1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот Европски парламент - помлад и со повеќе жени

Сабине Кинкарц | Џана-Карина Грин
2 јули 2019

Во Стразбур денеска (2.7.2019) почнува со работа Европскиот парламент во нов состав. Како изгледа составот, од која земја има најмногу жени, каква е старосната структура на пратениците?

Frauenquote Parlament
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„Кога наутро ги отворам весниците, гледам дека Европа ја претставуваат постари мажи, со бела коса и во темни костуми, како во некои канцеларии потпишуваат договори“. Ова во 2014. година го изјави пратеничката од Зелените во Европскиот парламент, Тери Рајнтке, додавајќи: „Тоа не е мојата Европа!“

Сѐ повеќе политичари во меѓувреме се залагаат за порамноправна полова распределба на мандатите и функциите во ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон инсистираше четирите клучни позиции во ЕУ: претседател на Европската комисија, претставник за надворешна политика и безбедност, претседател на Советот на ЕУ и шеф на Европската централна банка, да се пополнат така што две да им припаднат на жени, а две на мажи.

Застапеноста на жените од 36% проценти порасна на 40%

Европскиот парламент според својот нов состав полека се прилагодува на структурата меѓу половите во населението. Во споредба со 2014. година, учеството на жените во ЕП сега е зголемено и изнесува 40%. На конститутивната седница на новоизбраниот ЕП учествуваа 446 мажи и 302 жени.

Парламентот има 751 пратеник, но три места за пратеници избрани во Шпанија на почетокот ќе останат непополнети, станува збор за мандати кои ги добија каталонските сепаратисти, а шпанските власти тоа го блокираа.

Зелените ја надминаа целта

Поглед врз структурата во пратеничките групи во ЕП покажува нерамномерно учество на жените. На прво место се европските Зелени/Европската слободна алијанса (ЕФА) со 39 жени и 37 мажи. Во оваа пратеничка група, покрај Зелените и ЕФА се и независни пратеници, претставници на партијата на Пиратите, претставници на народите кои немаат држава и на оние на запоставеи малцинства. Тие во минатиот состав на ЕП имаа 51 мандат, а по изборниот успех во мај сега имаат 76 пратеници од 16 земји.

Во сите други пратеничка групи жените претставуваат помалку од половина од пратениците. На второ место по застапеноста на жени (48%) е Обновување на Европа. Таа пратеничка група е основана во оваа 2019. година и е наследник на Алијансата на Либерали и Демократи за Европа (АЛДЕ). Со 109 мандати тоа е трета по бројот на пратеници пратеничка група во ЕП.

Бројот жени во ЕП бавно се зголемува

На трето место според застапеност на жени е пратеничката група ГУЕ/НГЛ со 45%, тоа е сојуз на на Обединета европска левица и Северна зелена левица. Таа пратеничка група има само 40 членови и е најмала во ЕП. Втора по јачина политичка сила е Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи со 152 пратеници, од кои 43 се жени. 40 % жени има во новооснованата пратеничка група на девет деснопопулистички, националистички и екстремно десничарски партии меѓу кои се италијанската Лега, францускиот Национален сојуз и германската АфД. Тие имаа амбиции да станат најсилна пратеничка група, но полската владејачка партија ПиС и унгарската Фидес, без оглед на поканите, не им се приклучија.

Во најголемата пратеничка група доминираат мажи

Унгарците, без оглед на големиот судир, остануваат во Европската народна партија, која со 182 пратеника е најголема пратеничка група во ЕП. Таа е составена од партии од демохристијанскиот и граѓанско-конзервативниот спектар, а има и такви со примеси на национално-конзервативна и дури и деснопопулистичка ориентација. Жените тука се застапени со 34 %, значи 62 пратенички и 120 пратеници. Посебна улога во ЕП има Европа на слобода и директна демократија, ЕФДД. Во статистиката на ЕП, на која се заснова оваа анализа, ЕФДД брои 43 пратеници од кои 37% жени. Но, откако АфД и италијанскиот сојуз Пет ѕвезди најавија истапување од пратеничката група, таа би можела да биде реформирана. Британскиот заговарач на Брегзит, Најџел Фараж најави меѓутоа дека сака да ја одржи работата на оваа пратеничка група.

Која земја колку мажи и жени испраќа во ЕП

Најмал број жени има пратеничката група на Европски конзервативци и реформисти, ЕКР, која има 62 пратенички места од кои една третина се пополнети со жени.

Шведска и Финска се инаку земји кои испратија најголем број жени во ЕП. Помалку од 30% жени доаѓаат од Бугарија, Литванија, Грција, Романија и Словачка, додека Кипар, кој во ЕП има шест пратеници, не делегирал ниедна жена.

Европскиот парламент се подмлади

Математичкиот просек на староста на пратениците изнесува 51 година. Просечната старост во претходниот состав изнесуваше 56 години. Пратениците од Зелените, Либералите и Левицата во просек се помлади отколку претставниците од другите партии. 

Најмладиот европратеник има 21 година и припаѓа на пратеничката група на Зелени/ЕФА, додека најстариот има 83 години и е член на ЕНП.

Повеќе: 

Европски избори: партиите од центарот губат позиции

Факти за Европскиот парламент

Што по Брегзит?

Кога Велика Британија ќе излезе од ЕП, нејзините пратенички места нема да бидат рамноправно поделени на останатите 27 членки. Наместо тоа, бројот пратеници од 751 ќе биде намален на 705, а 46 од 73 британски пратенички места ќе бидат оставени за резерва, во случај да дојде до ново проширување на ЕУ. Преостанатите 27 мандати ќе бидат поделени меѓу земјите кои имаат премалку пратеници. Германија не е меѓу нив. Франција, Италија, Шпанија и Холандија ќе добијат меѓу три и пет дополнителни пратенички места. Бројот пратеници воедно ќе биде зголемен во уште десет држави. Тоа во секој случај ќе го промени досегашниот политички однос на силите во Европскиот парламент

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми