1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Новинарите водат битка, но други ја преспиваат или блокираат

15 декември 2020

Товарот во битката за професионални стандаради не може да биде фрлен само врз грбот на новинарите. Има многу алки што недостигаат - од постапување на надлежните институции, до односот на партиите

Symbolbild Fake News
Фотографија: Imago/ZumaPress

Битката против говорот на омраза, заканите и лажните вести не зависи само од новинарските организации, туку од многу чинители - и од надлежните институции, и од политичките партии. Ова е став на еснафските претставници, откако премиерот Заев вчера изрази очекување од похрабри чекори на новинарите во битката против лажните вести и нивното пласирање во медиумите.

„Од она што го добивам како анализи, што го следам и читам, гледам дефинитивно има многу злонамерни ширења лажни вести кои може да предизвикаат непоправливи последици. Се работи за медиуми без импресум, кои освен што уништиваат чест и достоинство на поединци, уништуваат и институции, уништуваат стратегии на државата, шират омраза која има рефлексија и пречки на нашите стратегиски цели“, изјави премиерот, и побара поддршка од медиумите и нивните здруженијата за воспоставувањеевропски модел во справувањетосо такви случаи.

Неказнивоста ја охрабрува агресијата

Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија, вели дека ЗНМ прави напори, кои се поздравени од Европската комисија и од Стејт департментот, како единствено ниво на напредок во медиумскиот сектор минатата, и оваа година. Но, наидуваат на блокада во дел од државните институции, пред се во правосудството. Тој потсетува дека се поднесени десетици претставки до МВР и пријави до Јавното обвинителство за говор на омраза и закани, но институциите кои имаат единствена можност да реагираат - или ги игнорираат, или млако реагираат на ваквите пријави.

„Со оваа неказнивост се охрабрува омраза, вербална агресија, и продолжување на злоупотребата на слободата на изразување. Потребно е Владата да создаде услови во правосудството за функционирање на законите, онака како што треба, за говорот на омраза, и за останатиот тип на агресија, пред се, присутни на социјалните мрежи. Епилог би биле правосилни пресуди", дециден е претседателот на ЗНМ.

Револт поради отфрлањето на тужбите на новинарите за 27-ми април - насилниот упад во СобраниетоФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Како последен апсурден пример за двојните аршини и грижата за состојбите во новинарството, Чадиковски го посочува отфрлањето на тужбите на новинарите за 27-ми април.

„Немало нападнати новинари, немало упад, немало задирање во слободата на говорот. Овој настан требаше и мораше да биде меѓник за диференцијација на професионалното наспроти лажното информирање, но институциите на државата покажаа дека се мајка за политичарите, а маќеа за новинарите. За едните имаше пресуди со високи затворски казни, и тоа е во ред, а за нас новинарите отфрлање на тужбите. И тоа на барање на државното правобранителство! Па, како мислиме ние да го развиваме професионалното новинарство, а ги демотивираме професионалните новинари да работат. Во исто време сите истраги и обвиненија против оние за кои велиме дека шират лажен наратив и говор на омраза паѓаат како кули од карти“, реагира претседателот на ЗНМ.

Непрепознавање на говорот на омраза

Дека дел од проблемот е во институционалните постапки против говорот на омраза или заканите, покажува и учинокот на правен терен: бројката на предмети кои се водат за вакви случаи е незначителен, а мала е и бројката на покренати обвиненија, што индицира дека Обвинителството недоволно го препознава елементот кај кривичните дела сторени со мотив на омраза. Вакви се оценките на Коалицијата „Сите за правично судење", врз основа на она што се случува во практика.

„Од страна на Коалицијата ‘Сите за правично судење’, констатирано е дека бројот на предмети кои што се водат пред основните судови за говор на омраза и криминал од омраза, е незначителен“, вели Натали Петровска, извршна директорка на оваа организација.

Според податоците со кои располага Коалицијата, во текот на изминатите три години (2017, 2018 и 2019), вкупниот број на пресуди за делата предвидени во чл. 319 и 394-г од Кривичниот законик  бил  осум, од кои четири 4 се однесуваат на чл.394-г (сите од 2019 г.) и четири се однесуваат на чл.319 од КЗ.

„Ова претставува исклучително мал број на иницирани предмети, имајќи го предвид порастот на говорот на омраза во изминатиот период. Она што се забележува како проблем во постапувањето на Јавното обвинителство, е недоволното препознавање на елементот кај кривичните дела сторени со мотив на омраза кон одредена група на граѓани кои што имаат иста заштитена карактеристика. Имено, оттаму е и фактот што речиси и нема обвиненија за ваков вид на кривични дела“, вели Петровска.

За 2020 година Коалицијата досега има евидентирано дека постојат само 2 предмета што се воделе во однос на ваквите кривични дела. Едниот од тие предмети во текот на изминатата недела, во првостепената постапка заврши со ослободителна пресуда, со образложение дека Јавното обвинителство не докажало надвор од разумно сомневање дека обвинетиот го сторил кривичното дело што му се става на товар.

„Пречките за ваквото (не)постапување од страна на обвинителството се претпоставува дека се должат на недоволното препознавање на елементот на говор на омраза или мотивот за сторување на кривичното дело. Оттука сметаме дека е неопходно зајакнување на капацитетите на јавното обвинителство во поглед на интензивирање на обуки за јавните обвинители на оваа тема, како и постапувањето по ваквиот вид на кривични дела“, укажува Петровска.

Промедиа – за да се направи разлика

Битката на овој план ја отежнуваат и партиите и нивни претставници, кои наместо да дадат позитивен пример, го прават спротивното.  

„Кога зборуваме за лажни вести треба да се знае дека тие најчесто доаѓаат и се шират од политичките претставници, а дел од медиумите, оние наменски создадени од политичките партии, како последна алка во синџирот само ги пренесуваат. И сето тоа во мрежа на партиски ботови. Недозволиво. ЗНМ е на страната на професионалното новинарство и немаме намера да застанеме. Заедно со Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го создадовме Промедиа.мк и направивме сериозна разлика во тоа што е професионално наспроти непрофесионално новинарство, секојдневно се носат одлуки со кои се осудуваат ваквите лажни наративи и ќе продолжиме да го развиваме системот на саморегулација. За да имаме успех потребни се заеднички напори, но и максимално вложување на сите институции на државата и политичките партии, во функција на почитување на законите“, коментира Чадиковски.

Истиот став го дели и Катерина Синдиновска, претседателка на Управниот одбор на СЕММ, организација која во сегашните околности добива голем број претставки против медиуми кои не ги почитуваат професионалните и етичките стандарди.

„Се согласувам дека за битка со дезинформациите и пропагандата потребна е поголема храброст, но никако не можам да се согласам дека таа треба да се бара само од новинарските организации, прво имајќи предвид за колку комплексен проблем се работи, а второ судејќи по проценките што за нашата работа ги дава ЕУ во Извештајот за напредокот и тие се исклучително позитивни, вели Катерина Синдиновска.

Борба за професионални стандарди во новинарствотоФотографија: picture-alliance/dpa/empics/D. Lipinski

Регистарот на професионални онлајн медиуми (Промедиа) таа го посочува како пример за исклучителен проект.

„Тука, покрај пофалбите од ЕУ, стојат и ставовите на нашите партнерски организации низ регионот и низ Европа, што бараат помош токму од нас, оти сме пример за изработка на еден исклучителен проект. Тоа е едно уникатно решение за да се запазат две клучни поенти во борбата со квази – медиумите, ем да се заштити полето на интернетот од дополнителна државна интервенција, што е врвна демократска норма, ем да се дистанцираат јасно медиумите што работат според Кодексот и стандардите“, објаснува Синадиновска.

И компаниите мора да го поддржат процесот

Но, за Регистарот да профункционира така како што е замислен, потребна е искрена и силна поддршка, прво од бизнис секторот. Но, тој засега не дава видливи сигнали за воочување на разликата меѓу медиуми и квази медиуми.

„Компаниите се тие што треба да бидат храбри за да престанат да се рекламираат во портали што копаат од дното подолу, уривајќи ги сосема професионалните норми. Дел од тие фирми велат дека такви реклами воопшто не ни даваат, туку самите портали си ги ставаат за да си дадат наводна тежина. Тоа секако не е алиби, оти ако како компанија имате елементарна општествена одговорност и свест за сопствениот имиџ, не знам како може да си дозволите да има ваше лого покрај наслови, што блескаат во сиот раскош на клеветите, навредите, омразата, отворениот шовинизам и мизогинија!?“, реагира Синадиновска. 

За да се стигне до вистински резултати, таа смета дека Стопанската комора и воопшто сите големи компании, мора да се дел и да го поддржат вистински процес. Од СЕММ неделава таму имаат закажано средби за реафирмација на првичната соработка, бидејќи сметаат дека на тој план има пропусти и дека не се прави доволно. Ќе бараат изработка на план со активности за периодот што следува и за итно вклучување на фирмите во поддршка на Промедиа.

Синадиновска укажува дека е потребна храброст и од политичките партии кои имаат мрежа на ботови по социјалните мрежи, задолжени за сеење на лаги и омраза, што потоа се злоупотребуваат и завршуваат исто на портали како пара-вести.

„Социјалните мрежи никаде во светот, па ни кај нас, не се во контрола на новинарската фела. Тука има закони за чија имплеменација се знае кој е задолжен - говорот на омраза, авторските права, клеветата и навредата, дискриминацијата - сето ова е веќе законски регулирано. Затоа храброст треба и од правосудните органи кои недоволно фокусирано се борат со овие феномени, вклучително и со говорот на омраза,  што е крајно опасно да се сведе на наша работа или на просто прекршување на новинарски стандарди, оти е кривично дело. Потребна е и храброст за реализација на сите истраги, околу сомневањата за начинот на финансирање на разни медиумски групации, и во меинстрим и во онлајн просторот. Тука апсолутно даваме наша поддршка на правосудните органи“, децидна е Синадиновска.

Најавува дека СЕММ ќе продолжи со својата главна мисија, а тоа е оценка на текстови и прилози напишани надвор од новинарски стандарди и битка за Промедиа да ја добие потребната поддршка.

„Мисијата на СЕММ никогаш не била да се врзат раце на системот, напротив, ние силно ги поттикнуваме сите институции што имаат надлежности на оваа тема да почнат да работат. Нашата битка е саморегулацијата да се примени на оценката за квалитетот на новинарскиот труд, а државната регулација да настапи во форма на почитување на законите. Ниту мешање на овие два, взаемно компатибилни процеси, ниту амнестија на државата од преземање на одговореност ќе помогнат. Треба искрена, заедничка и постојана битка на сите актери што имаат улога во медиумскиот простор за подобрување на новинарските стандарди, ама секој во својот дел“, порачува претседателката на УО на СЕММ. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми