Новогодишни традиции низ Европа
30 декември 2015Секоја година истата игра - токму на Нова Година луѓето одеднаш стануваат суеверни и низ цела Европа ги практикуваат и оживуваат старите и делумно чудни обичаи за успешен влез во Новата година.
На пример, во Шпанија. Целата земја во новогодишната ноќ втренчено гледа во часовникот:1 2 удари на часовникот значат вовед во новата година, а непосредно пред нив се јадат 12 зрна грозје, што наводно носи среќа.
„Мораме да ги изедеме пред да почне Новата Година, во секоја секунда едно зрно.“
Прилично голем предизвик, чија последица е што секоја година во страв од несреќна година, многумина Шпанци се засркнуваат со грозје. Биењето на ѕвоната на мадридската општинска зграда во меѓувреме е забавено, па така сега за јадење на 12 зрна грозје има половина минута време.
Дагмар Хенел, културолошки антрополог од Покраинското здружение Рајнланд, објаснува:
„12 е број полн со симболика. Таа се отсликува и во 12-те месеци, а со нив и во годишниот круг, кој истовремено завршува и почнува наново во новогодишната ноќ.“
Следна станица: Велика Британија - на целиот остров на сите прослави во новогодишната ноќ не смее да фали една песна. Кратко по полноќ следува „Auld Lang Syne“.
„Дали треба да биде заборавена старата блискост, станува збор за минатото и сеќавањето на луѓето кои веќе ги нема, кои веќе не се тука. Луѓето стојат фатени рака под рака во круг и се нишаат во ритам на музиката,“ објаснува една постара Британска за што станува збор во песната.
Во меѓувреме оваа песна се пее на Нова Година во цел свет. Текстот е всушност песна на Шкотлаѓанецот Роберт Барнс, отпеан на стара келтска мелодија.
Во Шкотска "„uld Lang Syne“ е дел од прастарата новогодишна прослава „Hogmanay“. Таа почнува на 30 декември со поворка со носење факели, како на пример во Единбург.
Оној кој во Шкотска сака да им посака среќа во новата година на соседите, ги посетува носејќи малку виски, пециво со суво грозје и парче ќумур.
Италија, католичка земја со вистински фриволен новогодишен обичај.
Овде во новогодишната ноќ се носи црвена долна облека, која изгледа убаво и наводно носи среќа.
Овде можете да го погледнете видеото:
Дагмар Хенел, културолошки антрополог од Покраинското здружение Рајнланд, истакнува:
„Мислам дека тоа има врска со славењето, опуштеноста, црвената е исто така многу симболична боја, која е поврзана со еротиката, со силата на привлечност, со сексуалноста која се доживува на оваа прослава.“
Во Германија во новогодишната ноќ се гледа телевизија, посебно скечот „Вечера за еден“ од 1963 година. Еден батлер на својата газдарица и‘ импровизира роденденска вечера со нејзините починати пријатели, а по извесно време тој е целосно пијан. Скечот потекнува од еден британски комичар, но стана познат само во германското јазично подрачје.
Обичајот за леење олово настанал уште во стариот Рим. Се топи парче олово, а потоа се лади во студена вода. Настаната фигура навестува што не‘ очекува во следната година.
„Сите ние радо би погледале во иднината, зашто е неизвесно што ќе донесе таа. Завршетокот на нешто старо и почетокот на нешто ново е класичен повод за одреден ритуал. Ние правиме работи кои ни даваат извесно делче наводна сигурност, на што не‘ наведува потребата,“ вели Дагмар Хенел, културолошки антрополог од Покраинското здружение Рајнланд.
Постојат мноштво различни европски обичаи, но кога веќе ќе стигне преминот во новата година, во цела Европа на први јануари постои традицијата на новогодишно капење. Најхрабрите во Рим скокаат во реката Тибер, а на брегот на Северно Море во Холандија илјадници луѓе скокаат во студената вода, која наводно ги брише старите гревови и носи среќа во новата година.