1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Судско огледалце мое, кажи новинар кој е?

15 април 2021

Тоа што судот кажува дали некој е новинар, е на штета на сите новинари, зашто се поставува како потенцијален регулатор на новинарската професија, вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.

Symbolbild Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz

Реакции во новинарската фела, особено кај оние кои работат во онлајн медиуми, предизвика дел од образложението во пресудата на Основниот граѓански суд, во кој, меѓу причините зошто е одбиена тужбата на новинар кој бара надомест на нематеријална штета, се објаснува зошто судот сметал дека тој не е новинар.

„Со оглед на тоа што тужителот согласно Законот за медиуми не можел да има својство на новинар, бидејќи здружението каде тој бил вработен не претставува издавач на медиум, ниту пак дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК претставува медиум регулиран со Законот за медиуми, тужителот нема активна легитимација да бара од тужениот да му биде платена отштета за евентуално загрозување на слободата на изразување“, се наведува во одлуката.

Скриен регулатор?

Од каде судот има мандат да одредува кој е новинар и што е медиум? - реагираа новинари.

Прашањето нѐ враќа во периодот пред 2018 година, кога во сите судови во земјата онлајн медиумите во граѓанските спорови имаа ист третман како и традиционалните медиуми, освен на едно место - во Основниот граѓански суд во Скопје. По бројни залагања на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) за воедначување на праксата, се веруваше дека проблемот е надминат. Сѐ до вчерашната „реприза“.

„Тоа што судот кажува дали некој новинар не е новинар, е на штета на сите новинари, затоа што судот на овој начин се поставува како потенцијален регулатор на новинарската професија“, вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.

„Основниот граѓански суд во Скопје преку оваа пресуда, за жал, создава пракса која е во спротивност со заклучокот на четирите апелациони судови, со кој, онлајн медиумите имаат во основа ист третман како и традиционалните медиуми во граѓанските спорови за клевета, а следствено на тоа и за други дела пред овој суд. Овој заклучок беше донесен по инсистирање на ЗНМ, бидејќи единствено Основниот граѓански суд во Скопје извесен период пред мај 2018 година не ги препознаваше онлајн медиумите, додека во другите судови низ Македонија тоа не беше случај“, објаснува Секуловски.

Тој потенцира дека судот преку оваа пресуда практично и заборава дека Северна Македонија има обврска да ја следи судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Прашањето за тоа кој медиум е традиционален, а кој не, секојдневно се менува како резултат на технолошките промениФотографија: picture alliance/dpa/C. Klose

Игнорирана европската пракса

Каква е европска практика во вакви случаи - прашавме адвокат упатен во оваа проблематика.

„Во пресудата Editorial Board of Pravoye Delo and Shtekel v. Ukraine, (no. 33014/05, 5 May 2011), Европскиот суд за човекови права за првпат, укажува дека членот 10 од Конвенцијата треба да биде интерпретирана како наметнување на позитивна обврска на државата да создаде поволна регулаторна рамка со која ќе обезбеди ефективна заштита на слободата на изразување на новинарите на интернет. Исто така, во пресудата Delfi v. Estonia, Европскиот суд за човекови права ги потврдил наводите на домашните судови кога заклучиле дека Делфи дневно објавувал по 330 содржини на интернет на ден, па следствено, интернет порталот го сметал како провајдер на услуги на содржини (provider of content services). Поради тоа, Судот го применил т.н. трипартитен тест, кој што се применува и кога се оценува дали постои повреда на слобода на изразување и кај класичните, односно традиционалните пишани или радиодифузерски медиуми. Во Македонија не постоеше закон за пишаните медиуми и тие за првпат во 2013 година се дефинираат во законот за медиуми, па до 2013 никој не спорел дека не постоеле пишани медиуми - дневни, неделни и периодични весници. Така што, ваквата констатација на судот, тој сам да одлучува дали некој е новинар или медиум, е надвор од неговата надлежност. Тој е должен да ја оценува слободата на изразување онака како што Европскиот суд за човекови права ја оценува“, оценува адвокатот.

Повеќе:

Новинарите водат битка, но други ја преспиваат или блокираат

Се бара крај за неказнивоста на нападите врз новинари

Северна Македонија три места погоре на листата за слобода на медиумите

Според нашиот соговорник, дилемата - дали лицата вработени како новинари во интернет портали или дигитални редакции треба да имаат статус на новинари - е апсурдна!

„Нормално е како што напредува технологијата, така и новинарите да се адаптираат на истата, бидејќи информациите сега стануваат брзо достапни за разлика од традиционалните медиуми“, вели тој.

Праксата го потврдува тоа. Прашањето за тоа кој медиум е традиционален, а кој не, секојдневно се менува како резултат на технолошките промени. Состојбата е многу динамична, имајќи предвид дека многу печатени медиуми во светот ги згаснаа печатените изданија и се префрлија на интернет, но тоа пред судовите не им ја оспорува активната легитимација како новинари и медиуми.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми