Нови пробни, или издишани балони за „Илирида“?
31 мај 2021Старата идеја со нови заложби за создавање „Република Илирида“, како политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија, повторно испливаа на јавната сцена. Темата е обновена на дебатата „Република Илирида - фундаментално решение за функционирањето на рамноправноста во РСМ“, што се одржа вчера во Тетово. Како што објави телевизија „Клан“, главниот мотив на учесниците бил да се реафирмира желбата на Албанците изразена на референдумот во 1992 година.
„Триесет години сме сведоци на жртвувањата, за да владееме заедно со другите народи во Македонија, но ова заедничко владеење не ги даде саканите резултати. Крајно време е за промени“, била пораката од дебатата.
ТВ „Клан“ ја пренесе изјавата на Неџат Беџети, претставен во дебатата како „претседател на Движењето Илирида“.
„Треба да се промени позицијата и статусот на Албанците во Македонија, бидејќи сме население со компактно распространување и голем демографски број. Меѓународните норми, Повелбата на Обединетите Нации и документите од Хелсинки ни даваат право да имаме автономно владеење и да ја имаме Република Илирида, која е израз на волјата на граѓаните – Албанци“, изјавил Беџети.
„Втора република"
Покрај реафирмирање на старата идеја, од „Движењето Илирида“ најавуваат дека се прават последни подготовки тоа движење да се регистрира како политичка партија, за да учествува на изборите.
„За да постигнеме регистрација како политичка партија и да учествуваме во изборите и изборната кампања, ќе го поднесеме барањето за федерализација на државата и ако ги освоиме гласовите на граѓаните, според автоматизам ќе го формираме Парламентот на Илирида, која ќе функционира како втора Република во рамки на Македонија“, изјавил Беџети.
Повеќе:
-Халили бара две во едно: Илирида и ПЈРМ во конфедерација!
-Идејата и промоторите на „Илирида“ прегазени од времето
-Демант на сооопштението на Илирида
Идејата за создавање „Република Илирида" не е нова, а циклично се реафирмира во турбулентни и сензитивни периоди за државата. Претходно, главен промотор за создавање на „Илирида“, беше некогашниот лидер на Партијата за демократски просперитет (ПДП), Невзат Халили. Неколку месеци откако Македонија прогласи независност, тој стана заштитен знак на референдумот на Албанците што се одржа на 10 и 11 јануари 1992 година, на кој тие се изјаснуваа за политичка и територијална автономија. Референдумот, на кој се тврдеше дека 99,9 отсто од Албанците кои излегле се изјасниле за самоопределување, од државата беше прогласен за нелегален. Сонот на Халили за „Република Илирида“ беше прекинат кон крајот на 1993 година со случајот „Паравојска“, кој обелодени сецесионистички планови и оружје наменето за одбрана на „Илирида“. Тој беше суден за случајот и обвинуваше за монтиран процес.
Исто како пред седум години
Ни во изминатите години Невзат Халили не се откажа од идејата за воспоставување на „Република Илирида" како втор столб во државата. Вчера беше најавен како учесник во новата дебата, а последниот негов јавен настап на оваа тема беше во септември 2014 година, период во кој се „калеше“ големата политичка криза. Тогаш тој одржа прес-конференција пред споменикот на Скендер Бег во Скопје, каде објави Декларација со која се прогласува Република Илирида.
„Ќе бараме од претседателот на Собранието ургентно да распише референдум за внатрешна територијална поделба на Република Македонија. Надворешните граници нема да се менуваат. Тие ќе останат исти. А внатре, во конфедерацијата, ќе бараме целосна демилитаризација. Идејата ќе ја спроведуваме со мирољубиви средства. Ќе бараме конфедерација во која ќе има рамноправност за сите. Секој со неговите инструменти во својот ентитет ќе може да ги реализира неопходните права“, изјавуваше тогаш Халили.
Аналитичарите тогаш оценија дека и идејата, и промоторите на Илирида се прагазени од времето. Воскреснувањето на старата идеја го оценија како типично однесување за поранешни политички „икони“ на радикализмот, кои во меѓувреме го изгубиле значењето и влијанието во политиката, па сакаат да најдат начин како да се вратат на политичката сцена.
Седум години подоцна, истата идеја се реафирмира во период кога е неизвесно дали ќе биде деблокиран почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, или тој процес ќе го почне само Република Албанија.