Нови избори во Словачка по убиството на новинарот Куцијак?
СН/ агенции
5 март 2018
По убиството на новинарот Јан Куцијак во Словачка, шефот на државата Андреј Киска побара одржување на предвремени избори или сеопфатна реконструкција на владата. Притисокот врз премиерот Фицо расте.
Реклама
Сега ги гледам овие две решенија, изјави словачкиот претседател Киска (насловна фотографија) во телевизиското обраќање во кое се осврна на протестите ширум земјата по убиството на Јан Куцијак. Илјадници луѓе во петокот излегоа на улиците во главниот град Братислава и во други градови во земјата на протестни маршеви во спомен на новинарот Куцијак.
Киска уште изјави дека ќе води разговори со партиите и од нив ќе бара формирање на нова влада или предвремени парламентарни избори, за да се поврати довербата на јавноста.
27-годишниот истражувачки новинар, кој имаше објавено бројни текстови за корупцијата во Словачка, пред една недела беше пронајден смртно застрелан заедно со неговата свршеничка. Куцијак ја истражуваше поврзаноста на словачките политичари со италијанската мафија.
Куцијак притоа обвини блиски соработници на премиерот Роберт Фицо дека одржуваат врски со италијански бизнисмени, кои биле во контакт со јужноиталијанската криминална организација Н'дрангета.
Притисокот врз Фицо расте
По убиството на Куцијак, премиерот Фицо е под сѐ поголем притисок. Партијата Мост Хид, која е дел од владината коалиција од три партии на Фицо, најави дека на 12 март ќе ја разгледува можноста за ставање крај на соработката во владата. Фицо ја обвини опозицијата дека го инструментализира убиството на новинарот за да подбуцнува протести со цел да дојде до власта во Братислава.
Апсени, мачени, убивани
Поради тоа што ја работат својата работа, новинарите се на мета на влади, нарко банди или екстремисти. По повод светскиот ден на Слободата на медиумите потсетуваме на дел од нив, од Мексико преку Македонија до Бангладеш
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A.Naveed
Турција: Дениз Јуџел
Германско-турскиот новинар Дениз Јуџел од февруари 2017 година е во затвор во Турција. Обвинет е за ширење терористичка пропаганда и бунт. Докази за тоа не се доставени. И покрај острите критики од Германија, турскиот претседател Ердоган најави дека Јуџел нема да биде ослободен. Повеќе од 140 новинари се уапсени во земјата по неуспешниот пуч минатата година.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Merey
Русија: Николај Андрушченко
Непознато лице го претепа Андрушченко на улица во Санкт Петербург. На 19 април годинава, 73 годишникот им подлегна на повредите. Андрушченко пишуваше за кршење на човековите права и криминал. Во неговиот последен документарец говореше за тоа дека Владимир Путин на власт дошол благодарение на врските со криминалците и КГБ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Usov
Бангладеш: Авијит Рој
„Мукто- Мона“, „слободен дух“, така се викаше блогот на критичарот на Исламот Авијит Рој. За себе говореше дека е „секуларен хуманист“ поради што го предизвика бесот на исламистичките екстремисти во Бангладеш. Рој живееше во САД. Кога во февруари 2015 дојде на саем на книги во Дака, фанатици го расекоа со мачети. Блогерите се постојана мета на екстремистите во Бангладеш.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. U. Zaman
Мексико: Мирослава Брич
На 23 март 2017, Мирослава Брич беше убиена со осум истрели во глава од платен убиец. Новинарката известуваше за корупција и злосторства на нарко-картелите. Убиецот оставил порака „За предавничката“. Брич е трета новинарка убиена во Мексико во март годинава.
Тој важеше за единствениот политички затвореник во Југоисточна Европа: Кежаровски се најде во неволја затоа што објави делови од интерен полициски извештај работејќи на расветлувањето на смртта на еден друг новинар.Во октомври 2013 година, по сомнителен судски процес, осуден е на четири и пол години затвор. Подоцна е осуден на две години куќен притвор, за што во моментов пишува книга.
Фотографија: DW/K. Blazevska
Ирак: Шифа Гарди
Репортерката Гарди загина на 25 февруари на боиштето во северен Ирак при експлозија на мина. Родената Ирачанка работеше за курдската новинска агенција Рудав во Ербил и известуваше за борбите меѓу ирачките сили и Исламската држава. Во околината на Мосул, терористите на ткн. Исламска држава постојано киднапираат, протеруваат и убиваат новинари.
Фотографија: picture alliance/dpa/AA/F. Ferec
Саудиска Арабија: Раиф Бадави
Саудискиот активист беше осуден на десет години затвор и 1.000 удари со камшик. Бадави е во затвор од 2012 година поради „навредување на Исламот“. Во јануари 2015 за првпат беше јавно камшикуван. Во светот беше покрената кампања за негово ослободување, а режимот ја суспендираше казната. Неговата сопруга Енсаф Хајдар и децата добија азил во Канада.
Фотографија: Imago/C. Ditsch
Узбекистан: Салијон Абдурахманов
Од 2008. година Абдурахманов е во затвор, поради наводно поседување дрога. Владата на критичарите им подметнува дрога за да ги замолчи, тврдат од организацијата Репортери без граници. Гревот на Абдурахманов е што за независни портали и за Гласот на Америка пишуваше за корупцијата, човековите права и заштита на животната средина.
Кина: Гао Ју
Новинари, блогери и активисти кои го критикуваат режимот, во Кина се под голем притисок. Така и поранешната соработничка на Дојче Веле беше уапсена во 2014 година. Поради наводно објавување на државни тајни во 2015 беше осудена на седум години затвор. Благодарение на меѓународниот притисок пуштена е од затвор и казната ја издржува во домашен притвор.
Фотографија: DW
Азербејџан: Мехман Хусеинов
Тој објавува политички интернет магазин во кој пишува за корупција и кршење на човековите права. Мехмед Хусеинов е еден од најпопуларните видео блогери во Азербејџан. Со кампањата „Лов на корумпирани функционери“ обвинува високи функционери на Азербејџан за корупција. Повеќе пати е изложуван на закани, а во март 2017 е осуден на две години затвор поради клевета.