1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови тензии на Косово во пресрет на српските избори

Аурон Доди / Александар Методијев29 април 2012

Пред локалните, парламентарните и претседателските избори во Србија се вжештува ситуацијата меѓу Албанците и Србите на Косово. Убиството од почетокот на април и апсења потоа ја поттикнуваат несигурноста.

Фотографија: AP

На Косово деновиве преовладува голема несигурност. На почетокот од април во експлозија на бомба во северниот дел од Митровица во својот дом беше убиен еден фамилијарен човек, а повеќе негови роднини беа тешко повредени. Тој беше косовски Албанец кој живееше во северниот дел од поделениот град, кој е населен со мнозинство Срби. Се’ уште не е јасно кој и зошто го изврши нападот.

Гласините брзо се раширија наоколу – мора да биле радикалните Срби, кои сакаат да ги истераат Албанците од „својот“ дел од градот. Одтогаш се заостри состојбата во северниот дел од Косово. Албанскиот градоначалник на Митровица Авни Кастрати ги повика Албанците да се подготват да си ги заштитат фамилиите. На Косово таквиот повик значи: „Држете го вашето оружје подготвено!“ Од тогаш косовските медиуми известуваат за неидентификувани вооружени групи кои се појавуваат одеднаш на северот од Косово, каде живеат повеќе од 40.000 Срби.

Панични реакции

Авни Кастрати, градоначалник на МитровицаФотографија: Ahmet Jashari

Од крајот на косовската криза во 1999-та година, Србите од северот на Косово не ја признаваат ниту централната власт во Приштина, ниту независноста на Косово. Тие зборуваат за отцепување и приклучување кон српската „мајка земја“. Тоа во ниту еден случај не го прифаќаат косовските Албанци.

На 6-ти мај во Србија се одржуваат локални, парламентарни и претседателски избори и тензиите, кои се случуваат пред значајни настани во соседната земја, за Косово не се ништо ново. Но, овојпат состојбата е посебно нестабилна, забележува Сабине Фрејзер од Меѓународната кризна група.

„Мислам дека ситуацијата меѓу Србија и Косово се подобруваше се’ до март. Косово и Србија учествуваа во дијалог на високо ниво со ЕУ, која посредуваше, и тие направија одреден напредок преку овој дијалог, како договорот за регионално претставување на Косово. За жал, она што го гледаме по март е дека прво – дијалогот е суспендиран поради изборите во Србија и видовме брзо деградирање на безбедносната состојба, посебно во Северно Косово“, оцени Сабине Фрејзер за Дојче веле.

Повеќе меѓународни војници

Многу набљудувачи сметаат дека во моментов постои опасност во Косово да избие насилство помеѓу Србите и Албанците. Поради оваа причина е зголемен контингентот на меѓународните мировни сили кои се дел од КФОР. Така, до први мај на Косово доаѓаат 700 нови војници, од кои 550 од Германија и 150 од Австрија. Тие треба да асистираат при евентуалната ескалација на етничките тензии. Генералниот секретар на НАТО во понеделникот (23.04.) во Брисел изјави дека овој чекор е неопходен за да се одржува ситуацијата под контрола.

Несигурна состојба

Сегашното присуство на КФОР е засилено посебно во делови на Митровица со мешано српско-албанско население. Албанскиот градоначалник на Митровица Авни Кастрати е задоволен.

„Пристигнувањето на дополнителните трупи од Германија и Австрија е добредојдено, бидејќи тоа гарантира поголема сигурност на терен. Позитивната разлика ја воочивме веднаш по засилувањето на присуството на КФОР на северот“, изјави градоначалникот Кастрати. Но, КФОР би требал трајно да биде присутен и да ја исполни својата мисија за создавање на мирна и безбедна ситуација. „На северот од Косово тоа не се случи и поради тоа имаме ваква ситуација во која многу граѓани, кои не се од српска националност, не можат слободно да се движат и немаат пристап до својот имот“, забележува градоначалникот.

Српски барикади на мостот на ИбарФотографија: Ahmet Jashari

Притоа, проблемот на северот од Косово во прв ред е политички. Веќе 13 години во северниот дел на Митровица, населен со мнозинство Срби, постојат српски политички и економски структури кои се финансирани од Белград. Ниту мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС, речиси да нема влијание на северот од Косово.

Паралелни структури

Ситуацијата е отежната и од фактот дека Србите кои живеат на северот од Косово во меѓу време почнаа да го игнорираат и авторитетот на Белград. Тие се определени да спроведат свои локални избори, иако Белград советуваше да не се одржат, а Приштина се закани дека со сите средства ќе ги спречи изборите.

Сабине Фрејзер од Меѓународната кризна група смета дека Србите од Северно Косово имаат страв дека Белград ќе ги остави на цедило.

„Ако се одржат овие избори и не се признаени од Белград, тогаш ќе немаат никаква валидност. Тогаш, ќе се постави големо прашање – што би правел Белград подоцна со овие општини, кои во основа се нелегални, дури и во очите на Белград. Би било интересно да се види по изборите како Белград ќе се однесува со овие општини“, вели Фрејзер.

Таа смета дека треба да им се дозволи на Србите на Косово да гласаат на претседателските и парламентарните избори. Граѓаните со двојно државјанство можат да гласаат на Косово, како и дијаспората во останатите земји. Се’ уште е нејасно кој ќе ги организира овие избори. До сега нема резултат од неколкуте преговори меѓу ОБСЕ, кој ги понуди своите услуги, и засегнатите партии.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми