1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови пет дена примирје - со по некое пукање

Александар Методијев/ројтерс/ап/миа14 август 2014

Израел и Хамас се договорија за 5-дневно продолжување на примирјето. Тоа влева надеж за успех на преговорите кои се водат во Египет. Меѓутоа, Хамас го обвини Израел за кршење на примирјето.

Фотографија: Reuters

Се чини дека новото примирје меѓу Хамас и Израел се почитува. Се чини, оти освен гранатирањето на неговиот денешен почеток, нема други инциденти. Хамас го обвини Израел дека го прекршил примирјето.

„Нема прекршување на примирјето од палестинска страна и никој во Газа не испука ракети“, рече Изат ал-Решик, претставник на Хамас на преговорите во Каиро за ставање крај на конфликтот во Газа. „Го осудуваме израелското ракетирање на Газа, кое продолжува“, додаде Решик.

Израел, пак, информира дека премиер Бенјамин Нетанјаху и’ наредил на израелската војска да одговори на ракетниот напад од Газа, кој се случил непосредно пред истекот на тридневното примирје. Израел изброил дека од Газа биле истрелани осум ракети, додека полицијата во Газа соопшти дека регистрирала 17 израелски ракети, кои сепак не предизвикале човечки жртви.

Новото педневно примирје беше договорено синоќа во Каиро и веста за него беше објавена на 45 минути пред истекот на претходното 72-часовно примирје. Целта на продолжувањето на примирјето е да се даде можност за постигнување на траен договор за прекин на огнот во Газа, изјави Ал Ахмед, кој е еден од лидерите на Фатах. Израелски анонимен претставник изјави дека Израел го прифаќа продолжувањето на прекинот на огнот, но дека армијата има наредба да одговори во случај на негово кршење.

Едно од барањата на Палестинците за време на преговорите во Каиро е да се дозволи отворање на пристаниште и аеродром во Појасот Газа, за како што рече Изат ал-Решик „еднаш и засекогаш да се стави крај на блокадата“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми