1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот човек во Кремљ: Димитриј Медведев

7 мај 2008

Откако на 2 март годинава на руските претседателски избори победи со скоро 70 проценти од гласовите, сосема е јасно: Димитриј Анатољевич Медведев, кандидатот на Владимир Путин, ќе биде новиот господар во Кремљ.

Курсот за иднината е јасен:новиот и стариот претседател на Русија - Медведев и ПутинФотографија: AP

Во среда - 7 мај - Медведев стапува на новата должност.

Изминаа два месеца од руските претседателски избори. Недели во кои новиот господар во Кремљ веќе имаше многу работа. Уште пред официјалното преземање на функцијата, Димитриј Медведев се сретна со моќните во светот задно со неговиот претходник Владимир Путин: почетокот го направи германската канцеларка Ангела Меркел која само неколку дена по изборите пристигна во Москва како прв меѓународен гостин. Следуваа американскиот претседател Џорџ Буш и американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс, како и лидерите на Јапонија, Израел и голем број други земји. Сите си го поставуваа прашањето: кој е новиот човек во Кремљ и што може да се очекува од него?

Не се очекуваат изненадувања

Не постои никакво сомневање во која политичка насока ќе ја води земјата Медведев како претседател. Уште во декември минатата година, при номинирањето за претседателски кандидат, Медведев подвлече:

„Сметам дека е неопходно да се одржи континуиран курс што нашата земја го следеше во изминатите осум години и што нашата земја го избра за наредните години. Тој курс ја зачува нашата земја од економски и социјален колапс, како и од граѓанска војна. Тоа е курсот на претседателот Путин.“

Човек на Путин

Димитриј Медведев важи за близок човек на Владимир Путин и ја ужива неговата целосна поддршка. Двајцата политичари се познаваат уште од почетокот на 90-десттите години од нивната заедничка работа во Санкт Петерсбург. Путин беше тој што во 1999 година го донесе Медведев во Москва. Дипломираниот правник ја водеше претседателската кампања на Путин. Не се чекаше долго на следните чекори во кариерата: Медведев стана претседател на управниот одбор на енергетскиот концерн Газпром, шеф на штабот во Кремљ и конечно, во ноември 2005, прв заменик премиер во руската влада. Од таа функција главно се грижеше за престижните проекти како изградба на станови, здравствениот и образовниот систем, како и за земјоделството – подрачја што финансиски посебно ги поддржува државата за да ја подобри социјалната состојба на граѓаните. Искуствата што ги собра притоа, го препорачаа за највисоки задачи. Во тоа се единствени политичарите блиски до владата, но пред се неговиот ментор, Владимир Путин:

„Димитриј Анатољевич Медведев е апсолутно искрен и стабилен човек. Работеше во многу подрачја што не се едноставни. Со голема одговорност можам да кажам дека најважни приоритети на Димитриј Медведев се интересите на државата и нејзините граѓани„.

Кои ќе бидат приоритетите на Медведев?

Многумина посматрачи сакаат да сочекаат кои ќе бидат приоритетите на Медведев како претседател на Руската федерација. Германскиот надворешно-политички експерт од либералите, Вернер Хојер тоа вака го формулира:

„Сметам дека сега Медведев треба да се држи за збор. Во последно време често зборуваше за отворање, реформи, демократија и правна држава. Сега тоа треба да го направи, а ние да го охрабруваме„.

Кога Медведев првпат ќе ја посети Германија, официјално не е познато. Меѓутоа, веќе ги објави неговите следни државнички посети. Новиот руски претседател како први ќе ги посети Казахстан и Кина. Европа може да причека.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми