1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот состав на Владата доставен во Парламентот

АМ/миа/алфа8 јуни 2014

Мандаторот за состав на новата Влада Никола Груевски до Собранието на Република Македонија денеска (8.06) го достави предлогот за новиот состав и програмата за работата на Владата.

Фотографија: MIA

Седницата на Парламентот на која ќе се врши избор на новата Влада ќе се одржи на 19 јуни, соопшти Кабинетот на Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски. Вељаноски апелира и ги повикува пратениците од опозицијата да ги земат предвид интересите на Република Македонија и да се вратат во Собранието.

„Потврдувајќи ја определбата за доследно почитување на Уставот и на законите, и во оваа прилика, како и во претходните наврати, сосема искрено ги повикувам колегите пратеници од опозицијата да ги земат предвид интересите на Република Македонија и да дојдат во Собранието. Сигурната европска и евро-атлантска иднина на Македонија е наша заедничка цел, обврска и предизвик, а токму Парламентот е местото каде тоа можеме со здружени сили најдобро да го направиме“, вели претседателот на македонскиот Парламент.

Јасно изразената волја на граѓаните на последните избори, додава тој, освен што го одредила победникот, била одраз на силната демократска свест на сите граѓани, за партиите, независно од бројот на освоените мандати, да делуваат единствено во демократските институции, чиј врв, како што истакнува Вељаноски, е Собранието на државата.

Вељаноски ја повика опозицијата да се врати во парламентотФотографија: MIA

СДСМ одговори дека ставот на партијата е јасен и оти нема враќање во пратеничките клупи.

„Ставот на СДСМ е јасен. Нема враќање во Парламентот. Ако власта навистина и’ мисли добро на државата, нека прифати формирање техничка влада, којашто ќе спроведе слободни и фер избори“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Во неа се додава дека на Вељаноски би требало да му биде срам да и’ се обрати на опозицијата и да бара од неа да се врати во Парламентот, по исфрлањето на пратениците на 24 декември и насилното верификување на мандатите по последните парламентарни избори.

Најголем дел од министрите ги задржуваат местата

Според информации кои вчера ги објави телевизија Алфа, Зоран Јолевски, главниот преговарач во спорот за името, ќе биде министер за одбрана. Министер за образование ќе биде Абдулаким Адеми, а нов министер ќе добие и Министерството за земјоделство - Михаил Цветков. Во министерството за локална самоуправа ќе седне Лирим Шабани, а во Министерството за правда Аднан Јашари. Бурхан Изаири ќе биде министер за животна средина и просторно планирање, а со економијата ќе раководи Беким Незири.

Според оваа телевизија, Министерските места ќе ги задржат Зоран Ставрески, Гордана Јанкуловска, Никола Попоски, Никола Тодоров, Диме Спасов, Иво Ивановски, Миле Јанакиески и Елизабета Канческа – Милевска. Нема промени и кај вицепремиерските места - Владимир Пешевски, Муса Џафери и Фатмир Бесими остануваат вицепремиери.

Министри без ресор, според ваквите информации, се Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумов, Неждет Мустафа, Горан Мицковски, Висар Фида и Фурхан Чако. Владата сега ќе има двајца министри без ресор повеќе во однос на претходниот состав.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми