Нови правила, нов модус за ЕП 2016
10 јуни 2016За првпат на едно европско првенство ќе настапат 24 селекции – осум повеќе околку досега, што ќе значи и 20 натпревари повеќе, поради што првенството ќе трае цел месец. На претходните пет ЕП, од 1996. година наваму, учествуваа по 16 репрезентации, сега повторно е покачена бројката на земји-учеснички на завршниот турнир. Од тоа профитираа земји како Словачка, Исланд, Велс, Северна Ирска и Албанија, кои се дебитанти. Промената се должи на ветувањето на Мишел Платини, кој пред изборот на чело на УЕФА во 2007. година велеше дека и помали фудбалски нации треба да добијат шанса на ЕП.
Така финалниот турнир на ЕП по трет пат во неговата историја е проширен, оти бројката на земји-членки на УЕФА се покачи на 54 поради распадот на Советскиот Сојуз и поделбата на Југославија, а и затоа што официјална цел на УЕФА е да се стави засилена нагласка на нокаут-средби т.е. дуели по кои едниот од противниците ќе биде елиминиран (но и затоа што со повеќе натпревари може да се оствари и поголем приход!). До 1980. година само 4 репрезентации се пласираа за завршницата; оттогаш за титулата на завршниот турнир се бореа осум екипи, а таа бројка беше удвоена во 1996. Сега првенството во Франција со 24 екипи ќе трае една недела подолго (10. јуни до 10. јули) и практично е исто толку долго колку и едно светско првенство. Во десет француски градови - Париз, Сен Дени, Сент Етјен, Бордо, Ланс, Лил, Лион, Марсеј, Ница и Тулуз - ќе се одиграат вкупно 51 натпревар, наместо досегашните 31, а во вториот круг за првпат ќе има и осминафинале.
Напумпаниот календар на првенството не наиде на воодушевување кај големите фудбалски нации: „Од спортски аспект сметам дека е подобро ЕП со 16 екипи, а и за љубителите на фудбалот е поатрактивно“, вели тренерот на германската селекција Јоахим Лев, кој сепак додава: „Но, можам да сфатам дека помалите нации позитивно гледаат на покачениот број учесници“. Ни зголемениот број места за завршниот турнир не им помогна на три поистакнати репрезентации да се пласираат за ЕП во Франција: Холандија, Данска и Грција не успеаја да ги поминат квалификациите.
Кои се четирите најдобри од третопласираните?
Во групната фаза, 23 екипи кои се изборија за учество преку квалификациите, како и домаќинот Франција како директен учесник, ќе играат поделени во шест групи со по 4 селекции. По две првопласирани од секоја група одат во осминафиналето, а покрај нив уште и четири од третопласираните. Многу е компликувано утврдувањето кои се четирите подобри, односно двете најслаби од шесте третопласирани екипи и тоа бара добро познавање на правилата. Притоа во предност ќе бидат тимовите во групите чии натпревари се меѓу последните во календарот и кога веќе ќе се знае кој резултат би бил доволен за пласман во осминафиналето.
Ако сите екипи во групата се со ист број бодови, има различни критериуми за утврдување на пласманот: Прво решава резултатот во директните средби, потоа гол-разликата во директна споредба, па поголемиот број постигнати голови во директна споредба и на крајот подобрата гол-разлика од сите натпревари во групата. Натамошни критериуми се повисокиот број постигнати голови во сите натпревари во групата, фер-плеј однесувањето, заклучно со повисоките коефициенти во УЕФА.
Откако ќе се расчисти пласманот во групите, мора некако да се направи и споредба на третопласираните во шесте групи. Каталогот на критериуми тука поаѓа од бројот на освоени бодови, потоа доаѓа гол-разликата, па бројот на постигнати голови, фер-плеј резултатот (бодови добиени со збир на жолти и црвени картони) и на крајот, како петти критериум, коефициентот кај УЕФА. Поранешниот претседател на Германскиот фудбалски сојуз и член на Извршниот комитет на УЕФА Волфганг Нирзбах критикува: „На турнирот мора да се игра според модус кај кој е потребна табела на логаритми“.
Без „мало финале“ за трето место
Фазата на натпревари по групи ќе заврши на 22. јуни, кога за осум тимови ќе биде и крај на настапот на ЕП. Од осминафиналето ќе се игра според нокаут-систем, односно систем на елиминација: победникот оди понатаму, за поразениот тоа е крај. Во случај на нерешен резултат по 90 минути, се игра продолжение од два пати по 15 минути, а ако и тоа не донесе решение – ќе се изведуваат пенали. Нокаут-фазата се игра според однапред утврдена шема, победниците од групите А до Д ќе имаат за противник третопласирани тимови, а победниците од групите Е и Ф ќе играат против второпласираните во групите Д и Е. До финалето најдобрите две екипи ќе имаат зад себе веќе по шест одиграни натпревари. И натаму нема да се игра таканареченото мало финале, односно средба за трето место.
Ќе нема веќе спорни голови
На ЕУРО 2016 веќе не би требало да има спорни голови како легендарниот на СП во Англија 1966. По успешната примена за време на СП во Бразил 2014, за првпат сега и на ЕП ќе биде користена техника за утврдување дали топката ја минала гол-линијата со целиот обем. УЕФА се определи да го примени системот „хок-ај“ („соколово око“) кој се користи и во Бундеслигата.
„За нас тоа е големо олеснување, оти така значително се намалува една многу важна квота на грешки. Искуствата од Бундеслигата се многу позитивни“, вели германскиот судија Феликс Брих, кој ќе суди на ЕУРО 2016. Сепак, и понатаму паралелно со техниката, ќе го има и судијата кој треба да внимава на гол-линијата. Сите 18 избрани судии за ЕМ за првпат ќе добијат поддршка од аналитичари на играта, кои со видеа и со податоци ќе ги подготвуваат судиите за водењето на средбите. „Судијата треба да биде чекор понапред и да знае сѐ за обата тима и за играчите уште пред да почне натпреварот“, вели Пјерлуиџи Колина, шеф на судиската организација на УЕФА.
Со промената на правилата на фудбалската игра е извршена модификација на тројното казнување: играчот што ќе направи фаул во казнениот простор не мора автоматски да биде казнет и со црвен картон, доколку фаулот не е намерен и груб. Судијата сега ќе може да покаже само жолт картон – и секако да досуди пенал. Ова решение ќе важи во преоден пробен период од две години. Досегашното решение предизвикуваше масивни критики од многумина истакнати фудбалери и тренери, меѓу нив и германскиот сојузен тренер Јоахим Лев.
Промени на правилата и на модусот ќе има и пред наредното ЕП во 2020. година, кое ќе биде паневропски организирано и исто така со 24 учесници. Kоментарот на Јоахим Лев е недвосмислен: „На крајот сепак победуваат најсилните тимови и за мене не игра никаква улога дали ќе се игра турнир со осум, 16 или 24 екипи“