1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови фосили

25 јуни 2020

Големите очекувања од одложената промоција на фамозниот кандидат за премиер Албанец на крај завршија со едно големо „пих!” во ветер, распрснато во етерот уште пред Али да се врати дома. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Нашата политичка комедија е трагедија плус време. Така некако би гласел телеграфскиот опис на денешната комична карамкаша расцутена од некои дамнешни, помалку или повеќе заборавени колективни или лични трагедии. Во тие (нео)дамнешни трагедии, денес ги препознаваме корените на денешната комичност. Реанимацијата на ислужените ликови од 90-тите како надежи на новиот век наместо ентузијазам само придонесе кон отсликување на апсурдноста на часот. Но самата нивна појава и вадење од под прашливите чаршафи е причина повеќе за влијанието на клановите како константа на домашната политичка сцена.  Следењето на партиските дебати е ионака спорт наменет за наивни читатели и мрзливи новинари. Но политиката на клановите, е тоа е веќе нешто сосема друго, лизгаво, аморфно, мистерија обвиена во енигма, заклучена во матрошка.

Големите очекувања од о-ла-ла одложената промоција на фамозниот кандидат за премиер Албанец на крај завршија со едно големо „пих!” во ветер, распрснато во етерот уште пред Али да се врати дома. Насер Зибери не е надпартиски кандидат, туку бона-фиде наемник на ДУИ и човек кој со СДСМ гаи взаемно познавање подолго и подобро од Зоран Заев со Рашковски и Царовска. Зибери нема да привлече еден единствен проопозициски глас, ниту пак ќе влијае битно врз неопределените. Но тоа ионака не е целта на ДУИ.

За да се разбере мотивот за изборот на Зибери, корените треба да се бараат во настаните кои претходеа. Некои од нас паметат дека Зибери во раните 90-ти години освен со Црвенковски, беше (и сеуште е) мошне близок и со Сулејман еф. Реџепи, и двајцата по потекло од блиски села во Скопско. За Албанците, посебно оние кои ги следат метаморфозите на албанската политичка сцена од раните 90-ти, ова е добро разбирлив податок. За Македонците тоа сеуште е тема заклучена со „е, што има врска?”. Врската е секако во две димензии: носталгичната нота на ПДП која низ конзервативните средини сеуште се смета како златен стандард на политиката и влијанието на мрежата на ИВЗ втемелена од Реџепи и култивирана низ блискоста со Зибери.

За разлика од мистично-прагматичниот преплет на односите во ДУИ, состојбите во опозициските редови се полесно објасниви. Во случајот на ВМРО-ДПМНЕ, за тоа можеме да им се заблагодариме на изјавите на кандидатите Гордана Сиљановска и Алексанар Николовски. Кои во рок од 24 часа ја ставија на увид на јавноста Сорос-комитската пиџур идеологија во која, чинам, ни тие самите не би успеале да најдат каде е главата а каде опашот. Додека Сиљановска со сите сили се обидува да се определи помеѓу граѓанското и националното (при што повеќе наликува на бранител на Северна отколку Македонија), Николовски со неговите заложби за ново, уште појако „македонско национално единство” само ја засили битноста на прашањето: врз кој Устав, доколку победи, Мицковски ќе ја стави раката на заклетвата?

Други колумни од авторот:

Говедо да е ...

СДСМ-овска осмица со кромид

Доналд во стапицата на трампизмот

Од Албин не бива Сали

Едноставното, податливо, објаснување за идејниот миш-маш во главата на ВМРО-ДПМНЕ би било дека тоа е пристап смислен по пазарска тезга на нудење на сите по малку, па кој што сака. Реалните причини ќе да се малку поинакви. Христијан Мицкоски, умилно од своите следбеници именуван како „професорот” е сепак првиот не-Војвода на чело на ВМРО, од времето на Даскалот. Троа принуден од потребата за давање нов лик пред странците, троа мотивиран од семејната академска нишка, Мицкоски сака да се види, препознае и биде прифатен како лидер на една нова ВМРО. Која секако не е по вкус и мерак на братијата со тесни маички и зарипнати гласови кои сеуште копнеат по Груевски, Војводата, а во Николовски сакаат да го препознат Капиданот. Сред сите огромни разлики – цивилизациски и концептуалани – овие две групации се сепак споени во едно. Сомнежот е дали посакуваната победа на Мицкоски ќе остане негова и по изборите?

Ни албанската опозиција не е далеку од споделувањето на истиот сомнеж, но по различна основа. Едвај стокмената зорт-коалиција помеѓу Алијансата на Албанците и Алтернатива можеби ги надмина меѓупартиските разлики, но внатрепартиските прикриени апетити останаа нечепнати. Иако Зијадин Села и Африм Гаши се легално-правно-популарно прифатени водачи, и двајцата се во чекор следени и демнети од нивните не толку верни, но наметливи сенки на Арбен Таравари и Зејд Реџепи кои ја уживаат подршката или симпатиите на македонските партии. Кои во нив препознаваат за ВМРО и СДСМ поприфатливи, попослушни и полесно манипулативни соработници од што се Села и Гаши. Нивната прифатливост е засега определена од потребата за одземање гласови од ДУИ. Но потоа, се знае, следи медиумската кампања за „полудените национал-популисти Села и  Гаши за разлика од современите и разумни кои ја сакаат Македонија”.

Иако популарна, традиционалната наратива за расколот помеѓу клановите на Заев, Шеќеринска, Спасовски, Максим, соросоидите, галичаните, мијаците и Крсте Муковски е веќе одамна passe. Галиматијасот тековен во Бихаќка е израснат до такви димензии на хаос што клановите веќе чарето си го бараат во комшии. За некои можеби е апсурдно што една архи-СДСМовка како Сиљановска денес ги брани боите на ВМРО во дуел со архи-ВМРОвецот Димитров на прекоманда во СДСМ. Но што е тоа во споредба со обвинувањата и јавните сомневања дека Црвенковски е денес советник на Мицкоски со кого ја крои мрежата околу веќе ионака очајниот и видливо гневниот Заев?    

Би можеле да набројуваме и други, не помалку горко-слатки сведоштва за тивкото трулеење на политичките партии на домашната политичка сцена. Метастазата на клиентелизмот и тезгаџиството доведе до навидум чудната, но очекувана бифуркација на кланските струења. Кои под оправдание за „предавството на партијата” ја легитимираат „бласфемијата” за духовно, ако не и гласачко, шурување со доскорешниот архи-ривал. Во таа променада помеѓу партиски подруми, нема некоја подлабока филозофија освен онаа за пресипување од шупливо во празно. Тоа се сепак само црви. Вистинската приказна е за трулеењето на партиите сами.   

Сегашната споделена потреба на ВМРО, СДСМ, ДУИ да од нафталин ги вадат новите фосили на пост-комунизмот е парадоксално, накарадно признание дека ерата на „дајте нови деца” не донесе ништо ново, никаков квалитет освен возрасно и политички недоквакани старо-мали дечишта без скрупули и знаење. Посакуваната цел, да преку форсирање излитени ликови дадат призвук на „мудрост, искуство, сериозност” на крај само ќе предизвика цунами на сеќавања за нивните дамнешни младости во кои – фискално и морално - и не се разликувале баш премногу од сегашните јунгер-политиканти. Форсирање на ликови од 90-тите (Сиљановска, Зибери, Димитров) е рефлексија на застарувањето на гласачкото тело, не кои му се сервира нешто ново а старо, нешто иновативно а прочитано, нешто фенси но излитено. Нивната појава и реанимација не е предвесник на созреаност, туку напротив – потврда за беспатието по кое талкаме.  

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Мицкоски ќе може уште малку да глуми недоветност дека во Северна Македонија сеуште постои поделба помеѓу македонски народ и албанско малцинство, наместо нација на Северна Македонија составена од две етнички заедници. Заев ќе може уште малку да се самозалажува дека со грст полугладни, јадни Сејдо Бајрамовиќи партијата му станала мултиетничка. Ахмети може уште малку да се надева дека со „уште овој пат да победиме” ќе си купи доволно време за да манускриптите на злосторствата застареат. Сите нив, зад врата ги чека малтешкиот тест на кој Груевски падна и си ја скрши ем кариерата ем партијата. Оној тест, од февруари 2017 во кој на Груевски на Малта му беше понудено да се повлече за партијата да му остане на власт. Груевски одби. И не научи. Заев прослави. И заборави. Али гледаше. И не виде. Дека со таа понуда, Западот разбра  дека кај нас нема политички партии како институции, туку само фан групи, навивачи, гладни усти за хранење и безглави раце за гласање.  

Не знам дали очебијните сличности помеѓу сегашностите во Америка и Македонија се само случајности или пак со заговорна теорија кажано – происход на експерименти избегани од контролата на тинк-тенк лабораториите. Едно е сепак сигурно, демократијата во САД не ја сруши Трамп, ниту пак во Македонија Груевски, Ахмети и Заев. Туку оние кои уште од 90-тите градеа култура на лажење дека за да има демократија, треба да има помалку демократско одлучување во изборот на претставништвото. Но демократијата, здрава и силна, опстои врз и цути низ борба на политички партии, а не кавги помеѓу мизансценски профитерски кланови. Нашите партиски водства не можат да си дозволат да ја увидат баналната вистина – дека рушењето на демократијата го обесмислува и постоењето на партиите како нејзини репрезенти. Со далеку посериозни последици. Она што сега се руши во САД и Македонија не е ионака отепаната демократија туку концептот на Републиката. Изборот на партиите, т.е. клановите, е само предвесник за удирањето по нејзините темели.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми