1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова стратегија на Русија во БиХ

Азер Слањанкиќ/БГ13 ноември 2014

Русија беше воздржана при гласањето во Советот за безбедност на ОН за продолжување на мандатот на ЕУФОР во БиХ. Вниманието на јавноста го привлекоа и зборовите на рускиот амбасадор: Неприфатливо е БиХ да се турка кон ЕУ.

Фотографија: picture-alliance/EPA/F. Demi

Во германското министерство за надворешни работи го поздравуваат продолжувањето на мандатот на ЕУФОР во Босна и Херцеговина за уште една година. „За жалење е што овојпат таа мисија активно не ја поддржаа сите членки на Советот за безбедност“, вели портпарол на министерството.

„Велика Британија и Германија неодамна покренаа нова иницијатива за редефинирање на процесот на приближување на БиХ кон ЕУ. Таа иницијатива е своевидна понуда до граѓаните на БиХ и поврзана е со конкретни реформски процеси. Одговорноста за идниот курс на државата лежи исклучиво рацете на лидерите на земјата“, додава портпаролот алудирајќи на изјавата на рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин.

Чуркин во расправата за мисијата ЕУФОР изјави дека „има лоши примери кога на некоја земја врз основа на притисок однадвор и’ се наметнува правец кон интеграција во ЕУ“.

Јасен сигнал од Русија

За Тобијас Флесенкемпер, експерт за Балканот од европскиот институт ЦИФЕ во Ница, гласањето на Русија претставува сигнал од таа земја дека има потенцијал позитивно или негативно да влијае врз текот на случувањата на Балканот. „Русија и досега, дури и кога ќе се земе предвид воздржаноста при последното гласање, ја поддржуваше БиХ на патот кон ЕУ. Новите изјави на Чуркин се причина за загриженост затоа што меѓу редови може да се прочита дека веќе не е така. Сепак, големото мнозинство граѓани на БиХ, нејзината власт, партиите кои сега преговараат за формирање нова влада, па дури и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, го поддржуваат процесот на европски интеграции, така што не гледам причина за драматизирање“, вели Флесенкемпер.

Виталиј ЧуркинФотографија: Reuters

Вистинска промена на стратегијата на Русија во БиХ би била кога би гласала против продолжување на мандатот на ЕУФОР во БиХ, што владата во Москва можеше да го постигне, доколку сакаше, со вето во Советот за безбедност, потсетува експертот на институтот од Ница.

Нова стратегија

За Ерих Ратфелдер, дописник од Сараево на германскиот весник „Тагесцајтунг“, таквиот развој на настаните во Советот за безбедност и изјавата на Чуркин укажуваат дека Русија веќе не е само реторички на „српска страна“ на Балканот: „Новата стратегија е видлива и низ политичката поддршка за Додик, не само во прашањата кои имаат директна врска со политиката во БиХ, туку и во политиката која, долгорочно гледано, би водела кон отцепување на Република Српска од БиХ“. Според Ратфелдер, кон таа перспектива на развојот на настаните се пристапува чекор по чекор, а новата стратегија станала видлива и пред кризата во Украина, уште во текот на 2011 и 2012 година. Тој нагласува дека уште во мај 2014 година дошло до несогласувања во Советот за имплементација на мирот (ПИЦ) во БиХ, каде Русија повеќе не била подготвена да ги гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ.

„Тоа што сега Русија одби да даде поддршка за продолжување на маднатот на трупите се вклопува во сликата за новата стратегија“, вели тој. „Кога некој ќе го напушти консензусот кој во рамите на ПИЦ постоеше уште од времето на потпишувањето на Дејтонскиот договор, тогаш се чини дека е на дело конзистентна стратегија чија цел е контролирање на позициите на Република Српска и Србија и ставање прашалници зад членството во ЕУ“, смета Ратфелдер.

Одговорот на Западот

Тобијас Флесенкемпер верува дека изјавата на Чуркин ќе има контра-ефект. Министрите за надворешни работи на ЕУ уште во текот на следната недела ќе разговараат за британско-германската иницијатива за нов пристап во процесот на интеграција на БиХ. Тој вели дека е потребно да стапи во сила Договорот за стабилизација и асоцијација, спроведување на стопански и социјални реформи во БиХ. „Мислам дека изјавите на Чуркин само ќе и’ дадат крила на таа иницијатива бидејќи сега европските шефови на дипломатии се под притисок да делуваат и станува јасно дека на БиХ и’ е потребна поголема поддршка на патот кон ЕУ“.

Ратфелдер наведува дека западните држави сѐ уште се поделени кога е во прашање БиХ, но и по прашањето за дејстувањето на Русија на Балканот. „Се надевам дека британско-германската иницијатива ќе придонесе за тоа, Германија да почне повнимателно да ги следи случувањата во БиХ и повеќе да не се набљудува сето тоа толку наивно како досега“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми