1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот европски пристап - шанса за БиХ

Самир Хусеиновиќ/ Симе Недевски23 ноември 2014

Европскиот план заснован врз германско-британската иницијатива е голема шанса за БиХ, ама може да остане „мртва буква на хартија, без поддршка на политичките лидери и новите власти во земјата, оценуваат аналитичарите.

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Суштината на новиот европски пристап кон БиХ не се промени или не е откажување од постоечките клучни услови, меѓу кои се спроведување на пресудата „Сејдиќ и Финци“ и воспоставување на механизам за координација, туку менување на распоредот на потези, од полесни кон потешки. Цел е, како што истакнуваат претставниците на ЕУ, БиХ да се направи пофункционална и пооперативна и да се приближи до европското семејство на народи, кажано е по состанокот на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ во Брисел во вторникот (18.11.).

Претседателот на Комисијата за европска интеграција на Парламентот на БиХ, Халид Гењац смета оти пораката на европските министри е многу важна и дека станува збор за „пружена рака кон БиХ“.

„Во прв план се ставени економските реформи кои би требало да овозможат економски раст, но и тежина на политичките реформи. Од лидерите на БиХ се бара да се потпишат два документа: обврска дека ќе осигура функционалност на сите нивоа на власта за спроведување реформи и пакет реформи партнерски договорен со Европската комисија. Кога овие два документа ќе бидат потпишани, Договорот за стабилизација и придружување ќе стапи во сила“, рече Гењац за Федералната телевизија.

Милорад ДодикФотографија: Dragan Maksimovic

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик неодамна рече дека ќе ја поддржи германско-британската иницијатива „доколку таа не се меша во уставните надлежности на РС“. „Секоја иницијатива која би довела до понатамошно движење кон ЕУ е добра доколку го почитува уставно-правниот поредок во БиХ, правото на одлучување и надлежност на разни нивоа на власта“, рече претседателот на РС. Тој додаде дека е невообичаено оваа иницијатива да се предлага без консултирање на претставниците на власта во БиХ, туку со поддршка на одредени невладини организации.

Поволни политички околности

Политичкиот аналитичар и проект менаџер на Центарот за цивилни иницијативи (ЦЦИ) Адис Арапаовиќ потсетува дека поголемиот број од иницијативите кои доаѓаа од ЕУ, американската администрација или од други меѓународни адреси, во БиХ помиваа успешно „само тогаш кога политичката елита има јасен партикуларен мотив, односно интерес, или ако иницијативата оди паралелно со некој ефикасен притисок или уцена“. „Сите други иницијативи кои сметаа на одговорност или државничка свест пропаѓаа уште на самиот почеток, од т.н. априлски пакет за уставни реформи од 2006. година до иницијатвата на Американската амбасада за реформа на Уставот на Федерацијата на БиХ од 2013. година. Стратегијата морков и стап е единствена која домашната политичка елита може да ја направи одговорна наспроти сопствената земја и нација. Така е и со британско-германската иницијатива која токму сега станува официјална политика на ЕУ кон БиХ“, вели Араповиќ за ДВ.

Тој истакнува дека поинаков сооднос на политичка моќ во БиХ би можел да влијае и на поинаква политичка пракса во иднина. „Тоа значи дека во политичката власт во БиХ веќе нема ниту еден играч кој пресудно ќе влијае врз процесот на донесување одлуки во контекст на ЕУ интеграции како што тоа негативно го правеше Милорад Додик во изминатите 8 години, со латентна поддршка од официјален Белград и на Москва. Сега околностите и одвнатре и однадвор се поинакви и интересите на Запад и на прогресивните сили во БиХ се крајно комплементарни, пришто нема пречка која нема да може да се прескокне, со доволно голем морков и силен стап“, истакнува Араповиќ.

Адис АраповиќФотографија: DW / Samir Huseinović

Што мислат за германско-британската иницијатива жителите на Сараево? За Е.Ф. е важно со новиот пристап да не се менуваат клучните услови за пристап во ЕУ. „Останува обврската за решавање на прашањето за правата на малцинствата кое е истакнато во случајот „Сејдиќ и Финци“. Сакам да кажам дека на последниот попис на население се изјаснив како Босанец и Херцеговец и не сакам поради тоа да се чувствувам како малцинство! Ова прашање на рамноправност мора да се реши по решавањето на клучните економски проблеми, бидејќи само сити, задоволни и вработени граѓаните на БиХ можат со бистри глави да ги решаваат прашањата за народот и нацијата. Ја поддржувам оваа иницијатива и мислам дека е тоа одлична можност за БиХ“, вели Е.Ф. „Слушнав за иницијативата, но навистина не знам детали. Всушност, веќе ни самата не знам која иницијатива е тоа по ред и што може да ни донесе“, истакнува Л.Х.С. В.И. смета дека во скоро време нема да има спроведување на пресудата „Сејдиќ и Финци“. „Од Европа и порано стигнуваа разни поттикнувачки иницијативи, но јас не гледам некои големи промени меѓу новоизбраните во законодавната власт, така што не очекувам дека ќе бидат во состојба да ги надминат поделбите кои се порано направени“, вели В.И.

Важни се и политичките реформи

Политичкиот аналитичар Пејо Гашпаревиќ сфаќа зошто ЕУ во прв план ги истакнува економските реформи, но смета дека и политиките реформи се „еднакво важни“. „Идејата да се спроведат реформи на сите нивоа во државата се можеби најважни во целата оваа приказна, бидејќи со тоа се отвора можност и Хрватите во БиХ да стекнат институционална рамноправност по што веќе не би можело да се прегласуваа ниту би можело во иднина да се случи други да да им изберат член во Претседателството на БиХ како што тоа беше два пати случај со господинот Жељко Комшиќ. Рамноправноста на Хрватите во БиХ би придонела за стабилизирање на случувањата во БиХ“, вели Гашпаревиќ за ДВ.

СарајевоФотографија: DW/Samir Huseinovic

Гашпаревиќ е свесен за фактот дека германско-британската иницијатива има и своја геополитичка димензија. „Германско-британската иницијатива доаѓа во време на заострување на кризата во Украина. Со распламтувањето на украинската криза се засилуваат и амбициите на Русија да го зголеми своето влијание на Балканот, односно во Србија и во БиХ преку РС, а тоа значи одвраќање на Србија и РС од влез во НАТО и во ЕУ. Таквиот развој на случувањата, по себе, е неприфатлив за западните сили па изгледа дека ЕУ со германско-британската иницијатива се обидува геополитички да одговори на Балканот за руските претензии кон тој дел од Европа“, нагласува Гашпаревиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми