Новите мобилни трупи на ЕУ - инструмент кој ќе може да им биде понуден на ОН за совладување на кризи
12 февруари 2004Реклама
Германија, Велика Британија и Франција во вторникот во Брисел ја обелоденија идејата за формирање дополнителни трупи на ЕУ за брза интервенција, кои треба да бидат значително побрзи и пофлексибилни од веќе постоечките, кои бројат 60 илјади војници. Во меѓувреме се познати повеќе подробности за новата иницијатива, која добива поддршка од редовите на германската владина коалиција, а наидува на скепса кај опозицијата. Новите трупи треба да опфатат 7 до 9 борбени формации со по 1500 војници, кои можат за 15 денови да бидат прекомандувани практично на секое место во светот, со задача за совладување на кризи и стабилизација, раздвојување на страните во конфликтот - по потреба и со примена на сила. Нивниот ангажман би требало да трае 30 до 120 денови, додека големите европски трупи, кои лани дебитираа со мисијата "Конкордија" во Македонија, можат да издржат до една година; тие, поради слабостите во воздушниот транспорт и кај вооружувањето, се само ограничено погодни за брзо совладување на кризи. Со новите трупи трите земји сакаат да ја направат Европа поспособна за дејство во одбранбената политика и да создадат инструмент кој ќе може да им биде понуден на ОН за совладување на кризи, па затоа нивното попрецизно планирање ќе биде договарано со светската организација. Се' уште не е јасно која земја колку војници ќе стави на располагање, но би требало во нив да учествуваат колку што е можно повеќе држави од ЕУ. Германија, се дознава, многу доцна се вклучила во новата иницијатива поради сомневањата околу компатибилноста на различните трупи за брза интервенција - инаку одамна е деклариран приврзеник за такви трупи и порано веќе излезе со таков предлог заедно со Франција, Белгија и Луксембург. "Ги сметам за разумни иницијативите, кои се сведуваат на тоа дека ние на европско ниво, посебно со силните сојузнички партнери, сме согласни да бидеме подготвени за кризни ситуации, за потоа колку што е можно побрзо и поефикасно превентивно да дејствуваме со соодветни воени средства" - вели за новата иницијатива Рајнхолд Робе, социјалдемократски пратеник и претседател на парламентарниот одбор за одбранбени прашања. Опозицијата има задршки. Експертот за одбранбени прашања на фракцијата на Унијата Кристијан Шмит го смета за проблематично постоењето на два паралелни концепта: "Скептичен сум. Мислам дека овие трупи треба да се развиваат во рамките на заклучокот од Хелсинки, а не да претставуваат нов оддел во рамките на ионака не многу обединетата европска безбедносна и одбранбена политика". Паралелно со европските, и НАТО токму е во фаза на формирање сили за брза интервенција со 21 илјада војници, од кои 5 илјади треба Германија да стави на располагање. Обете трупи треба да се надополнуваат, а не да си конкурираат, велат иницијаторите.
Реклама