1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова надеж за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
13 октомври 2021

Нов круг консултации се најавуваат за крајот на октомври. Надежите се дека по изборите во Бугарија ќе преовлада разумот за надминување на недоразбирањата меѓу двете земји.

Slowenien | Westbalkan-Gipfel
Фотографија: Government of RNM

Софија и Скопје до крајот на октомври повторно треба да седнат на заедничка маса во обид за надминување на спорот и отворање на патот за влез на Северна Македонија во ЕУ. Сите очи се вперени во претстојните избори во Бугарија, по коишто се очекува напредок во решавањето на спорот, по бугарското вето. Новата рунда разговори ќе се темелат на билатералниот протокол од 6 точки кој треба да биде готов до почетокот на ноември. Веќе на 14 декември ќе се одржи состанокот на Општиот совет на ЕУ, на кој се очекува да се донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка и закажување на првата меѓувладина конференција. 

Бугарија смета дека инвестирала многу во дијалогот со Република Северна Македонија и очекува конкретни дејствија за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година. Позитивен импулс од разговорите очекува и македонската страна, која се надева на бугарската поддршка за отворање на патот кон ЕУ.  

Нова рунда разговори 

Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во Софија на средба со хрватскиот колега Гордан Грлиќ Радман, информираше дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат и дека се предадени бугарските предлози и текстови. До крајот на октомври, тој најави дека ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Северна Македонија и доколку се постигне согласност, ќе биде ставен потпис на договореното од страна на двајцата министри за надворешни работи. Продолжуваат разговорите и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој неодамна ги посети двете земји во обид за решавање на спорот. 

Продолжуваат разгворите и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој неодамна ги посети двете земји во обид за решавање на спорот.Фотографија: EU/Gent Shkullaku

Бугарскиот државен врв минатата недела информираше дека протоколот, кој што е основа на разговорите, се состои од 5+1 точка  за:  

 - краткото и долгото име на државата;  

 - спречување на говор на омраза; 

- рехабилитација на жртви на комунизмот; 

- поголем ангажман на Комисијата за историски прашања; 

- немешање во внатрешни работи и 

- вметнување на Бугарите во македонскиот Устав. 

Бугарскиот претседател Румен Радевна состанокот со шефот на хрватската дипломатија Грлиќ-Радман, ги оценил како алармантни случаите на дискриминација и систематско кршење на човековите права на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Тој изразил поддршка за нивната желба да бидат вклучени во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, како и на нивните очекувања за објективно одразување во резултатите од пописот. 

„За нас е важно меѓу младите од Република Северна Македонија да не се влева омраза кон Бугарите“, истакнал Радев, давајќи пример со учебниците во земјата, каде што, според него, се уште има искривени толкувања на Бугарија и Бугарите. 

Разумот да надвладее 

Премиерот Зоран Заев деновиве изрази надеж дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее „за да можеме да се испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации“. Тој е дециден дека билатерални работи треба билатерално да се решаваат. 

„Работните групи продолжуваат да работат. Верувам дека би дошле до усогласени текстови, би се решило тоа прашање, затоа што тоа се решливи прашања односно ќе кажам едноставно е, дека краткото име е исто со долгото име, Северна Македонија е исто со Република Северна Македонија, дека немаме територијални претензии спрема ниту еден од соседите. Секако, немаме територијални претензии спрема Република Бугарија“, рече Заев. 

Тој посочи дека Бугарија е членка на ЕУ и ЕУ без една земја не може да донесе одлука. „Убеден сум дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее за да можеме да испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации“, истакна Заев. 

Заев е убеден сум дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада.Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Претседателскиот кандидат на партијата ГЕРБ во Бугарија, Анастас Герџиков денеска ги оцени како многу добри последните изјави на премиерот Зоран Заев, и изрази надеж дека тоа не се само празни зборови. Тој вели дека интеграцијата на Репувлика Северна Македонија во ЕУ ќе се случи откако ќе ги исполни обрврските од Договорот за пријателство. 

„Нашата позиција мора да биде конзистентна. Сакаме европска интеграција на сите земји од Западен Балкан. Но, интеграцијата на PCM може да се случи откако нашиот западен сосед ќе ги исполни потпишаните обврски во Договорот за соседство. Последните говори на Зоран Заев беа многу добри, да се надеваме дека ова не се празни зборови“, изјави Герџиков во интервју за утринскиот блок „Бугарија наутро“. 

Декларација со осуда 

Македонските организации во Бугарија, во меѓувреме издадоа Декларација во која ја осудуваат „континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија“. Од Бугарија бараат да не го негира македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права. Бараат Бугарија да го промени Уставот така што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Понатаму бараат Бугарија да престане да ја уценува Македонија и да ја деблокира нејзината евроинтеграција. 

-повеќе на темата: Уште еден чекор кон ЕУ или алтернативно решение за Северна Македонија?

Од македонската Влада реагираа дека постапуваат во согласност со сите европски приципи и во согласност со македонскиот Устав кој вели дека земјата не треба да се меша во внатрешните работи на другите земји. Апелираат до здруженијата, правата да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. 

„Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас“, порача премиерот Заев.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми