Нова шанса за дијалог-оставките на опозицијата не се усвоени
18 јуни 2014![](https://static.dw.com/image/17627190_800.webp)
Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељановски денеска (17.06.2014) ја прекина четвртата собраниска седница на чиј дневен ред беше констатирањето на оставките на пратениците од опозицијата, образложувајќи дека со тоа остава простор за натамошен развој на политичкиот дијалог и на разбирањето помеѓу партиите.
„Македонија е држава со цврста определба за натамошен демократски и севкупен општествен развој. Уверен сум дека остварувањето на оваа национална цел е носечки приоритет на сите пратеници, независно дали тие денес се во собраниската сала или надвор од неа. Во таа смисла, длабоко свесен за интересите на државата, како претседател на македонскиот законодавен дом одлучив да оставам простор за натамошен развој на политичкиот дијалог и на разбирањето помеѓу партиите“, рече Вељаноски.
Македонија, додаде, мора да продолжи со силно темпо да ги реализира целите за натамошен развој на односите со Европската унија и со НАТО, независно од нашите политички разлики, а тоа најдобро можеме да го направиме здружени и сплотени, посочи Вељаноски, најавувајќи дека дополнително ќе информира за продолжение на седницата.
Седницата на Собранието беше прекината веднаш по констатирањето на записниците од претходните седници.