1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова форма за приближување на Балканот кон ЕУ

Тони Гламчевски8 јули 2008

Европскиот парламент се подготвува одлучно да ги потврди обврските и ветувањата преземени од ЕУ кон земјите кандидати за членство. Освен за Хрватска, за останатите сега се размислува да им се даде преоден статус.

ЕУФотографија: EU

Во предложената резолуција од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент за стратегијата за проширување на ЕУ, уште на почетокот се нагласува дека сите досегашни проширувања беа неоспорно успешни, како за Европската унија така и за земјите кои станаа нејзини членки.

Досегашните проширувања беа успешниФотографија: AP

Сепак, денес европратениците сметаат дека е потребно да се создадат соодветни услови за да се гарантира успехот и на идните проширувања. „Европските перспективи во никој случај не треба да бидат асимилирани со целосно зачленување во Европската унија, потребно е да се најдат нови патишта и нови инструменти кои ќе бидат меѓу целосното членство и политиката на добрососедство.“ –предупреди германскиот европратеник Елмар Брок при претставувањето на неговиот извештај за стратегијата за проширување на Европската унија.

Меѓу членство и партнерство

Како што замислува Брок, тоа треба да бидат решенија кои можат да се споредуваат со поранешниот европски економски простор, како што беше направено порано за Австрија или Финска. Земјите кандидати и соседите на ЕУ можат да бидат приклучени кон ЕУ со преземање на 40%, 50% или повеќе проценти од заедничките вредности и придобивки на ЕУ, се додека не бидат способни да станат членки на ЕУ.

„Ние не им ја затвораме вратата пред носот. Напротив, ние можеме веднаш да им понудиме нешто. За некои од балканските земји со исклучок на Хрватска која нема потреба од ова, тоа ќе биде преоден период и интересен инструмент.“ - вели германскиот европратеник.

Брок за илустрација го дава примерот со Швајцарија и Норвешка. Норвешка не е членка на ЕУ, но таа е составен дел на Шенген зоната, од друга страна Швајцарија ќе учествува во структуралните фондови на ЕУ.

Брок мисли дека можат да се направат многу вакви варијанти, што „ќе и дозволи на Унијата да се засили и да не биде изложена на надчовечки напори, а воедно на земјите кои чекаат им се пружа шанса и надеж да бидат дел од заедничкиот простор.“

Без Лисабонскиот договор нема проширување

Ханс Герт ПетерингФотографија: AP

Претседателот на ЕП, Ханс-Герт Петеринг на брифингот со новинарите беше јасен „без усвојувањето на Лисабонскиот договор, нема да има нови проширувања“. Претседателот на групата на народните партии во ЕП, Французинот Жозеп Дол посебно инсистира на активностите за да се изнајде решение за Лисабонскиот договор, со што Балканот нема да биде блокиран. Тој верува дека ќе биде најдено решение до крајот на годината, пред да се дадат нови предлози за земјите кандидати, како на пример Македонија.

„Мислам дека Македонија исто како и другите можат да продолжат на патот кон ЕУ, но претходно ни се потребни правила за да можеме да раководиме со Европа. Едногласното донесување на одлуките, правило од договорот од Ница, мора да исчезне!“ Дол, притоа нагласува дека неговата група се грижи приоритетно да биде решен проблемот со Балканот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми