1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите на улица

25 март 2011

Во знак на поддршка за штрајкот на новинарите на некогаш најголемиот весник во Хрватска „Вечерњи лист“, денеска (25.03) се формираше колона новинари и од другите медиуми, на која се приклучија и студенти.

Kroatische Zeitschriften am Kiosk
Фотографија: DW / Subic

Колоната ја предводеа новинари на „Вечерњи лист“, кои се борат за зачувување на основните права од колективниот договор со куќата, која е во сопственост на издавачки куќа од Австрија.

Поголемиот дел од новинарите на „Вечерњи лист“ со штрајкот се борат за одржување на работните и професионални права, содржани во колективниот договор досега. Управата на дневникот ги одби дел од новинарските барања со образложение дека тие се неприфатливи поради падот на прометот и на тешката економска ситуација во земјата.

Кога австриската новинска куќа „Стирија“ пред една деценија го купи загрепски „Вечерњи лист“, тој беше убедливо најтиражниот дневен весник во Хрватска. Но, од тогашните околу 160 илјади примероци, прометот нагло падна на околу 60 илјади примероци, посочува извршниот директор на „Стирија“ за Хрватска, Борис Трупчевиќ. Поради тоа дојде до отпуштање на голем број новинари и слободни соработници, но исто така и до истовремено вработување на лажни хонорарци, кои со статус на „фриленсери“ работат во редакцијата на весникот „Вечерњи лист“, секако со помали бенефиции и сигурност на работното место, што индиректно ја загрозува нивната независност како новинари.

Поддршка од меѓународните здруженија на новинарите

Меѓународните медиумски здруженија ги разоткрија сомнителниот бизнис, како и двојните стандарди во австриските и хрватските медиуми на „Стирија“. Меѓународната и Европската федерација на новинари во писмо за поддршка на штрајкувачите „остро го осудија вклучувањето на лажните слободни новинари и хонорарци во издавањето на весникот“.

Акцијата е насочена против двојните стандарди на „Стирија“ кога станува збор за правата на новинарите во Хрватска, во споредба со оние во Австрија и во ЕУФотографија: picture-alliance/ZB

Претседателот на Европската федерација на новинари Арне Кениг истакна дека „националните и европските институции мора да обезбедат работните права и колективните договори да важат и за лажните самостојни новинари“. И двете организации го поддржуваат новинарскиот синдикат на Хрватска и нејзиниот огранок во „Вечерњи лист“ во акцијата насочена против двојните стандарди на „Стирија“ кога станува збор за правата на новинарите во Хрватска, во споредба со оние во Австрија и во ЕУ.

„Не ги купувајте нашите весници!“

Хрватското здружение на новинари и Синдикатот на новинарите на Хрватска во знак на поддршка на колегите од „Вечерњи“ го закажаа денешниот митинг, на кој ветија дека ќе им се приклучат и новинари од „Гласот на Истра“, „Нов лист“, „Слободна Далмација“ и други.

Последното истражување за јавната перцепција на корупцијата во Хрватска покажува дека довербата на граѓаните во печатот, во текот на изминатите шест години, се зголемил дури за 23 отстоФотографија: DW

Јавноста во Хрватска очигледно сфати дека, по претходниот притисок врз медиумите од политиката, сега тие притисоци се вршат преку нарушување на цената на трудот, намалување на правата на новинарите и прекршување на професионалната заштита. Без сето тоа не би постоеле ни слободни, ниту отворени медиуми.

Новинарите на „Вечерњи лист“ им порачаа на граѓаните да не го купуваат весникот, со што протестираат против нападот врз слободата на медиумите. Но, ефектот изостана. "Продажбата е иста. Не забележавме некоја посебна разлика. Нормална продажба како и секој ден", може да се слушне во продажните места, но директно загрозените новинари од „Вечерњи“ , како и нивните колеги од другите редакции, не се откажуваат.

Довербата расте, а квалитетот опаѓа!

Последното истражување за јавната перцепција на корупцијата во Хрватска покажува дека довербата на граѓаните во печатот, во текот на изминатите шест години, се зголемил дури за 23 отсто, по што следат телевизијата и судството. Хрватските новинари веќе предупредија дека порастот на довербата во медиумите се случува во време кога новинарската професија е во најлоша ситуација досега, бидејќи финансиските и професионалните права на новинарите паднаа на најниско ниво.

Извршниот директор на „Вечерњи лист“ Борис Трупчевиќ тврди дека штрајкот е неоправдан и непотребен. Но, меѓународните новинарски установи испраќаат порака до „Стирија“, која во Хрватска поседува влијателни весници и агенции, како што се „24 часа“, „Бизнис вести“ и фото агенцијата „Пиксел“, дека вработените во овие куќи немаат колективен договор. Колективниот договор на „Вечерњи лист“ потекнува од пред 15 години, што значи пред да го купи австриската куќа „Стирија“.

„Професионалните права не може да бидат резервирани само за стари и развиени демократии. Владата и сопствениците на медиумите во другите држави, особено оние кои се близу до членство во ЕУ, исто така, мора да го почитуваат социјалниот дијалог и колективните договори. Намалувањето на работничките права неизбежно ќе го влоши квалитетот на ’Вечерњи лист’“, стои во писмото на претседателот на Меѓународната федерација на новинари Џим Бумелх.

Критиките од странство, сепак не го спречуваат „Вечерњи лист“ да ги заклучи вратите и на штрајкувачите да не им дозволи пристап до зградата. Тие мораа да одат од страничниот влез, каде што обезбедувањето побара од нив да се изјаснат - дали штрајкуваат, или не. Лидерот на штрајкувачите Антон Филиќ оцени дека тоа е незаконски и повика инспекција и полиција, кои дојдоа и брзо си отидоа. Штрајкот, порачаа новинарите, продолжува се’ до исполнување на нивните услови.

Автор: Гордана Симоновиќ / Марија Пешовска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми