1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новогодишни пакетчиња „тешки“ илјадници евра

ДТЗ
14 јануари 2022

Државните институции потрошиле 72 илјади евра за новогодишни пакетчиња. Најмногу пари, околу 10.000 евра потрошил Град Скопје, а најмногу пакетчиња купиле општините Кавадарци и Прилеп.

Deutschland Weihnachtsgeschenke unter dem Weihnachtsbaum
Фотографија: Imago Images/Geisser

Државните институции потрошиле 72 илјади евра за новогодишни пакетчиња за децата. Најскапи пакетчиња купила Општина Новаци, по 1 377 денари за едно пакетче, а вкупно најмногу пари за пакетчиња - околу 10 000 евра, потрошил Град Скопје. 

Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кој укажува дека за разлика од откажаното украсување на градовите и општините за дочекот на Новата 2022 година, државните институции не се откажале од набавката на новогодишни пакетчиња. 

Најмногу пакетчиња во Кавадарци, најскапи во Новаци

Најмногу пакетчиња, 3.274 купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена. Блиску, според бројот на купени пакетчиња е и Општина Прилеп со 3.030. Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1.377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, односно околу 10.000 евра потрошил Град Скопје.

Некои институции купиле по неколку видови пакетчиња, поевтини и поскапи. Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци спаѓаат и Општина Битола по цена од 1.050 денари, Град Скопје по цена од 973 денари, М-НАВ по 853 денари и Министерството за одбрана (МО) по цена од 840 денари. Просечната цена што институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари.

Што покажуваат тендерите?

Тендери за купување на пакетчиња за новата 2022 година имале 20 институции, додека други 37 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавните набавки, бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра - колку што изнесува вредносниот праг под кој не важи Законот за јавните набавки. Сепак, и некои од институциите што спровеле тендер набавиле пакетчиња за помалку од илјада евра, но решиле тоа да го направат со примена на Законот за јавните набавки поради поголема трнаспарентност.

Вкупната сума пари потрошени за пакетчиња за новата 2022 година изнесува 72.571 евра, но се очекува оваа вредност да биде уште поголема, бидејќи некои институци се уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена, укажуваат од Центарот за граѓански комуникации.

На повеќе од две третини (68 %) од тендерите за набавка на новогодишни пакетчиња била добиена само по една понуда, на помалку од една третина од тендерите имало по две или три понуди. Меѓу фирмите од кои се набавувани новогодишните пакетчиња убедливо води Колид од Колешино од каде се купени една четвртина од пакетчињата.

Основа за пресметка на трошењата на институциите за новогодишни пакетчиња се податоците од вредноста на склучените договори за јавни набавки објавени на Електронскиот систем за јавни набавки. Нема податоци дали институциите ги купиле сите договорени количини на пакетчиња. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми