1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова надеж во борбата со нафтената дамка

13 јули 2010

Нафтениот концерн „БП“ успеа да постави нов цилиндер врз оштетената цевка на дното на Мексиканскиот залив, од каде три месеци се изливаат огромни количества сурова нафта во морето. Што се очекува од новиот метод?

Фотографија: AP

Од пред единаесет недели во водите на Мексиканскиот залив непречено се изливаат илјадници тони нафта, но сега областите што се најпогодени од катастрофата можат оправдано да се надеваат дека наскоро ќе му дојде крајот на овој кошмар. Како што може да се види од подводните снимки, направени во текот на минатата ноќ, на инженерите им успеа да постават неколку тони тешка метална купола врз местото на дефектот. Новиот цилиндер, наречен „Топ хет 10“ треба да го спречи неконтролираното излевање на нафтата во морето.

На повидок затворање на изворот? 

Веднаш откако новата апаратура ќе биде прицврстена, „Бритиш петролеум“ ќе почне со првите проби. Се очекува тие да траат меѓу 6 и 48 часа. Најдоцна до четврток ќе се знае дали новиот обид за сопирање на нафтената катастрофа ќе биде успешен или не. „Ако на крајот од пробите се покаже дека постапката е успешна, тогаш ќе бидеме во можност да го собираме целото количество нафта што истекува“, вели адмиралот Тед Ален, кого претседателот Барак Обама го назначи за координатор на акцијата.

Фотографија: AP

Според него, се работи за „напредок од одлучувачко значење“. Изминативе недели „Бритиш петролеум“ се обиде на неколку начини да го сопре истекувањето на нафатата, но сите тие досега се покажаа како неуспешни. Викендов мораше да биде отстранет друг цилиндар, кој беше премал и несоодветно наместен врз дупнатата цевка, така што собираше само дел од нафтата.

Платформата „Дипвотер хорајзон“ експлодира на 20 април и потона два дена подоцна. Нафтата што оттогаш се излива во морето го загрозува екосистемот на Мексиканскиот залив и на бреговите на југот на САД.

Во меѓувреме, американската влада издаде нов мораториум за новите дупчења на нафта, кој треба да важи до крајот на ноември. Како што истакна министерството за внатрешни работи, оваа мерка е „неопходна и соодветна“, за населението, крајбрежните области и природата да се заштитат од слични катастрофи.

Автор: КВ/ ТТ/ ЖА/ дпа/ афп/ апн/ дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми