Нови правила за влез во Германија од корона-ризични подрачја
ЖА /ДВ
7 ноември 2020
Од утре (8.11.2020) во Германија важат нови правила за карантин за патниците од корона-ризичните подрачја, во кои се вбројува и Северна Македонија. Пред влез во државата задолжително е пополнување формулар на интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Rehder
Реклама
Првенствено кај исклучоците за задолжителен карантин можни се регионални отстапувања. Засегнати се во прва линија туристите кои доаѓаат во Германија. За оние кои патуваат поради работа или доаѓаат во шопинг по правило се предвидени исклучоци.
На листата на корона-ризични подрачја на Институтот Роберт Кох се речиси сите држави кои граничат со Германија, а на неа се и балканските земји, како Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, БиХ.
Од 8 ноември за сите кои доаѓаат од корона-ризичните подрачја важи задолжителен карантин од десет дена. Тој може да биде скратен доколку засегнатото лице е во можност да приложи негативен тест на коронавирус, но најрано од петтиот ден по влезот во Германија. Досега задолжителниот карантин беше 14 дена.
Регулативата не се однесува на лица на пропатување низ Германија, кои имаат обврска да ја напуштат земјата по најбрз пат. Со правилото за задолжителен карантин не се опфатени и лицата кои во рамките на граничниот сообраќај со соседните држави во ризично подрачје престојувале помалку од 24 часа.
Подолго задржување без карантин им е дозволено и на луѓето кои работат во Германија, како и лекари, негувателски и медицински персонал. Исклучокот важи и за посети на блиски роднини, како и на брачни другари кои не припаѓаат на исто домаќинство.
Од правилата за изолација се изземени и лицата кои вршат транспорт по патишта, железница, со брод или авион, како и соработници на дипломатски и конзуларни служби, пратеници и владини претставници.
Но, патниците од утре не можат едноставно да влезат во Германија, туку претходно мора да се пријават преку интернет на следната адреса: www.einreiseanmeldung.de .
Новата веб-алатка го заменува досегашниот формулар за влез во земјата во хартиена форма. „Дигитализацијата на влезниот формулар значи растоварување за здравствените заводи. Тие на брз и сигурен начин добиваат информации кој доаѓа од корона-ризично подрачје и следователно мора да замине во карантин", соопшти сојузниот министер за здравство Јенс Шпан. Обврска да се пријави има секој кој во претходните десет дена допатувал од корона-ризично подрачје.
Германските туристички атракции во време на корона
Уште одамна низ дворецот Нојшванштајн не се поминува без река туристи. Посетителите се туркаат пред сите знаменитости. Но, во доба на корона, постои ретка прилика доживувањето да се има речиси само за себе.
Баварскиот крал Лудвиг Втори бил самотник и самотијата ја сакал и во своите дворци. Но, по неговата смрт во 1886 година, во неговите резиденции има се повеќе туристи. Најпознатата - дворецот Нојшванштајн, во една сезона го посетуваат и по 6.000 луѓе дневно. А сега ги има само околу илјада на ден.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Puchner
Катедралата во Келн
Обично таа е полна, речиси како и на блиската железничка станица. Но, во време на пандемија на коронавирус, во катедралата смеат да бидат истовремено само 300 лица. Затоа, посебно на викенд, се формираат долги редици на оние кои чекаат. А кога ќе влезат, имаат речиси единствено доживување на огромната катедрала без безбројни посетители.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarin
Дворецот Хајделберг
Романтичниот дворец, делумно во урнатини, кој се наоѓа над реката Некар, инаку го посетуваат околу 4.000 туристи дневно. Сега се преполовени, но управникот на дворецот, Михаел Без не се лути поради намалувањето на бројот продадени влезници: „Сега можете да го доживеет дворецот на посебен начин“.
Импозантната новоградба на филхармонијата над Лаб од која се пружа величествена глетка на цел Хамбург, исто така обично е преполна, а билети се купуваат со недели однапред. Сега е можно скоро да вшетате во неа, но сепак се советува претходно да се купи влезница. Бројот на посетители е строго ограничен.
Фотографија: picture-alliance dpa/C. Charisius
Куполата на Рајхстагот
И во Берлин е тешко да се влезе во зградата на парламентот и да се прошета по стаклената купола од која се пружа поглед на цел град и пленарната сала на германскиот парламент. Сега е уште потешко: доаѓање е можно само со претходн најава и во исклучителни случаи. Инаку куполата е затворена.
Фотографија: picture-alliance/dpa/imageBROKER
Берлинскиот Остров на музеи
Познатата биста на Нефертете минатата година ја виделе 4,2 милиони луѓе. Сега бројот на посетители е строго ограничен и за обиколка имаат на располагање само ограничено време. Ако сега сакате да ја видите бистата, потребно е однапред да резервирате влезница.
Фотографија: picture-alliance/U. Baumgarten
Цветниот остров во Маинау
На Островот на цвеќето во Боденско Езеро нема ограничувања за посетителите, но нив ги има многу помалку од обично. Порано доаѓаа полни автобуси, а во доба на пандемија можете на мир да го погледнете баш секој цвет.
За познатата, срушена па потоа обновена „Фрауенкирхе“ во Дрезден исто така важат строги прописи: во нејзината купола смеат да влезат само 50 лица, а во црквата вкупно 40. На концертите кои се одржуваат таму дозволено е присуство на 350 посетители, инаку ги има 1660. Редовно се бара карта повеќе.
Фотографија: picture-alliance/Arco Images
Ротенбург об дер Таубер
Ова сликовито гратче во Баварија во кое имате впечаток како да сте се вратиле во среден век, инаку има само десетина илјади жители. Но, секоја година доаѓаат во посета 1,9 милиони туристи. Поголемиот дел од нив се од Америка и Азија, но овие денови нив практично ги нема. Тоа сепак не значи дека гратчето е празно, во него сега уживаат домашните германски туристи.