1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови тензии во Јужнокинеското Море

СН/емф/дпа/миа/афп27 мај 2014

Виетнам ја обвини Кина дека во Јужнокинеското Море потопила еден виетнамски рибарски брод. Инцидентот, во кој немало жртви, се случил во областа на која право полагаат и двете земји. Пекинг упати контраобвинувања.

Фотографија: picture alliance/AP Photo

Виетнам и Кина денеска (27.05) разменија обвинувања за потопувањето на виетнамскиот рибарски брод недалеку од кинеската нафтена платформа поставена во Јужнокинеското Море, во областа на која право полагаат и Ханој и Пекинг.

Виетнамските власти објавија дека 40 кинески бродови го опколиле виетнамскиот рибарски брод, како и дека еден од нив удрил во виетнамското пловило кое потонало. Во инцидентот немало жртви, а десетината виетнамски рибари биле спасени од другите виетнамски бродови кои се наоѓале во таа зона, соопштија виетнамските спасувачи.

Кинеската државна агенција Ксинхуа, повикувајќи се на официјални владини извори, објави дека виетнамскиот брод потонал откако „нападнал и се забил“ во кинески рибарски брод.

Десетици кинески и виетнамски бродови денеска се собираат во зоната каде што е поставена спорната нафтена платформа, каде доаѓа до меѓусебни провокации, судири и полесни судари. Виетнам и Кина за судирот меѓусебно се обвинуваат. Досега не потонал ниеден брод во меѓусебните судрувања.

Неименуван виетнамски функционер изјавил дека новиот инцидент се случил „недалеку од нафтената платформа“ којашто Кина ја постави на почетокот од мај во спорната зона околу архипелагот Парасел.

Од масовните антикинески протести во ВиетнамФотографија: DW/M. Brown

Поставувањето на платформата предизвика жестоко антикинеско расположение и масовни протести во Виетнам, најсериозни во последните неколку децении, поради што Кина ги евакуираше од оваа земја сите свои државјани.

Виетнам и Кина одамна се во конфликт околу архипелазите Парасел и Спратли, каде што морското дно наводно е богато со нафта, а претставува и важен меѓународен поморски пат.

САД ги повикаа двете страни на воздржаност, додавајќи дека ваквите спорови треба да се решаваат преку „мирен дијалог".

Во медиумските написи се истакнува дека кризата меѓу Виетнам и Кина избувна многу кусо време откако во регионот на својата азиска турнеја престојуваше американскиот претседател Барак Обама, кој вети дека Вашингтон ќе се придржува до својата обврска да ги брани сојузниците во регионот. Обама, исто така, додека престојуваше во регионот ја нагласи потребата од мирното решавање на различните спорови, вклучително и територијалните кои ги имаат американските сојузници со Кина во Јужнокинеското Море.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми