоран Заев за Ал Џазира во која се повикува на „свих чланица европских унија” е можеби Фројдовска грешка која прилично соодветно ја отсликува состојбата во монотоната Европска Унија денес и полифоничниот  однос на Европа кон Балканот. Ставовите на Брисел се`уште се следат со должно внимание и претпазливо толкување на едно уво, додека пак другото уво – поголемото – се обидува да ги фати ниско-фреквентите струења низ дворовите во Берлин, Париз, Виена, Варшава. Мултилатерлниот дискурс на Бриселската Унија станува се` посув за разбирање, предвидлив во ставовите и дефанзивен во наративот, додека пак билатералниот дискурс на националните Европски Унии (sic!) станува се` покритичен, раштиман и агресивен во наметнување на сопствената верзија за гледање врз регионот. Она што во октомври минатата година беше причина за масовни паѓања во несвест поради тврдиот став на службен Париз кон проширувањето, денес  - само пет месеци подоцна! - е веќе црно-на-бело нова методологија на проширување, усвоена административно и политички едногласно прифатено од сите земји членки.

Тинк-тенк клиентите на бриселските фондови – многу од кои до октомври не штедеа жолч кон ставот на Париз – сега се веќе префрлени во мисија на одбрана на новата методологија. Очајните регионални администрации го прават она што најдобро го умеат – ја прославуваат секоја сламка спас од Брисел, украсувајќи ја новата методологија со нови преливи на свежа боја врз старата рѓа. Медиумите, согласно интересот на јавноста, не се замараат премногу со длабински анализи на новата методологија. Притоа, секој обид за нејзина критичка опсервација е однапред дочекан на нож и вилушка и сервирана со салата оптужби за шпекулативност, сензационализам и непознавање на состојбите. Има ли подобра причина за токму таков пристап кон новото чедо на француската дипломатија завиена во знамето на ЕУ?

За почеток, збор два околу контекстуалните околности во кои новата методологија беша најавена и усвоена, паралелно со де јуре финишот на Брекзит и усвоена непосредно по де факто напуштањето на ЕУ од страна на Велика Британија. Истапувањето на моќната британска дипломатска машинерија и нејзиниот пристап кон регионот беше експресно заменета со настап на подеднакво моќната француска, глобално влијателна дипломатска машина и нејзиниот светопоглед. Првичната резерва на Берлин кон промената на составот во Брисел, набргу ќе се покаже дека е само период на усогласување на германскиот Weltanschauung со редуцираната тројка на чело на ЕУ. Во сиот тој процес на рекомпонирање на пост-Брекзитна Европа, новата методологија и субституцијата на британското со француското беше помалку или повеќе предвидливо, очекувано. Но токму затоа и лишено од логично објаснување за прелесната леснотија на прифаќање на тврдиот став на Париз и новата методологија. Што за една структура како што е ЕУ, позната по кавги, цепидлачење и инаетење е не само достојно за рубриката „верувале или не”, туку и повод да се запрашаме за тоа кои се мотивите за таков молк на оние кои доскоро фрлаа дрвја и камења кон предлозите на Париз?

Обид за отрезнувачка превенција

Во регион познат по статични реформи и динамични политики како што е Балканот, никогаш не недостасуваат настани и пресврти кои можат да значат и многу и ништо посебно. Но кога во набиен временски теснец – кој се одвива паралелно со новиот пристап на Париз – ќе се набутаат сомнителни творби како Мини Шенгени, интра-религиски судири во Црна Гора, отворени најави за отцепувања на Р. Српска од Босна и Херцеговина и најави за ревизија на склучени договори, изразување на сомнеж во спонтаноста на настаните не е шпекулација туку обид за отрезнувачка превенција.

Претходни колумни од авторот: 

Графити позади таблата

Acquis Mukoskitaire

Преспански: Ние ка’о браниме, тиe ка’о напаѓаат

Кој нѐ прашува?

Сето наведено – со енормни дози на должна внимателност - не е доволно за носење финални заклучоци. Но е повеќе од достаточно за навремено истакнување на дилемата дали структурните промени во ЕУ по истапувањето на В. Британија и самракот на ерата Меркел најавуваат криза на етатистичкиот пристап на ЕУ кон регионот и враќање на етно-идентитетски движените политики карактеристични за старата Европа? Ерата на Меркел, во партнерство со САД, Британија и Франција под Саркози и Оланд беше одбележена со напорите за nation building на балканските државички истоштени од војните и сиромаштијата. Во најсимплифицираната верзија на тие напори, пристапот на ЕУ под Меркел и САД под Обама беше редуцирана на ein staat-ein volk рефрен во кој припадноста кон државата беше алфа и омега решение на секој идентитески спор или дилема. Иако никогаш јасно и јавно искажана, логиката на тој пристап беше дека во Србија живеат Срби, во Косово Косовци, во Македонија Македонци, во Црна Гора- Црногорци, во Босна и Херцеговина државјани на Босна и Херцеговина.

Тој пристап ќе го определи и вкусот на Западот кон селекцијата на подобни соговорници и партнери во регионот. При што токму Александар Вучиќ е најконкретниот пример на прв српски премиер задолжен за Србија и – ништо и никој повеќе. Паралелно со него, во Косово ќе се етаблира новиот курс на славење независноста од Србија и регионална меѓузависност како основа на владеењето на Хашим Тачи. И на крај, како негативна компарација, ќе се востоличи  Никола Груевски, кој е крајно податлива илустрација за курцшлусот помеѓу иницијалната државотворна замисла (и причина за негова сесрдна подршка од Западот) и умислената мисија на етничка ексклузивна творба.

Дали германскиот пристап се заменува со францускиот

За волја на вистината, ерозијата на таа замислена „формула за се` и сите” настап како рефлекс на прерано декларираната победа на ЕУ и САД во регионот и нивното свесно замижување пред менталитетот на домашните политичари, кои сметаа дека во име на таа победа можат да се зададат во неказлива стихија на криминал и корупција. Освестувањето за опасноста од таквиот пристап стигна не само предоцна, туку и со катастрофално лош пристап на форсирање на елитистичко взаемно самозадоволување помеѓу европските (претежно германски и холандски) салонски дипломати и политичари со нивните балкански политички и дипломатски манекени. Наместо санирање на меѓуетничките пукнатини, елитизмот на западната дипломатија и регионалните им допелгангери предизвика редица други расчекори во политиката и општеството, разјадувајќи ја кохезијата на самите држави.

Елаборацијата на Макрон околу причините за октомвриското одбивање на Македонија и Албанија, но и настаните кои ќе уследат ширум регионот оттогаш, даваат причина за размисла дали германскиот пристап се заменува со францускиот ein volk – multi staat пристап. Или попрецизно, дали етничкиот фактор се враќа како клучен елемент во согледувањето на состојбите во регионот и во самите идни евроинтеграциски процеси? Иако недоволно за носење на финален заклучок, се чини дека гласноста на САД и Берлин во предупредувањата за неменливоста на Преспанскиот договор и молчаливоста на Париз околу истото прашање се засега на наведената линија на различно гледање и однос кон горливите прашања кај нас и во поширокиот регион.

Поставеноста на нашата политичка сцена кон оваа можна драматична промена не дава премногу причини за оптимизам. Ерозијата на социјалната надетничка кохезија изградена во последните години на груевизмот поради криминалите на избраниците на Бејли е во полн ек и под налет на ре-компонираните етно наративи. Очајните обиди на СДСМ да повторно форсираат мултиетницизам базиран врз клиентелни изборни исклучоци а не на прагматични долгорочни последици неминовно ќе ја зајакне – а не ослабне – етничката доминација во домашната политичка наратива. Предодредбата за форсирање на религиозни исклучоци со цел ништење на етно-либералниот курс на Албанците е погубно самозалажување кое скапо ќе ја чини самата СДСМ. Ионака расчеречена помеѓу губењето на сопствениот идеолошко-национален идентитет и лумпен-социјалниот талог во кој полека и незапирливо тоне со секој изборен циклус.

„Преспански ама Вмровски”

За ВМРО-ДПМНЕ, навикната да во секој пораз на ривалите препознае сопствен подем, ваквите заклучоци се безмалку мелем за уши. Нивната желба да во француската дипломатија најдат поддршка по ама баш идентичен терк со кој СДСМ се крстеше и колнеше во германско-холандските дипломати, е повеќе израз на наивност и опасна миопичност отколку на имање јасен и прецизен план. Поради кој Мицкоски полесно може да заврши како македонски Додик отколку како државнички пандан на Вучиќ. Во секој случај, неискрен однос кон сопствените подржувачи пред кои допрва ќе треба да им разјасни како мисли да ја изведе операцијата „Преспански ама Вмровски” со подршка на традиционалните партнери на Атина од Кеј д'Орсеј. Искреноста пред нивните поддржувачи е полесно изведливо денес, отколку од час-утрешните правдања дека не биле сосема свесни дека сомнителните поддршки биле основата за идните блокади на нашите патешествија кон Брисел. Токму според новата методологија на Париз и барањата на Атина и Софија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми