1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова рунда преговори за Косово

7 август 2006

Денеска во 10 часот во Виена почнува осмата рунда преговори за статусот на Косово.

Развеани српски знамиња во северниот дел на Косово
Развеани српски знамиња во северниот дел на КосовоФотографија: AP

Овој пат на дневниот ред се наоѓаат децентрализацијата на покраината и правата на малцинствата. Ни овој пат не се очекува суштинско приближување на позициите на Белград и Приштина, а набљудувачите оценуваат дека најголемиот успех е веќе самиот факт што средбата се одржува.

Српската делегација на преговорите во Виена го потврди присуството дури кон крајот на минатата недела. Премногу студена беше атмосферата на средбата меѓу премиерите на српската и косовската влада пред две недели. Немаше ракување, немаше заеднички ручек, а по најважаното прашање немаше ни милиметар приближување на ставовите, заклучи на крајот на средбата главниот посредник во преговорите, Марти Ахтисари. Албанската страна и понатаму инсистира на потполна самостојност, а српската нуди само далекусежна автономија.

Со оглед на тоа, шефот на албанскиот преговарачки тим, вице премиерот Лутфи Хазири, изгледите за успех на денешната средба го оцени на следниот начин:

„Ќе биде тешко да се постигне доближување со српската делегација, бидејќи тие го поддржуваат принципот на поделба, односно на два ентитета на Косово. Тоа е за нас неприфатливо. Се надевам дека Србите ќе се придвижат, иако не изгледа така.„

Идејата за два ентитета ја лансираше српскиот претседател Борис Тадиќ. Таа предвидува Србите на Косово да имаат право на посебни односи со Белград, иако немаат јасно дефинирано подрачје. Албанците се плашат дека тоа би довело на подолг рок до поделба на Косово. За Србите пак не доаѓа предвид потполно да се откажат од покраината:

„Порано постоеше Југославија со шест републики. Според волјата на меѓународната заедница требаше од неа токму толку нови држави да произлезат. Не е прифатливо Србија да биде единствената земја на чија територија дополнително треба да се создаде уште една држава. Сепаратистите во целиот свет гледаат како ќе се реши проблемот на Косово, дали ќе победи правото или насилството?„ – изјави српскиот министер за надворешни работи Вук Драшковиќ непосредно спроти почетокот на осмата рунда преговори во Виена.

Кога зборува за насилството, Драшковиќ мисли пред се‘ на најновите напади на Албанците врз српското насление на северот од покраината. Таму имено живеат преостанатите 100.000 Срби, кои бараат 16 општини, додека албанската страна не сака да се сложи со повеќе од шест. Тоа е главната точка на недоразбирање на денешниот дневен ред. Додека утре проблем ќе биде фактот што Србите не сакаат во меѓународните преговори за иднината на Косово да бидат третирани како малцинство.

При тоа на преговарачите не им останува уште многу време. Посредникот Марти Ахтисари треба до крајот на годинавата да предложи конкретно решение за конечниот статус. При тоа најголем притисок вршат Американците, кои се плашат дека ново одложување на конечното решение може да предизвика повторно насилство. Од друга страна, Русија, како најважен сојузник на Србија, предупредува од избрзани решенија во насока на потполна независност на Косово.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми