Нови избори - единствено демократско решение за Хрватска
17 јуни 2016ДВ: Кој би бил најдобриот излез од сегашната ситуација и криза во Хрватска по падот на владата на премиерот Тихомир Орешковиќ?
Хелена Пуљиз: „Единствено демократско решение за Хрватска во овој момент се предвремени парламентарни избори, тие можат да резултираат и со фомирање на уште една нестабилна влада, но ако пред 26 години избравме демократија тогаш нема друг начин да дојдеме до власт која ќе работи за општо добро.“
Алида Врачиќ: „Мислам дека сето ова последниве месеци и’ нанесе штета на хрватската политика и на граѓаните, поради тоа во падот на владата не гледам како на нешто лошо. Ова е можност која отвора некои работи сега да се позиционираат и да се направат подобри. Нови избори се најдобрата опција. Мислам оти во секоја партија ќе мора да дојде до некоја катарза.“
Во Хрватска многумина повикуваат на основање на „голема коалиција“. Колку е тоа реално со оглед на големиот јаз помеѓу конзервативната Хрватска Демократска Заедница (ХДЗ) и Социјалдемократската партија (СДП), но и големите внатрепартиски проблеми во нив?
Хелена Пуљиз: „Да, оваа длабока политичка криза по изборите може навистина да се стабилизира и со формирање на т.н. голема коалиција на ХДЗ и СДП, но тоа ќе бара значителни промени во водствата на партиите. Моменталната криза на власта е резултат, пред се’, на кризите во ХДЗ и СДП. Во ХДЗ во наредниот период ќе мора да се ослободат од Томислав Карамарко, кој се сомничи за тргување со национални интереси и кои ХДЗ ја турна на радикално десна позиција. Единствено решение за спас на оваа партија е враќање на десен центар, на позиција на демохристијанска партија.“
Алида Вранчиќ: „Хрватска во моментов е единствена земја од Западен Балкан која е членка на Европската Унија и на некој начин би требалo да биде модел за однесување за сите останати земји од Балканот. Иако ХДЗ и СДП, како и хрватското општество се длабоко поларизирани, мислам дека можат да најдат некоја средина, едноставно поради тоа што се случи во последните 5 месеци во хрватското општество. Тоа се работи кои го поделија општеството, доведоа до тоа некои граѓани да се почувствуваат како граѓани од втор ред. Тие едноставно не го видоа тој долго очекуван напредок по влезот во ЕУ. Видовме во последниве недели оти граѓаните сакаат да се управува добро со земјата, дека сакаат реформи. Можеби тоа би можело да влијае на ХДЗ и СДП, во случај да нема други опции по изборите, да пронајдат заеднички јазик.“