Нова трагедија во близина на Лампедуза
3 октомври 2013„Бараме други преживеани во водата“, рече портпаролот на италијанската крајбрежна стража Марко ди Мила. Италијанските власти информираат дека се трага по 200 лица. Станува збор за една од најсмртоносните несреќи што се случила во последно време во северноисточниот дел од Медитеранот. Во тој дел бројни мигранти пробуваат од Африка да побараат подобар живот во ЕУ.
„Ова е огромна трагедија“, рече градоначалникот на Лампедуза Џузи Николини, кој информираше дека меѓу жртвите има најмалку едно дете на тригодишна возраст и бремена жена.
Преживеани се бараат со бродовите на стражата, локални рибарски бродови и хеликоптери. Бродот кој ги пренесувал Африканците го започнал патувањето од Триполи. Во него имало мигранти од Еритреа, Гана и Сомалија, информираше портпаролот на крајбрежната стража. Властите стравуваат дека на бродот можеби имало 500 луѓе.
Пожарот настанал кога бродската посада почувствувала дека бродот тоне и започнала да испукува светлечки ракети, за тој да биде видлив од бродовите кои минувале во близина. Откако бродот се запалил, тој се превртел на едната страна.
Папата Франциско, кој ја посети Лампедуза во јули, испрати сочувство за жртвите. Тој повика верниците да се помолат за жртвите. Папата повика да се стави крај на индиферентноста кон тешката положба на бегалците.
Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано изјави дека мора да се патролира на африканскиот брег, со цел да се спречат мигрантите да стигнат во Европа.
„Неопходно е да се стави крај на криминалното криумчарење луѓе, а тоа мора да се направи во соработка со земјите од каде доаѓаат мигрантите и барателите на азил“, нагласи Наполитано. Тој потенцираше и дека е непридатливо што Фронтекс, Агенцијата на ЕУ за заштита на границите, не реагирала без одложување со соодветни механизми.
Денешниот инцидент е втора бродска несреќа во Италија оваа недела. Во понеделникот 13 мажи се удавија обидувајќисе да стигнат до Сицилија, кога нивниот брод потона на само неколку метри од брегот. Стотици мигранти доаѓаат на италијанскиот брег секој ден, а посебно во лето, кога морињата вообичаено не се многу разбранувани. Тие се сместуваат во прифатни центри, им се проверуваат барањата за азил и често се враќаат дома.