1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новогодишни пораки од Пендаровски, Заев и Џафери

ЖА
31 декември 2020

Желби за здравје и среќа на сите граѓани и повик за сплотеност во надминување на последиците од пандемијата доминираат во новогодишните обраќања на претседателот на државата, премиерот и собранискиот спикер.

Nord-Mazedonien | Stevo Pendarovski, Staatspräsident
Фотографија: The Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

„2020-та беше една од најтешките години од македонската независност. Ја поминавме во постојана тензија помеѓу стравот и надежта. Стравувавме за нашето здравје и животи. Бевме загрижени и за економијата, за работните места, многу лични и професионални планови беа одложени. Но, најтрагично од сè, многу човечки животи беа изгубени", вели претседателот Стево Пендаровски во новогодишната честитка до граѓаните.

„Пандемијата покажа колку сме ранливи како луѓе. Истовремено разоткри и многу системски слабости што се извор на социјална нееднаквост и неправда. Не е утеха што овие слабости се покажаа и на многу други места во светот, не само кај нас. Но, во сета таа болка и страв низ кои поминавме, имавме и причини за надеж. Таа надеж ни ја даваа нашите херои, здравствените работници, кои секојдневно, пожртвувано се борат за здравјето и животот на секој пациент, дури и на новогодишната ноќ. Надеж ни даваа и хуманите луѓе со големо срце со своите донации и волонтерите со својата посветеност. Надеж ни даваа и оние кои и во вакви услови се бореа за социјална правда и достоинствен живот“, истакнува Пендаровски.

Не можеме со сигурност да знаеме што нé очекува во годината која е пред нас, но во ова време на неизвесност, една работа е извесна – кризата нè менува сите, постепено, секој ден и од нас самите зависи дали од неа ќе излеземе разединети и рамнодушни или сплотени и солидарни, вели Пендаровски.

„Треба да знаеме дека секое добро дело продолжува да живее во луѓето на кои сме им помогнале и за кои сме се грижеле. Пандемијата ќе помине. Ќе дојдат подобри денови. Ќе можеме да бидеме заедно, без страв. Но, и тогаш не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции. Мора да сме системски подготвени за следната криза, мора да ја закрепнеме економијата, да ја искорениме неправдата, да ги надминеме поделбите, да ги залечиме овие рани. Сите ние заслужуваме многу повеќе радост и среќа", порачува претседателот Пендаровски.

Заев: Погледот е свртен кон Европската унија

И премиерот Зоран Заев акцентот на своето новогодишно обраќање го става врз пандемијата, но и врз целите во 2021 година:

„Старата поговорка вели ‘на мака се познаваат јунаците' – така и оваа мака ни покажа многу јунаци на првата борбена линија, ама ни покажа и солидарност, човечност и нѐ потсети колку е важно да помагаме. И на здравствен и на економски план, Владата одговори со навремени и сеопфатни мерки –обезбедивме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Во креирањето на мерките не се водевме од принципот или-или, туку И здравје, И социјална сигурност. Обезбедивме егзистенција за голем број граѓани, се зачуваа работните места и се одржува кондицијата на економијата", наведува премиерот Заев, оддавајќи им признание на луѓето на првата „борбена линија" – на пожртвуваноста на здравствените работници, ангажманот на припадниците на Армијата, на полицијата, на медиумските работници.

Македонскиот премиер Зоран Заев повикува на мобилизација против лажни вестиФотографија: Umeys Sulejman/picture alliance/AA

„Идната, 2021 година, ќе биде година на вакцинацијата и на излез од коронавирус пандемијата. Вакцините се можност да заштитиме животи и повторно да си го вратиме вообичаениот начин на живот. Можност да ја надминеме оваа здравствена криза. Сепак, на нашиот пат до здравје и сигурност, водиме битка и со една од најопасните појави на новото време – феноменот на дезинформациитеили фаличните вести. Целта на оние што ги создаваат е да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата. Затоа, ги повикувам сите граѓани и демократски сили во земјата, да ја насочиме целата светлина врз вистината, за лагата да потоне во мракот и заборавот.

На патот до безбедност и сигурност, во 2020 година се оствари нашиот стратешки сон и се придруживме на големото наше семејство. Македонија е членка на најмоќниот воено-политички и безбедносен сојуз – НАТО", вели Заев, истакнувајќи дека сега погледот е свртен кон Европската унија, а членството на земјата во неа нема алтернатива.

„Ништо нема да нѐ запре да чекориме напред, затоа што како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик, рамноправни со останатите европски народи. На тој пат продолжуваме да градиме пријателство и меѓусебна доверба со сите наши соседи", вели премиерот Заев во новогодишната честитка.

Талат Џафери - надминување на пандемијата и членство во ЕУ клучни приоритетиФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Џафери: Две стратешки цели

И претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, упати видео честитка до граѓаните на земјата за новата 2021 година, посакувајќи им сѐ најдобро на индивидуален и фамилијарен план.

Џафери нотираше две стратешки цели: надминување на пандемиската состојба со доаѓање на вакцините и реализирање на определбата за членство во Европската унија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми