Новиот светски неред
15 август 2014
Драматични кризи го потресуваат светот: во Украина, и уште повеќе на Блискиот Исток. Сириската граѓанска војна продолжува со убиствена интензивност, но со мало меѓународно внимание. Наскоро бројот на жртвите во земјата која се распаѓа ќе достигне 200 илјади луѓе. На северот на Ирак, картите се прецртуваат со неверојатно брутална воена кампања во која се менуваат меѓународните граници, наводно од името на Алах. „Исламската држава“ сака да го поништи актуелниот светски поредок. Тие не признаваат граници, држави или влади- важи само нивната верзија на Куранот.
САД во пат-позиција
Сето тоа ја преврте наглава дипломатијата, затоа што одеднаш старите правила повеќе не важат. САД ги поддржуваат Курдите и на тој начин, индиректно, шиитските влади во Багдад и Техеран, во борбата против сунитските терористи. Во Сирија, САД повеќе не се сигурно дали да продолжат да го поддржуваат уривањето на претседателот Башар ал-Асад, затоа што на тој начин се отвора патот за исламистичкиот „Нусра Фронт“, против кој се борат во северен Ирак. Дипломатски хаос, за кој не постојат лесни одговори.
Претседателот Барак Обама, носител на Нобелова награда, брзо одлучи да ги повлече трупите од Ирак. Тој не верува во ефикасноста на воената интервенција, но сега е принуден да делува. Улогата на САД на Блискиот Исток е опадната. Американците некогаш важеа за незаменливи, со оглед на нивните блиски стратешки врски со Израел и со конзервативните арапски авторитарни режими во Египет, Саудиска Арабија и Јордан. Сега дури ни Израел не ги слуша советите од Вашингтон и сѐ почесто делува на своја рака, како што можеше да се забележи и по неуспешната дипломатска иницијатива на американскиот државен секретар Џон Кери.
Европа мора да ја реши украинската криза
Во актуелната европска криза во Украина, рускиот претседател Владимир Путин е тој што излегува како мајстор на тактичката проѕирност. Дали по Крим, сака да ја окупира и источна Украина? Дали сака само да го дестабилизира регионот? Или дестабилизацијата е прекурсор за анексија? Дали конфликтот е навистина инспириран од промените во Киев или зад него се крие нов руски империјализам, кој се обидува да го пополни политичкиот вакуум отворен поради себефокусираноста на американската администрација, и неодлучноста на ЕУ? Западните санкции против Русија полека покажуваат ефект, но дипломатските напори замираат, а телефонските повици од канцеларката Ангела Меркел до Владимир Путин нема да бидат доволни за да го одврзат украинскиот јазол. Сега, откако Москва е отстранета од Г8, главната одговорност да го најде патот до Кремљ е врз ЕУ.
Во меѓувреме и Германија, каде поактивната улога во надворешната политика се дебатира уште од почетокот на годинава, е принудена на нова улога: сега е водечка нација. Пораките од Берлин имаат тежина. Но, Берлин мора да застане на чело на групата. ЕУ не може да се води со седење на задното седиште, со надеж дека никогаш нема да мора да се преземе одговорност. Германија ќе мора да ја покаже својата одлучност, како во украинската криза, така и во северен Ирак. Кога Исламската држава напредува со невидена бруталност, кога луѓето се убиваат и се бркаат од своите домови, напредниот и мирољубив Берлин не може само да се надева дека неколку милиони евра и хуманитарна помош ќе ја смират германската совест.
Преземање одговорност
Притоа, треба да се подвлече дека воените интервенции во изминатите две децении ретко се покажуваа успешни. Тоа важи како за Авганистан, така и за Либија, каде уривањето на режимот на Моамер Гадафи создаде „пропадната држава“. Светот стана нејасен. Новиот светски поредок е многу повеќе нов светски неред, во кој сојузништвата постојано се менуваат. Кој можеше пред некој месец да замисли дека светот ќе поита во помош на Курдите? Но, тоа се случи, и покрај можноста Курдите да зајакнат, па во иднина да побараат и сопствена држава преку неколку актуелни меѓународни граници. Она што е потребно, па дури и неопходно, е изработка на нова, независна надворешна политика за ЕУ и особено за Германија - која ќе биде во согласност со повлеченоста на американската суперсила, со рускиот нео-империјализам и со Кина, која сѐ уште оперира во геополитичка сенка. И сето тоа во период во кој не постои дипломатска сигурност.