1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова промена на власта во Букурешт

Роберт Шварц
5 ноември 2019

Романија доби нова- малцинска влада. Кабинетот на либерално-конзервативниот премиер Лудовик Орбан беше избран со гласовите од партиски отпадници и претходните противници. Пирова победа, смета Роберт Шварц

Rumänien Minderheitsregierung von Ludovic Orban gewählt
Фотографија: AFP/D. Mihailescu

„Уште една ваква победа и изгубени сме!“ Вака или слично, веројатно размислуваше не само новиот романски премиер Лудовик Орбан, шеф на Националната либерална партија (ПНЛ), по тесниот избор  во парламентот во Букурешт. Да, новото мнозинство од нужда во двата дома на парламентот функционираше. И да,  поранешната социјалдемократска влада на премиерката Виорика Данчила може да си ги пакува куферите. Конечно.

Но,  победниците немаат време за славје. Орбан го знае тоа многу добро. Проевропската партија ПНЛ го нема потребното мнозинство во парламентот и зависи од поддршката на поранешните политички противници. Мнозинството може да се промени нагло. Ова се виде и на ова гласање. Ако малцинската влада на Орбан не постапува онака како што сакаат обезбедувачите на  парламентарно мнозинство, таа наскоро  може да му припаѓа на минатото. Левичарско-популистичките и честопати анти-европски настроени социјалдемократи сè уште имаат најмногу места во актуелниот состав на парламентот. Отпадниците од нивните редови би можеле покајнички да го сменат мислењето и да го соборат Орбан во секое време.

Повеќе:

-Владина криза во Романија - социјалдемократите на пат кон дното

-Ливиу Драгнеа - крај на една политичка кариера во Романија

-Романија останува, Романците си одат

Не само заради ова промена на владата од почеток е поврзана со  одредена трагика. Таа се случува само неколку дена пред претседателските избори следната недела. Актуелниот претседател Клаус Јоханис е  кандидат на ПНЛ и бара втор мандат. Неговите шанси се добри, според истражувањата, тој е прилично осамен на врвот на списокот на кандидати. За да не го загрози неговиот реизбор, Јоханис веројатно ќе мора неколкупати дневно да нагласува дека „неговата“ влада на чело со Орбан не е ништо повеќе од преоден кабинет со две јасни задачи: да го подготви буџетот за 2020 година и да се подготви земјата за предвремени парламентарни избори.

Роберт Шварц, автор на коментарот

Поддршка од граѓанското општество

Вториот пак го очекува пред сè граѓанското општество на Јоханис. А тоа е она што конечно и претседателот мора да го посакува,  за да може да се потпира на стабилна влада. Досегашната блокада од страна на владата на ПСД лошо влијаеше врз него, но и врз неговата функција. Чекор по чекор, социјалдемократите ги доведоа државните институции под нивна контрола и ги намалија овластувањата на претседателот. Без континуирана поддршка од редовите на граѓанското општество - се сеќаваме на националните масовни протести против корупцијата и злоупотребата на службената должност - Јоханис ќе имаше многу полоша позиција во борбата за моќ со посткомунистите.

Но, има нешто на што премногу ретко му се обраќа внимание: На Јоханис - во случај на негов реизбор -  би му бил потребен нов тим, за повеќе да не се изложува на обвинувањата дека е „слуга“ на стариот естаблишмент. Во Романија не е заборавено дека ПНЛ пред околу пет години владееше со ПСД во заедничка алијанса . Иако ПНЛ оттогаш се промени, сепак една нова проевропска партиска алијанса на центарот, УСР-ПЛУС , најдоцна по добрите резултати на европските избори, има привлечна моќ особено за помладата и добро образована изборна публика. Јоханис би направил добро да не ја потцени новодојдената партија.

По претседателските избори наредната недела- и најдоцна по вториот круг од тие избори на 24 ноември- ќе се покаже, дали новата  промена во Букурешт ќе ѝ стави крај на долгогодишната политичка криза во земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми