1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот стратешки концепт на НАТО значаен за Македонија

Силвера Падори12 ноември 2008

Атлантската Асоцијација ја поддржува Македонија и нејзиното членство во НАТО. И британскиот претставник Алан Ли Вилиамс подвлече дека Македонија е Македонија и време е апсурдноста на проблемот да го разбере и Грција.

Новата стратегија на НАТО би требало да биде проследена и со промени во начинот на одлучувањето - смета Лазар Еленовски, претседател на македонскиот Атлантски сојузФотографија: MIA

На денешниот последен ден на “НАТО разговорите околу Бранденбуршката порта” стана збор за соработката на земјите од Југоисточна Европа со Алијансата. Македонскиот министер за одбрана, Лазар Еленовски, кој го претставуваше регинот, се осврна на новиот стратешки концепт чие прифаќање би требало да го промени едногласното одлучување во НАТО - што е од интерес на Македонија.

Новиот стратешки концепт за иднината на НАТО, кој во Берлин неделава го најавија канцеларката Ангела Меркел и шефот на Алијансата Јап де Хоп Шефер, е шанса и покрај проблемот со името Македонија да стане членка на Евроатлантскиот сојуз.

Политички реформи на Алијансата

За ова во рамките на Форумот Југоисточна Европа на Атлантската асоцијација претпладнево говореше Лазар Еленовски, претседател на македонскиот Атлантски сојуз. Тој ги истакна аспирациите и амбициите на земјите од регионот, а потсети и на самитот во Букурешт кога Грција го блокираше интегративниот процес и не дозволи и покрај исполнетите критериуми, поканата да стигне и до Македонија.

Претседателот и министерот за одбрана на САД, Буш и Гејтс на самитот во БукурештФотографија: AP

Новиот концепт на НАТО би требало да биде модерен и да обезбеди ефикасно функционирање на Алијансата, за што Еленовски подвлече дека новиот концепт мора да содржи и политичка реформа во начинот на одлучувањето. НАТО не е исто како пред триесеттина години, така што општиот консензус кога сите од државите мора да гласаат позитивно за да се прифати една одлука треба да биде надминат. Во претходни дискусии се предлагаше минус една или две држави, односно да биде неопходна согласност на околу 95 проценти од членките, но не и на сите.

Македонија е Македонија - и точка!

Неколкуте дискутанти изнесоа коментари што беа во полза на Република Македонија и нејзиното идно членство во НАТО. Проф Алан Ли Вилиамс, поранешен британски парламентарец, министер и претседател на Атлантската асоцијација за Западна Европа со забелешката:

“Вашиот курс им е добро познат на активните членки на Атлантската асоцијација. Чудно е зошто вашата држава е хендикепирана поради името и може да се земат предвид скоро сите дипломатски аргументи што се презентирани. Ние гледаме на вас како Република Македонија и точка.”

Побаравме коментар од професор Вилијамс и за фактот што официјалната британска политика се’ уште не го користи уставното име на Македонија.

Маглата се крева пред британскиот парламент: прашање на време е кога официјален Лондон ќе го смени ставот кон името на МакедонијаФотографија: AP

"

Тоа е формалната позиција на Владата, но не и на Средно Атлантскиот Клуб и Атлантскиот совет на Велика Британија. Иако тесно соработуваме, ние не сме под владино влијание. Ние сме независни. Мислам дека во прашање е само време кога земјата ќе биде именувана како што треба. Секако, треба да се има предвид дека Грција е мошне влијателна членка на НАТО и Велика Британија мора да работи дискретно и дипломатски. На крајот и ова ќе се расчисти, а во моментов сметам дека проблемот е апсурден и дека е време и Грција ова да го разбере” - изјави Алан Ли Вилијамс, претседател на британскиот и Западноевропскиот огранок на Атлантската Асоцијација.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми