1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нов метод на броење - нов раст на заболени од коронавирус

БГ /АФП
13 февруари 2020

Офијалната бројка на жртви и заболени од коронавирусот денеска драматично порасна откако кинеските власти ги променија методите на броење, зголемувајќи ја загриженоста дека епидемијата е далеку полоша од она што се знае.

China Coronavirus: Zahl der Infizierten steigt sprunghaft
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Xiao Yijiu

Паралелно со порастот на бројките од Кина, се отвори уште еден проблематичен фронт во соседниот Виетнам, каде 10 илјади луѓе од неколку села се ставени во карантин откако беа откриени шестмина заболени од коронавирусот.

Поради острите домашни критики за справувањето со кризата, кинеската Комунистичка партија отпушти двајца високи функционери во провинцијата Хубеи - епицентарот на епидемијата.

Сето тоа се случуваше само неколку часа откако кинескиот претседател Ши Џинпинг се пофали со „позитивни резултати“ од напорите да се сопре епидемијата од која досега официјално починаа 1.367 лица, а инфицирани се речиси 60 илјади. И Светската здравствена организација претходно предупреди дека е прерано да се прогласува некаква победа над вирусот.

„Прерано е да се предвиди почетокот, средината и крајот на епидемијата во моментов“, изјави првиот човек на програмата за здравствени кризи на СЗО, Мајкл Рајан.

Во Вухан главниот град на провинцијата Хубеи, каде десетици милиони луѓе се заглавени во своевиден карантин, денеска беа пријавени нови 242 мртви. Притоа, само во оваа провинција беа пријавени нови речиси 15 илјади заболени од вирусот, што е најголемо дневно зголемување од почетокот на кризата. Надвор од Хубеи се пријавени 14 нови жртви, но бројот на заболени паѓа веќе деветти ден по ред, со 312 нови пациенти.

Властите во Хубеи објаснуваат дека драматичниот пораст на бројките е поради проширената дефиниција за инфекцијата во која сега се вклучени и лица кои имаат „клиничка дијагноза“ преку снимање на белите дробови. Досега, случаите беа документирани само со софистицирани лабораториски тестови. Здравствените власти велат дека била направена ревизија и на постари случаи, па можно е во новата бројка да влегуваат и поодамна откриени случаи.

Аналитичарите велат дека новата методологија на документирање можеби е легитимен обид на кинеските власти за поголема транспарентност, но во моментов таа само придонесува за уште поголема недоверба.

„Чудно, но токму сега е одбран моментот за поголема транспарентност“, вели Сем Крејн, професор на политички науки на Вилијамс колеџот во САД.

„Нејасно е дали проблемот досега, за оваа проблематика, беше недостатокот на транспарентност или едноставно лоша медицинска пракса“, вели Крејн.

Кинескиот претседател Ши Џинпин вчера тврдеше дека состојбата се смируваФотографија: Reuters/Xinhua

Јун Јианг, истражувач во австралискиот Национален Универзитет, вели дека новата методологија можеби е „практична мерка“ затоа што во Хубеи има недостаток на опрема за лабораториско тестирање.

„Не мислам дека бројките сами по себе се манипулирани за политички цели, но бројките веројатно не се за верување“, вели Јун.

Централната власт денеска им подели откази на првите луѓе на провинцијата Хубеи и на градот Вухан. На нивно место поставени се актуелниот градоначалник на Шангај, Јинг Јонг и функционер од провинцијата Шандонг. Обајцата важат за луѓе блиски до Ши со минато во безбедносните служби.

„Доколку ситуацијата во Хубеи уште долго време не може да се стави под контрола, партијата е веројатно загрижена од можна нестабилност, затоа што буквално имате десетици милиони луѓе затворени уште најмалку еден месец“, вели Ричард Мекгрегор од тинк-тенкот Лоуи Институт.

„Кога се справувате со кризна ситуација, веројатно сакате да изберете луѓе на кои можете да се потпрете, кои ви се лојални“, вели тој.

Во соседниот Виетнам, властите ставија во карантин цел земјоделски регион на 40 километри од главниот град Ханој на период од 20 дена. Околу регионот се поставени контролни пунктови, а здравствени работници во заштитни одела ги прскаат возилата со средства за дезинфекција.

(АФП)

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми